Има полн „базен“ размислувања што периодов се редат во домашните експертски кругови, во кои се анализираат со внимание сите дипломатски сигнали и сите опции што сега стојат пред Македонија, додека земјата во некоја подобра точка во иднината ќе чека да стане членка на Унијата
„Иднината на Европа лежи во иднината на проширувањето, а 26 земји се држат како заложници од некои мали национални интереси на една земја, која прави штета на целата Европска Унија и го уништува нејзиниот кредибилитет во Западен Балкан“. Ова се зборовите на германската амбасадорка Анке Холштајн, која веројатно на најпрецизен германски начин ја отслика денешната ситуација на јазолот во кој Софија во Луксембург го заплетка Скопје на патот кон ЕУ. Можеби изјавата на Холштајн е само едната од полниот „базен“ размислувања што периодов се редат во домашните експертски кругови, во кои се анализираат со внимание сите дипломатски сигнали и сите опции што сега стојат пред Македонија, додека земјата во некоја подобра точка во иднината ќе чека да стане членка на Унијата.
Имено, Македонија и покрај членството во НАТО сѐ уште поради средновековни бугарски ѓурултии и битки за власт на Балканот од едни дамнешни времиња, сега е пред крстопат каде треба да си го трасира движењето додека чекаме подобри времиња да бидеме дел од ЕУ. Во тој правец, голем шум на оваа тема во јавноста предизвика констатацијата на македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој истакна дека во услови кога проширувањето на ЕУ де факто е замрзнато, имаме две опции: да ја донесеме Европа дома и да почнеме да го враќаме во живот Договорот за стратегиско партнерство со САД.
Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка меѓу Америка и Македонија следуваше по едно друго, откога прво во сила стапи грчкото вето за влез на Македонија во НАТО, во април 2008 година, на самитот на Алијансата во Букурешт, па Вашингтон експресно наредниот месец на 7 мај се обврза дека ќе ја помага Македонија во нејзината државна безбедност и напредок. Оваа силна политичка порака беше потпишана во форма на документ од страна на тогашниот македонски министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, и државната секретарка на САД, Кондолиза Рајс.
Доволна слика е една кроки-перспектива на позицијата, на пример на Израел и Јужна Кореја, кои исто како и Македонија поседуваат вакви слични договори во однос на нивните кинески и арапски соседи, за да се разбере фактот што значи една стратегиска поддршка да се добие од САД. Освен од безбедносен агол, најмоќната светска суперсила – Америка, има и свој економски, но и општествено-културен импут врз планетата, кој нема ниту пандан на некој ривал, па оттука ако Македонија во наредниот период успее да искористи само есенција од сѐ што нуди американската економија, преку стратегискиот договор, тоа би било сосема адекватна „кратенка на патот за ЕУ“, ако не и „замена на европското членство“.
Втората опција каде може да се движи земјата во иднина е поставена истата 2008 година, кога по моделот на документот со САД, нашата земја потпиша и Договор за стратегиско партнерство и со Турција. Подобрувањето на економските и политичките релации со џинот од Босфорот може да се долгорочен влог, а Турција веќе три декади ѝ дава безрезервна поддршка на Македонија и во време на блокади и санкции на државата и во време кога се подриваше стабилноста на земјата. Битно е да се знае дека Турција, државата што е втора веднаш по САД по бројност на војниците и воената опрема во најмоќната воена алијанса од која сме и ние дел, а дури и пред нашето членување во НАТО, со фуснота ги принуди сојузниците во нивните документи писмено да нѐ условуваат како Македонија и покрај тогашните бурни противења на Атина за нашето име. Натаму, развојот на релациите со властите во Анкара може да е добар чекор бидејќи значителен број иселеници од Македонија живеат во Турција, но истовремено се поткрепува на тој начин и значењето на турската заедница што живее во земјава. Економската соработка со Турција е неприкосновена од никого во просторот на нејзиното влијание на местата каде што се простирала Отоманската Империја. Турција е дефинирана од економистите и политиколозите како една од новоиндустријализираните земји во светот и е 19-ти најголем номинален БДП во светот. Земјата го трасира рускиот нафтоводот што треба да мине низ нашиот регион и е меѓу водечките светски производители на земјоделски производи, текстил, моторни возила, опрема за превоз, градежни материјали, електроника и апарати за домаќинство….
Третата опција што стои сега пред Македонија, според зборовите на шефот на државата Стево Пендаровски искажани оваа недела, е земјата да се сврти самата кон себе. Имено, по неуспехот на Македонија да ги почне преговорите со Европската Унија поради бугарската блокада, премиерот Зоран Заев најави акциски план за европски реформи дома. Тој наброја десет приоритети – прочистување на правосудството, борба против корупцијата, заштита на животната средина, борба против ковид-19, поддршка на индустријата за медицински канабис, нова енергетска политика, инвестиции во инфраструктурата, попис, борба против дезинформациите и нови економски потенцијали…
Сите овие ветувања се провлекуваат со години, па и со децении, но можеби сега кога остануваме без европските алтернативи во скор период, е правото време погледите да ги свртиме во својот двор и преку европеизацијата на нашето општество да се обидеме по свој рецепт да ги достигнеме европските норми.
Овие внатрешни процеси нема автоматски да ги поправат штетите што ги нанесе бугарското вето и да ја заменат евроинтеграцијата комплетно, но успешните реформски процеси ќе послужат токму за да се одржи дисциплината на домашните политичарите и да се докаже пред своите граѓани посветеноста кон европеизација, со таа разлика што сега ќе мора ја завршат работата, што требало да ја завршат пред многу години, која најверојатно од сите влади досега се одложуваше со цел првично да ги исполниме надворешните агенди и барањата за членство во НАТО и во ЕУ.
Но дури и тука македонските идни сојузништва не запираат. Пред нас е и четвртата алтернативна опција во економска и политичка смисла на зборот. Македонија би можела тесно да се зближи со Европа преку Европската економска заедница, односно со статусот што со Брисел го уживаат земјите како Швајцарија, Норвешка и Исланд.
Дополнително, постои и петта можност во која би можеле да станеме дел, а која одамна на геополитичката мапа гледа кон Балканот од позиција зад границите на Европа. Овие неколку глобални суперсили се економски и политички ривали на Европската Унија на Балканот, кои, пак, преку Патот на свилата познат како „Еден појас, еден пат“, преку пансловенските врски, но и нафтени линкови од Блискиот Исток се обидуваат секоја на свој начин да си ги проширИ зоните на економско, културно и политичко влијание. Нормално, во согласност со националните интереси на Македонија, сега сите овие „карти“ се погледнуваат со голема сериозност на зелената масата по бугарската блокада и остануваат отворени опции за „игра“ на политичарите во Скопје, со цел да се стигне до натамошен развој и економски просперитет на Македонија преку алтернативни правци на кои сега треба да сме подготвени и да донесеме одлуки.