Ова жигосување на деца во компромитирачката мрежа е последниот аларм што јасно укажува дека итно е потребно да се воведе едукација во училиштата за тоа што значи приватност, како да се однесуваат на социјалните мрежи, што треба, а што не треба да се споделува во приватни онлајн-разговори, да бидат информирани за сајбер-насилството и за последиците, да знаат дека за она што го објавуваат сносат одговорност и дека со секое однесување ризикуваат да бидат уценувани или злоупотребени. И, секако, неопходни се и остри мерки и казни за превенирање вакви девијантни појави
Во исто време кога државата воведува нешто што се вика карактерно образование, кое е дел од најновиот закон за основно образование, преку што целта е системот да создава здрави генерации, кои негуваат вистински вредности, во практика ни се случува шокантна девијантна појава преку случајот „Јавна соба“ и објавување фотографии со порнографска содржина на малолетни девојчиња, што деновиве ја бранува јавноста. Во овој скандал има и деца на возраст од 12 и 13 години што, пак, покажува дека се засегнати најранливите категории од младата популација што, секако, претставува сигнал за тревога кај сите структури во општеството.
Овие трендови, кои до пред некое време мислевме дека се случуваат некаде далеку од нас во развиените држави, денес и ние ги сведочиме и ги живееме. Во група именувана „Јавна соба“, на апликацијата „Телеграм“, без дозвола на оние што се на фотографиите, се споделуваа стотици фотографии и видеа од голи девојки од цела држава, меѓу кои и малолетнички, чии телефонски броеви членовите им ги даваа на оние што ги бараа. Оваа апликација била одбрана затоа што е тешко да се дојде до имињата на членовите со оглед на безбедноста и тајноста на „Телеграм“. За случајот алармираше професорка што предава во училиште за средно образование.
Што сигнализираат последните случувања? Пред сѐ, уште еднаш се покажува дека социјалните мрежи се поле на кое се шират ваквите девијантни појави при што многу се мали можностите да се спречи тоа. За да се постигне тоа, сепак, неопходна е заедничка и координирана акција од сите што на еден или на друг начин можат да влијаат и да дејствуваат во сузбивање на ваквите немили појави.
Во исто време кога државата воведува нешто што се вика карактер на образование, кое е дел од најновиот закон за основно образование, преку што целта е системот да создава здрави генерации, кои негуваат вистински вредности, во практика ни се случува шокантна девијантна појава преку случајот „Јавна соба“ и објавување фотографии со порнографска содржина на малолетни девојчиња, што деновиве ја бранува јавноста
Значи нема одложувања, нема утре. Ова е аларм најпрво за родителите, па потоа за училиштата и за институциите, кои мора веднаш да преземат мерки. Неопходно е да се седне да се разговара, да се едуцираат и да се заштитат децата од вакви појави.
Сѐ започнува од дома, па наместо да ги обвинуваме технологијата, социјалните мрежи, наместо да ги обвинуваме наставниците и образованието дека не прават ништо за децата и наместо да сметаме дека за сѐ е виновен брзиот начин на живот и немањето време за разговор со сопствените деца, крајно време е да седнеме и да разговараме со нив. Не треба да се бараат изговори и оправдувања. Многу е важно секој родител да се вложува себеси за своето дете и да гради човечки вредности кај него, затоа што само ако ги негува вистинските вредности тоа ќе порасне во здрава возрасна личност, која ќе умее да се сака себеси и ќе знае многу добро како да се однесува и во вистинскиот живот и во виртуелниот свет.
Како што предупреди проф. д-р Тамара Ќупева од гимназијата „Орце Николов“, случајот „Јавна соба“ е доказ дека пред очи ни се случува дегенерација на новата генерација и општ пад на моралот на сите нивоа, а истакнува и дека ова е крајно загрижувачка опомена оти децата, воспитанието и образованието дефинитивно се најзапоставените нешта, кои би требало да бидат приоритети.
Ова жигосување на деца во компромитирачката мрежа е последниот аларм што јасно укажува дека итно е потребно да се воведе едукација во училиштата за тоа што значи приватност, како да се однесуваат на социјалните мрежи, што треба, а што не треба да се споделува во приватни онлајн-разговори, да бидат информирани за сајбер-насилството и за последиците, да знаат дека за она што го објавуваат сносат одговорност и дека со секое однесување ризикуваат да бидат уценувани или злоупотребени.
Ова е проблем што мора да се решава и на кој мора да се работи во иднина превентивно, но и интерресорски. Министерството за образование и наука треба да започне цела една кампања во рамките на училиштата низ Македонија, со која ќе се едуцираат и заштитат децата од ризиците на интернет.
Училиштата мора, освен образовни, да станат и воспитни центри. Тие по дефиниција вршат воспитно-образовна дејност и затоа мораат да си ја вратат воспитната улога, која во моментов само формално постои. Наставниците со своето дејствување и однесување да им бидат вистински пример на децата, бидејќи моралниот кредибилитет на еден наставник е многу важен во процесот на создавање здрави млади личности.
Истовремено, Министерството за внатрешни работи преку Одделението за компјутерски криминал треба брзо да го реши случајот, иако веќе има информации дека надлежните имаат податоци за функционирањето на групата, а за ова е известено Јавното обвинителство. Никако да не се дозволи ова да помине тукутака, туку да се бара одговорност од сите инволвирани, затоа што на тој начин државата преку институциите ќе покаже дека има интерес и подготвеност да ги решава ваквите деградирачки мрежи полни со порнографски содржини. Во исто време, веќе има апел до родителите чии деца биле дел од оваа мрежа, да се обратат во Центарот за социјални работи.
„Јавна соба“ покажува дека мора бескомпромисно и отворено да се влезе во костец со ваквите девијантни појави, истите тие да се превенираат и искоренат и да веруваме дека секогаш има шанси за промени на подобро.