Играта помеѓу спортските Давид и Голијат секогаш привлекува внимание и патем раскажува приказна за тоа како можат малите да ги победат големите, но сега веќе условно мали, оти сѐ повеќе е јасно дека поделбата се прави само и исклучиво според квалитетот. Разликата веројатно ја прават сонувачите. Спортските соништа, очигледно, се исполнуваат. Секако, не сами од себе. Напротив. Тие се плод на макотрпна секојдневна работа со години, па кога некој ќе каже дека го исполнил сонот, тоа само и единствено значи дека во тоа вложил сѐ од себе, но и дека тој успех е само врвот на една спортска пирамида
Сѐ почнува со сонот. Софија Кенин, 21-годишната американска тенисерка, по триумфот на Австралија опен пред неколку дена, изјави: „Не сум изненадена, ова е исполнување на мојот сон, отсекогаш сонував за овој момент“. Како дополнување, таа на патот кон својата прва гранслем-титула, меѓу другите, ја победи и светската тенисерка број еден.
Пред неколку години спортската година ја обележи англискиот фудбалски клуб Лестер, како симбол на изненадувањата, како пример за спортска бајка, како показател за спортска борба против гигантите, како уникатен модел на идеја, програма, но и пркос, секогаш раздвижувачкиот спортски инает, како илустрација на тој спортски сон. Уште тогаш многумина велеа дека ваква приказна (клубот ја освои англиската фудбалска титула) којзнае кога ќе се случи повторно. Но…
Играта помеѓу спортските Давид и Голијат секогаш привлекува внимание и патем раскажува приказна за тоа како можат малите да ги победат големите, но сега веќе условно мали, оти сѐ повеќе е јасно дека поделбата се прави само и исклучиво според квалитетот. Разликата веројатно ја прават сонувачите, а во тој свет, што е ако не е големо изненадување и доказ за исплатливоста на сонувањето примерот на Нотингем Форест, на пример?
Тој англиски фудбалски клуб, кој сега игра во Втората лига (т.н. дивизија Чемпионшип), во 1975 година го освои 18-то место во истата таа второлигашка конкуренција. Но тогаш почнува еден неверојатен раст, во време кога неприкосновен во Англија, токму како и сега, беше Ливерпул, кој од 1973 до 1980 година освои пет англиски титули, двапати беше вицешампион на Англија и зеде две европски круни. Но Нотингем Форест имаше свој план и сѐ што е потребно од состојките на рецептот за успех. Така, тимот во 1977 година влегува во елитата, во 1978 година станува првак на Англија, а во 1979 година ја освојува европската титула. Неверојатен експресен успех. Но клубот не запира тука, па во 1980 година одново станува првак на Европа и со тоа до денес останува единствен фудбалски клуб во светот што има повеќе континентални титули отколку домашни (2-1). И сето тоа откако на чело застана менаџерот Брајан Клаф, човек со идеја, дрскост, пркос, но секако и со знаење, визија… „Верувај дека можеш и веќе си на половина пат дотаму“, рекол Теодор Рузвелт, поранешен претседател на САД.
Спортските соништа, очигледно, се исполнуваат и понатаму. Секако, не сами од себе. Напротив. Тие се плод на макотрпна секојдневна работа со години, па кога некој ќе каже дека го исполнил сонот, тоа само и единствено значи дека во тоа вложил сѐ од себе, но и дека тој успех е само врвот на една спортска пирамида.
Тоа се случи и со Лестер и со многу други „лестери“, и ќе се случува одново и одново. Тие големи успеси на малите се тоа што дава гориво за поголема работа на сите во една средина, затоа што нема послатка победа од таа против поголем од себе.
И во Македонија има примери за вакви достигнувања, од далечното минато тоа се, на пример, одбојкарски, ракометни, фудбалски и кошаркарски клубови со врвни резултати и на меѓународната сцена, многу поединци-медалисти од големите меѓународни натпреварувања, а, секако, има примери и од поново време. За сите нив заедничко е тоа што секогаш се присутни сите елементи, од вистински луѓе на вистински места, преку долгорочна работа, а пред сето тоа организација, стручност… А колку е повисока целта, толку ќе биде повисок и успехот.
Парите се важни, но не се секогаш клучни за успех на теренот. Секако, сонувањето е составен дел, но не декларативниот, туку тој сочинет од тежнеење, упорност, спортска дрскост, спортски инает, дисциплина, самомотивација, посветеност, откажување, илјадници тренинзи и работа по нив, многу посветена работа, без застој, без компромис. „Макотрпната работа ќе го победи талентот, кога талентот не работи макотрпно“, рекол кошаркарот Кевин Дурант.
Но сето тоа не е можно и без мозаикот од идејни творци, одлични организатори, врвни стручњаци, лична иницијатива…, а двата сегмента се тие што ќе го понесат идниот првак кон тронот. „Разликата помеѓу невозможното и возможното лежи во одлучноста на човекот“, вели славниот американски бејзбол-играч Томи Ласорда.
Секако, еден од елементите што носат успех е и форсирањето на младите, но и важноста да се истрпат нивните грешки, неискуство, незнаење… поради повисоки цели, кои ќе се остварат подоцна, но ќе се остварат со поголема веројатност отколку ако не се примени ова непишано правило. Со тоа ќе добијат младите, клубовите и македонскиот спорт, а тој импулс потоа станува како перпетуум мобиле, нешто за што има примери во Македонија, каде што младите се на првото место, нешто што треба да се искористи како пример за спортски напредок, како спортски модел.
„Единственото место каде што победата доаѓа пред работата е речникот“, рекол славниот тренер во американски фудбал Винс Ломбарди.