Климатските промени се закана за целиот свет и поради тоа се бараат регулација, превентива и енергични санкции од страна на секоја влада. Тоа се однесува на глобалните и најголемите произведувачи на добра што ја загадуваат планетата и влијаат на глобалното затоплување, но тоа се однесува поединечно и на сите нас. Од нас, всушност, од секој поединец посебно, тргнува приказната за подобро и зелено утре. А, од друга страна, може да тргне и домино-ефектот, кој ќе остави генерации и генерации патосирани или на колена
„Климатските промени не се некој проблем што ќе му се заканува на човештвото во далечна иднина, ова е проблем што, за жал, се случува сега и ние мораме да го решиме“. Ова се зборовите на поранешниот американски претседател Барак Обама, на чиј заклучок можеме да се потсетиме секогаш кога говориме за темата поврзана со глобалното затоплување и со политиките што треба да ги преземе човештвото за справување со оваа светска криза, која повеќе од војните и пандемиите е закана на човештвото.
Но колку е овој проблем навистина присутен, тука, пред нашите очи, во нашето секојдневие, може да се препознае и разбере едноставно ако се прочитаат овонеделните објави во светските медиуми. Имено, московските медиуми информираа дека од два сателита на 20 мај, на подрачјето на арктички Сибир, биле измерени неверојатни 48 Целзиусови степени. Се работи за температурен рекорд, а, според констатациите на руските научници, оваа необично висока температура за арктичкиот круг може да поттикне топење на вечниот мраз и да ги забрза климатските промени на планетата.
Сателитите „Коперникус сентинал-3А“ и „3Б“ ги забележале овие високи температури во текот на топлинскиот бран што ја погоди планетата на почетокот на летото, по страшната пролет, во која во Сибир беа забележани илјадници шумски пожари, кои со тешки маки беа угасени поради тешката пристапност на теренот. Натаму, ништо различно не е ниту во Канада, која, исто како Русија, во нашата перцепција одекнува како земја што е вечно студена и под мраз. Имено, се чини дека светските новински агенции не прекинуваат да информираат за стотиците канадски човечки жртви, кои од ден на ден се зголемуваат поради пеколните горештини што ја зафатија земјата.
Тековниот топлотен бран во западна Канада донесе нови рекордно високи температури, односно 49,5 Целзиусови степени беа измерени во местото Литон, што практично претставува и највисоката некогаш забележана температура во оваа земја. Очигледна е врската со екстремните горештини што ги погодија Канада и северозападниот дел на САД, каде што во опасност од високите горештини се граѓаните на американските градови Портланд, Орегон и Сиетл, места на кои се регистрирани највисоки температури од почетокот на мерењето на температурите во Америка во 1940 година. Според експертите за временска прогноза на американскиот весник „Вашингтон пост“, интензитетот на актуелната „топлотна купола“ е „статистички толку редок што може да се очекува само во просек еднаш на неколку илјади години“, но, сепак, климатските промени предизвикани од човекот „ги направиле поверојатни ваквите видови вонредни појави“.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување се сознанијата на заедничка студија на меѓународни климатски научници од Германија, Шведска, Данска и од Австралија, која излезе со црни прогнози: дури и доколку се исполнат целите на Парискиот договор, кој е главната светска политичка алатка за битка со глобалното затоплување, сето тоа може да ограничи и да намали само максимум 2 Целзиусови степени во однос на актуелните состојби од прединдустриските нивоа, а климатскиот систем сепак и натаму би можел да доживее уништувачка пресвртна точка.
Оваа климатска „бомба“ со горештините во Сибир и Канада, но и студијата на европските земји потсетуваат на филмовите на Алфред Хичкок и ако не се преземе нешто, може во годините што доаѓаат повеќе од денес да се зголеми стапката на глобално затоплување и со сѐ поголема вознемиреност во вестите да ги следиме трагичните информации за изгубените животи и сѐ позачестените пожари, поплави и земјотреси во светот.
Климатските промени се закана за целиот свет, и поради тоа се бараат регулација, превенции и санкции од страна на секоја влада. По дефиниција, владите во секоја држава на нашата планета треба да ја искористат својата политичка моќ дадена од граѓаните и, штитејќи ги нивните интересите, да се борат против тие кои што ја доведоа нашата планета во ситуацијата во која се наоѓа. Неодамна се објави извештај што покажа дека само 100 компании се одговорни за 71 процент од глобалните емисии, почнувајќи од 1988 година, а тие статистики се неверојатни, па поради тоа се поставува прашањето како таквите корпорации не преземаат никаква одговорност за нивните дела.
И Македонија не е надвор од овие процеси, а во моментот главниот проблем со кој се соочува во текот на раното лето, освен пеколните горештини, е и екстремното загадување на воздухот речиси во сите градови, поради што од година на година се зголемува стапката на смртност меѓу населението. Соочени сме со драматични промени на временските услови и на климата, предизвикани од големото количество гасови во атмосферата, што предизвикуваат ефект на стаклена градина, кои се насобирале таму од почетокот на индустриската доба до денес.
Токму затоа, повеќе од кога било, и на глобално и на локално, но и на државно ниво, на сите ни треба освестување и создавање критичка свест и активни еколошки чекори да тргнеме сите заедно во сузбивање на оваа штетна климатска појава, која со својот штетен домино-ефект се заканува дека засекогаш може да го промени кон полошо животот на сите нас и на светот што го оставаме на нашите идни генерации.