На почетокот во пошироките кругови тој наш „мајстор“ во политиката беше ословуван како стариот лисец, потоа го замени папата, па несуден поет со двојно државјанство, го имавме и пастирот, па стапи на сцена нова генерација, која многу се плаши од она на М, па ни го смени дури и името. Но зошто пишувам и потсетувам на ова токму сега. Затоа што и денес постои и се креира перцепција дека многу нешта зависат само од еден центар, од одреден политичар, сите погледи се свртени кон едно место и сите очекуваат и се надеваат оттаму да дојде благосостојбата. Тоа е всушност и нашата најголема грешка
На времето, пред неколку десетици години, идеите „направи сам“ или „сам свој мајстор“ штотуку го пробиваа патот и беа вистинско освежување и откритие за граѓаните. Бидејќи во тоа време, крајoт на 1970-тите и почеток на 1980-тите години, интернетот и не постоеше на овие простори, во печатените гласила се публикуваа упатства со скици за изработка на најразлични корисни предмети. Се сеќавам кога како ученици првпат правевме куќички за птици или закачалки за облека, користејќи евтини и еколошки материјали од дрво. И сето тоа беше интересно, предизвикувачки и пред сѐ поучно. Тоа не само што ја поттикнуваше љубопитноста туку генерално придонесуваше и за поттик на мотивацијата, креативноста и претприемачкиот дух уште од најмали нозе. Подоцна, во 1990-тите години, со ширењето на интернетот кај нас, секако, и оваа појава се омасови и доби сосема нова димензија. Денес, на пример, има мноштво страници на интернет и можете да најдете инструкции и насоки буквално за сѐ. Од изработка на едноставни лулашки за деца до некоја сложена и комплицирана машина. Од игла до локомотива, што се вели. Треба само да се има волја, енергија и трпение за креација.
И ова е онаа светла и позитивна страна на принципот „сам свој мајстор“ или „направи сам“, каде што поединецот, индивидуата, е во центарот на случувањата и сѐ зависи од него. За жал, сѐ се сврте наопаку откако фигуративно моделот „сам свој мајстор“ или „направи сам“ падна во погрешни раце. Кога наместо за креативност и монтажа, тој стана инспирација, а потоа и алатка за деструктивност и демонтажа. Кога принципот во буквална смисла на зборот го презедоа лидерите и политичарите и почнаа да го користат и злоупотребуваат за свои потреби, како политичка филозофија, прагма и начин на однесување. Кога во своите глави и партиски цели си зацртаа и умислија дека токму тие, и само тие, како поединци се „мајстори“ и креатори на нашата судбина и на нашата иднина. Оттогаш државата стана алатка во рацете на поединци, кои не само што не беа мајстори на својот занает туку беа најобични импровизатори, почетници, без искуство и знаење во политиката и, што е најлошо, без трошка морал. Вежбаа и си играа држава, но сега без скица и упатство, или со упаство напишано и донесено однадвор. Експериментот „сам свој мајстор во политиката“ веднаш се почувствува и врз животот на граѓаните.
Почнувајќи од транзицијата и трансформацијата на општествениот капитал, кога практично грст поединци одлучуваа за судбините на илјадници други, преку почетоците на плурализмот, кога исто така малкумина решаваа во која насока ќе се движиме, па до квалификацијата и етикетата на „заробена држава“, која меѓународната заедница ни ја залепи токму поради политичкото слепило и зависноста на институциите од потезите и одлуките на некој одреден политичар. На почетокот во пошироките кругови тој наш „сам свој мајстор“ во политиката беше ословуван како стариот лисец, па потоа го замени папата, па несуден поет со двојно државјанство, го имавме и пастирот, па на сцена стапи нова генерација, која многу се плаши од она на М, па ни го смени дури и името. Но зошто пишувам и потсетуваат на ова токму сега. Затоа што и денес постои и се креира перцепција дека многу нешта зависат само од еден центар, од одреден политичар, сите погледи се свртени кон едно место и сите очекуваат и се надеваат оттаму да дојде благосостојбата Тоа е всушност и нашата најголема грешка.
Давајќи му толкава моќ, значење и влијание на политичкиот индивидуализам, на лидерот, неговите солирања, ние практично и самите учествуваме во креирањето на тој фатален синдром, кога поединецот раководи, моделира, ги делка и обликува нашите животи и нашата судбина. Но водењето и раководење држава не е соло-партитура, не е џез-импровизација или пингпонг-партија каде што сѐ зависи од поединецот. Водењето држава едноставно не е „сам свој мајстор“. Тоа пред сѐ е создавање систем и амбиент на дејствување каде што, колективот, тимот доаѓа до израз, каде што секоја институција си ја врши својата работа и функционира беспрекорно. Систем што не зависи од расположението, ставовите и мислењата на еден политичар, една партија, една врхушка. Но дали е така и кај нас? Ќе посочам неколку наједноставни примери.
Во Македонија системот е поставен така што власта (која и да е) е оската или центарот околу кој се врти сѐ. Од тоа не се изземени ниту институциите, судството, бизнис-заедницата, граѓанскиот сектор итн. Како сончогледот што се врти кон светлината и сонцето. Притоа, колку е некој повисоко во хиерархијата на власта толку „маѓепсаноста од неговата моќ“ кај сите други е поизразена. Сте сретнале ли некогаш некој да му напише отворено писмо на некој раководител, директор на некоја институција или шеф на локална заедница. Не. Сите отворени писма, и сега и во минатото, биле и се адресирани лично кон премиерот или претседателот на државата.
Било да се работи за минорен проблем, отворање пат, чешма, канализација, сите гледаат спас кај врвот. Еве, деновиве, дури и проблемот со Алипашината џамија во Охрид беше издигнат на ниво на премиерот. И уште редица други прашања, како дивоградбата на Матка, статусот на СЈО, непотизмот и партиските вработувања, реформските закони, чекаат да дојдат на дневен ред кај премиерот.
Сите се сеќаваме кога во не толку дамнешни времиња шефот на бившата влада шеташе низ државата и преку телефон решаваше проблеми на граѓани. „Ало, не утре, доцна е утре. Гледај уште денеска да се заврши работата“, ќе наредеше тогашниот премиер по телефон, оставајќи ги сите занемени и зачудени. Тогаш многумина се прашуваа има ли оваа држава институции. Истото се прашуваме и денеска.
Иако сега барем медиумски и јавно нема вакви појави, концентрацијата на моќ и влијание само кај една личност или мала група индивидуи остана и понатаму. Па, така, неодамна редица безбедносни експерти предупредија дека има преголема концентрација и моќ во рацете на премиерот, кој ќе претседава со Советот за координација на безбедносно-разузнавачката служба. Претходно имаше критики дека премиерот раководи и со телото за судски реформи. Минатата година во екот на преговорите со Грција стигнуваа информации дека само еден или двајца луѓе се запознаени со деталите од преговорите и практично тие го водат процесот.
И сега се прашувам, може ли премиерот истовремено да биде и главен разузнавач, врховен судија, прв економист, клучен реформатор, но и селски арбитер, да решава локални проблеми итн.? Тоа покажува дека или немаме способни кадри во институциите, па сѐ мора да помине низ рацете на еден човек, или самиот тој си приграбува повеќе моќ, бидејќи нема доверба во другите. Ниту првото, ниту второто не говорат добро ниту за државата, ниту за политичарот. Кој и да е. Токму во таа насока треба да се разбере и последната изјава на еврокомесарот Хан, кој јасно порача дека Брисел сака да види трајна промена на менталитетот и однесувањето на македонските политичари и од власта и од опозицијата. И притоа додаде дека сите во земјата треба да работат заедно и конструктивно, бидејќи залудни се реформите ако граѓаните не почувствуваат бенефиција од нив.
Од оваа јасна порака од Брисел, јас сепак би ја акцентирал заменката „сите“, која укажува на целокупност на одделни појави и потези. Под „сите“ Брисел пред сѐ мисли на функционално дејствување на институциите во државата, на конструктивност на политичките субјекти, на ефикасен систем во кој секој си ја врши својата работа, на колектив, а не на поединци. И, конечно, сите е многу различно од сам. За силна и функционална држава се потребни многу мајстори. И, секако, упатства за работа (читај Устав и закони) што треба недвосмислено да се почитуваат. Во спротивно, досегашното неколкудецениско искуство на „сам свој мајстор“ во политиката води единствено во насока на насловот на текстот. Се надевам дека до тоа, сепак, нема да дојде.