Некои европските партнери на НАТО стравуваат од внатрешниот предизвик што го поткопува сојузничкото единство во период на голем подем на Русија и од забрзаното етаблирање на Кина како главен глобален играч. Станува збор за предизвикот што доаѓа од Вашингтон, односно од неговиот шеф – претседателот Доналд Трамп, и од неговата нејасна, непредвидлива и често контрадикторна политика кога станува збор за иднината на НАТО
Седум децении сојузништво. Седум децении предизвици, подеми и падови. Седум децении проекција на моќ на глобалната сцена. Вака накратко може да се опише 70-годишното постоење на НАТО, најмоќната воена алијанса во историјата што излезе како победник од Студената војна, исцрпувајќи го до распаѓање геополитичкиот ривал СССР кон крајот на минатиот век. За многумина на Западот, особено во западноевропските земји, Алијансата имаше (и сѐ уште има) големо значење во обновата по ужасите од Втората светска војна, зацврстувањето на парламентарната демократија и пркосењето на обидите на Советскиот Сојуз за ширењето на неговата визија за праведен свет и глобална рамнотежа.
Низ целиот овој период, НАТО се соочи со повеќе предизвици – Берлинскиот ѕид, кубанската ракетна криза, војните во бивша Југославија, косовското прашање, Ирак, Либија, Сирија, Украина… Листата е подолга. Воениот сојуз излегуваше како победник од овие кризи, иако можеби не ја добиваше секогаш и титулата „морален победник“, а бројот на земји-членки постојано се зголемува. Руската анексија на Крим и разгорувањето на украинската криза значително ги мобилизираа „редовите“ на НАТО, а оваа нова рунда од геополитичкиот меч меѓу САД и Русија повторно го врати фокусот на Европа, по повеќегодишното окупирање на вниманието со Блискиот Исток и Арапската пролет.
Но многумина стравуваат, особено некои од европските партнери на НАТО, од внатрешниот предизвик, што, според некои, го поткопува сојузничкото единство во период на голем подем на Русија, и од забрзаното етаблирање на Кина како главен глобален играч. Станува збор за предизвикот што доаѓа од Вашингтон, односно од неговиот шеф – претседателот Доналд Трамп, и од неговата нејасна, непредвидлива и често контрадикторна политика кога станува збор за иднината на НАТО. Оправдано или не, Трамп во повеќе наврати ги заплашува европските сојузници дека нема да може да сметаат на американската континуирана заштита, ако не преземат поголем дел од (финансискиот) товар што го носи членството во моќната, но и очигледно скапа воена алијанса. Шефот на Белата куќа дури и отворено го доведе во прашање членот 5 од Северноатлантската повелба, кој се однесува на заемната одбрана и заеднички воен одговор во случај на напад на некоја од земјите-членки, член што досега само еднаш беше повикан – во случајот со терористичките напади врз САД од 11 септември.
За тоа дека односите се далеку од сјајни, розови и идеални, посведочи и лично самиот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во своето обраќање пред американскиот Конгрес по повод 70-годишнината на Алијансата. Па така, Столтенберг порача: „Се поставуваат прашања од двете страни на Атлантикот за силата на нашето партнерство. Да, постојат несогласувања. Меѓутоа, отворените дискусии и различни ставови не се знаци на слабост, туку спротивно, тоа е знак на сила“. Првиот човек на НАТО беше доволно искрен (и храбар) и да укаже на прашањата за кои постојат несогласувања – трговијата, енергијата, климатските промени и иранската нуклеарна програма.
Од друга страна, парафразирајќи ја изјавата на Помпео, дека силата е во бројките, нашата вистинска заложба треба да биде тоа да го покажеме, но на планот на економијата и низ бројките на порастот на македонскиот БДП. Тие бројки да бидат колку што е можно повисоки и на тој начин да го оправдаме и да го браниме нашиот статус во меѓународните организации
Каде сме ние во оваа цела воено-геополитичка приказна? Нашата земја забрзано се приближува кон полноправното членство во НАТО. Протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата досега го ратификуваа девет земји, а се очекуваше Полска вчера да биде и десеттата членка што ќе го стори тоа. Тоа значи дека нашата земја досега собра една третина од потребните „потписи“ за да стане 30-та членка на НАТО. Се очекува процесот да заврши до крајот на годинава, најверојатно пред одржувањето на специјалниот годинашен самит во Лондон во декември.
Нашето членство во НАТО носи повеќе придобивки, но и предизвици. Северна Македонија влегува во колективен систем на безбедност, со 70-годишна историја, кој е многу побезбеден за нашата мала држава отколку да се брани сама. Покрај безбедносните поволности, членството би требало да обезбеди и поповолна бизнис-клима, од која ќе имаат корист нашите бизниси и нашата економија како целина, која сигурно ќе се искачи погоре на радарот и меѓу приоритетите на странските компании и инвеститори.
Северна Македонија е можеби мала земја, но не и безначајна, а геополитичките моќници добро го знаат тоа. Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео порача дека „силата е во бројките, а со Северна Македонија, НАТО ќе има 30 члена“. Но, од друга страна, сосема илузорно и погрешно е да седиме со скрстени раце и да очекуваме некој друг да ни ги реши нашите домашни задачи, на планот на демократијата, владеењето на правото, борбата против корупцијата и најмногу на полето на економијата. Држава со проблеми во сите овие области им е само товар и на НАТО и на ЕУ и никој нема да ја сака во своето друштво. Оттаму, парафразирајќи ја изјавата на Помпео, дека силата е во бројките, нашата вистинска заложба треба да биде тоа да го покажеме, но на планот на економијата и низ бројките на порастот на нашиот БДП. Тие бројки да бидат колку е можно повисоки и на тој начин да го оправдаме и да го браниме нашиот статус во меѓународните организации.