Како мала земја, со релативно слаба и зависна економија, ние не смееме да дозволиме да останеме во положба во која глобалните настани што надвиснуваат над светот ќе го имаат пресудниот збор и од нив ќе зависи домашната економија. Македонија мора да се сврти и кон себе, кон своите потенцијали, кон домашната економија и да го поттикне порастот на домашните претпријатија
Сите светски и регионални економски случувања и процеси директно или индиректно се одразуваат и врз домашната економија и на свој начин оставаат печат, трага или рефлексија врз македонскиот пазар, индустрија или трговија.
Бидејќи живееме во ера на глобализација, каде што сите процеси на свој начин се поврзани едни со другите низ целата планета, можеби токму актуелните случувања поврзани со брегзит треба да се основа за загриженост за тоа како тие ќе се одразат врз домашната економија или, пак, попрецизно кажано, врз ЕУ-економијата, односно европските претпријатија што се тесно поврзани и со македонските фирми.
Меѓутоа, брегзит не е единствениот светски пример како одреден процес влијае врз домашното стопанство. Македонската економија свежо го памети и тешко го надмина негативниот одраз врз домашното стопанство на големата рецесија, односно светската финансиска криза и потресите врз банкарскиот систем. Додека беснееше неколку години во светот, таа резултира со колапс на многу финансиски институции, пропаѓање на клучни бизниси, намалување на потрошувачката моќ на светските економии и предизвика вртоглав пад на економската активност, зголемување на невработеноста и сиромаштијата, а владите во светот, вклучувајќи ја и македонската, мораа да преземат важни чекори да ги превенираат овие случувања.
Приказната за брегзит практично ни најавува дека, всушност, во блиска иднина би можело да стане збор на слична економска турбуленција, но најверојатно во помали димензии, која на свој начин со сигурност ќе ја допре и домашната економија.
Според одредени анализи, негативните ефекти први ќе ги почувствуваат бизнисмените што тргуваат со оваа земја, оти ќе мора да се приспособат кон новите правила за тргување со Велика Британија, бидејќи досега важеа регулативите на Европската Унија. Овие ефекти врз македонската економија, иако не се големи, практично ќе бидат посредни, изведени од она што ќе се случи во светот на политиката, бидејќи владее голема неизвесност за спроведување на брегзит-договорот, а сето тоа ќе биде нова рамка за трговија, нова рамка за движење на стоките, услугите, факторите за производство, а во тие рамки и македонската економија ќе мора да се приспособи на тој нов сет на регулативи со кои ќе се утврдуваат и трговските, финансиските и инвестициските односи меѓу Велика Британија како економија и остатокот на Европската Унија. Друг дел економски експерти, пак, сметаат дека засега нема да има некои драматични негативни последици за македонската економија, но порачуваат дека е време Македонија да се насочи и кон други пазари за трговска размена, а бизнисмените да бидат подготвени за промена на царинските стапки со Велика Британија. Тие велат дека Македонија не може да влијае на глобалните движења, но дека сегашната состојба на разводот на британската и европската економија ќе влијае и врз македонската, со оглед на тоа дека најголемиот дел од трговската размена го имаме токму со земјите од ЕУ, а и најголемиот број странски инвестиции потекнуваат од компании на европските земји.
Но, освен брегзит, зад аголот се кријат и други потенцијални глобални опасности што исто така можат да влијаат врз нашата економија. Франција веќе подолг период ја потресуваат протести на „жолтите елеци“, кои се пред сѐ економски мотивирани, а демонстрациите со сигурност ја втурнуваат земјата во политичка криза, која негативно ќе се одрази и на тамошната и на комплетната економија на ЕУ. Потоа ништо помалку сериозни не се ни т.н. криза за опстанок на еврото, политичките превирања во Германија што резултираа со смена на Ангела Меркел и горчливиот вкус на настаните во Италија, во кои италијанската влада, составена од популистичкото движење „Пет ѕвезди“, и десничарската Лега отворено им се спротивставија на политиките на Европската комисија.
Сите овие светски политичко-економски ситуации може да се дефинираат како странични удари врз домашната економија, кои нашето стопанство и компании треба да ги поднесат врз своја кожа и да ги истрпат нивните последици.
Токму затоа е неопходно навремено да се размислува како побезболно да се надмине сето тоа.
Како мала земја со релативно слаба и зависна економија, ние не смееме да дозволиме да останеме во положба во која глобалните настани што надвиснуваат над светот го имаат главниот збор во домашната економија. Македонија мора да се сврти кон себе, кон домашната економија, и да го поттикне порастот на домашните претпријатија на начинот на кој тоа успешно го сторија балтичките држави и неколкуте азиски земји познати како економски тигри. Токму овие, условно кажано, две групи мали земји во своите економски политики ги имаат успешниот рецепт и потенцијалниот лек, кој би можеле да го преземеме во нашиот случај. Овие земји се концентрираат врз домашната економија и нејзиниот развој. Во таа насока, во оваа 2019 година, која власта ја прогласи за година на економијата, неопходно е сите сили, ресурси и знаења да се насочат кон поголем економски пораст, зголемување на стандардот и квалитетот на живот на граѓаните, како и обезбедување фер и конкурентни услови за развој на бизнис-секторот. Секако, потребни се и поголема синергија, соработка и координираност меѓу сите економски и стопански субјекти во државата за надминување на досегашните бариери што на кој било начин претставувале кочница или некаков лимитирачки фактор за стопанството.
Зашто само здрави, издржани и конкурентни економски мерки и политики може да доведат до здрава, издржана, конкурентна и растечка економија.