Она паркинг-место на самата улица, помеѓу спортскиот центар „Борис Трајковски“ и аквапаркот, покриено со тенди, не е саем. И затворената ВИП-арена што се користеше за оваа намена пред пандемијата не беше саем. Затоа што саем е институција, а ние треба да си признаеме дека немаме саем откако пред неколку години, надвор од секој здрав разум, беше урнат единствениот Скопски саем
Долгоочекуваната недела за сите љубители на книгата, Саемот на книгата, и годинава донесе грст нови и веќе познати наслови, убаво спакувани изданија, одлични наслови, квалитетни преводи… Домашните издавачки куќи, од она што можеше да се забележи, сѐ повеќе посветуваат внимание на изборот на насловите од различни жанрови и на ликовно-графичкото уредување и дизајн на книгите. Не претерано богата понуда на книги, но внимателно конципирана и симпатично претставена. Издавачите како најпосле да сфатија дека хиперпродукцијата, по правило, цели на медиокритетска читателска публика без критериум и знаење, па сѐ помалку се обидуваат да ѝ подметнат сѐ и сешто на онаа култивираната, од лоши преводи и нечист македонски, до евтина и пожолтена хартија.
Сепак, генералната слика беше следна: читатели и посетители во жалосно мал број, празни штандови, малку ќесиња со книги на излезот од саемот. Во последните денови и видно опаднат ентузијазмот на сопствениците на издавачките куќи и на продавачите, кои се обидуваа да ја оправдаат малата посетеност со пандемиските мерки, ама, се чини, не беше до тоа.
Веројатно и самите беа свесни. Она паркинг-место на самата улица, помеѓу спортскиот центар „Борис Трајковски“ и аквапаркот, покриено со тенди, не е саем. И затворената ВИП-арена, која се користеше за оваа намена пред пандемијата, не беше саем. Затоа што саем е институција, а ние треба да си признаеме дека немаме саем, откако пред неколку години, надвор од секој здрав разум, беше урнат единствениот Скопски саем.
Скопје остана без саем и ниеден друг импровизиран простор не може да го замени тој простор. Со или без пандемија. Затоа што оние тезги со книги покрај улица не може да се наречат саем на книга. Особено не ако знаеме каков саем имавме претходно: неколку пространи хали со огромни изложбени простори, со разновидни содржини за сите возрасти, со претставување нови книги, дружење и разговор со писатели, состаноци на издавачи, книжарници и библиотекари, книжевни читалници и работилници, тркалезни маси, награди, странски излагачи, организирани училишни посети, промоции, турканици за влез… Сето тоа придонесуваше за своевидна популарност на тоа да се отиде на саем и да се купи понекоја книга, некој од вистинска љубов кон книжевноста, некој заради мода. Сеедно. Сликата не беше вака тажна и создаваше барем привид дека, сепак, сме присутни на мапата на светското издаваштво, иако не она од големи размери.
Нашиот саем на книгата нема ни почесен гостин, некоја национална литература, каков што имаат сите книжевни саеми во светот (и во околината), нема ни странски издавачи, иако со години никој не се осмелува да ја отстрани ознаката „меѓународен“, како да ќе опадне „рејтингот“, нема ни писатели, странски инцидентно, а и домашни сѐ поретко. А сѐ уште во најавите го нарекуваме најмасовната и најреномирана книжевна манифестација во земјава, иако ни оддалеку не е тоа.
Годинава двапати бев на „саемот“ на книга. Веројатно, по оној впечаток, ќе отидев само еднаш да немав професионални обврски. Или ниеднаш, да немав толку
многу драги пријатели меѓу писателите и издавачите, кои и покрај сѐ безрезервно работат на издигање на свеста за важноста на книгите и на читањето, дури и во вакви недостојни услови
Франкфуртскиот саем на книгата, на пример, секоја година наесен собира повеќе од милион посетители, повеќе отколку што има жители градот! Таму одат издавачите да купат или продадат авторски права на новите книги, да се запознаат со најновите меѓународни трендови во издавачката бранша и со познати, но и со нови писателски имиња од целиот свет, бидејќи овде, повеќе отколку на кое било друго место, се гледа иднината на книгоиздателството. Лајпцишката смотра на книги, пак, отсекогаш била место за непосредно собирање на писателите и читателите. Таму манифестациите се одржуваат не само на саемот туку и во книжарниците, библиотеките, факултетите, базените, во зоолошката градина, па дури и во фризерските салони!
Одржување саеми на книгата е традиција, а доказ за тоа е дека, и покрај сѐ поголемиот замав на електронското издаваштво, интернетот, дигитализацијата и мултимедијалноста, светските саеми на книгата жилаво опстојуваат и секоја година приредуваат сѐ подобри изданија и ја зголемуваат бројката на посетители. Светот знае дека иако живееме во жестока превласт на дигитализацијата и дека културата треба се шири, мора да постои елитизам, уметноста мора да зачува една област до која ќе се доаѓа само со напор и со духовно издигнување, затоа што во спротивно – нема уметност.
Годинава двапати бев на Саемот на книга. Веројатно, по првиот впечаток, ќе отидев само еднаш да немав професионални обврски. Или ниеднаш, да немав толку многу драги пријатели меѓу писателите и издавачите, кои, и покрај сѐ, безрезервно работат на издигање на свеста за важноста на книгите и читањето, дури и во вакви недостојни услови.