Наспроти леснотијата со која Фондот за иновации ги дели парите за компании, нашите научници многу тешко доаѓаат до пари за иновативни проекти. Од година на година средствата што се определуваат за наука, за иновации сѐ повеќе се намалуваат, што укажува дека се намалува и државниот интерес за развој, за иновативни технологии што ќе направат револуционерен пресврт на пазарот…
Каде одат народните пари? Колку граѓаните веруваат во државните тендери или, пак, во повиците за грантови? Аплицираат ли на државни тендери, јавни повици и на проекти компании што немаат познаници во власта? Кој сѐ заслужува да добие државни/народни пари? Дали блискоста со владини претставници е причина однапред да ги наречеме договорени тендери или договорени добивки од еден јавен повик?
Милиони прашања, малку одговори. Фондот за иновации и технолошки развој ова лето ја брануваше јавноста, но, за жал, не со иновативен пронајдок, туку со сомнежот што се наметна за транспарентноста и исправноста на доделените грантови.
Во јавноста излегоа информации дека некои од фирмите што добиле владина поддршка, читај народна поддршка, бидејќи, нели, Владата троши народни пари, се компании што имаат блиски лица во сегашната владејачка гарнитура. Ова, секако, за граѓаните беше причина за нов сомнеж, недоверба и револт, зошто меѓу наградените се најдоа многу фирми во кои има претставници или вработени или сопственици, лица што се членови на владејачката партија. Без оглед дали истите тие биле привилегирани на некој начин, а можеби и не биле, сомнежот е тука, а недовербата на граѓаните во државните институции само уште повеќе се продлабочува.
Секако, оваа состојба не е нова, тука е и проблемот. Граѓаните ја загубија довербата во институциите, бидејќи сомнежот е надвиснат над секој државен тендер, јавен повик или што и да е поврзано со работата на властите. Чести се ситуациите кога на државни тендери има само една компанија што конкурира на огласот. Зошто? Дали довербата е ниска или немаме компании во областа?
Недовербата оди дотаму што граѓаните веќе не веруваат ниту во наградни игри, па многумина од нив велат „зошто да учествувам кога сигурно однапред се знае кој ќе ја добие главната награда“.
Но тоа не е единствената дилема што се наметнува по бранувањата предизвикани од јавниот повик на Фондот за иновации.
Што е со научната дејност во земјава, колкава поддршка добиваат професорите, научниците за развој на своите идеи, какви сѐ процедури треба да поминат тие за да добијат пари од државата за развој на своите проекти?
Наспроти леснотијата со која Фондот за иновации ги дели парите за компании, нашите научници многу тешко доаѓаат до пари за иновативни проекти. Од година на година средствата што се определуваат за наука, за иновации сѐ повеќе се намалуваат, што укажува дека се намалува и државниот интерес за развој, за иновативни технологии што ќе направат револуционерен пресврт на пазарот…
За оваа година буџетот за наука се намалува за 185 милиони денари во споредба со претходната година, и тоа најмногу кај финансирањето научни институти и преводи на книги од реномирани автори. Ние сме една од ретките земји што издвојуваат многу малку пари за научноистражувачка дејност. Буџетот за наука за оваа година е 425 милиони денари.
Граѓаните ја загубија довербата во институциите бидејќи сомнежот е надвиснат над секој државен тендер, јавен повик или што и да е поврзано со работата на властите. Чести се ситуациите кога на државни тендери има само една компанија што конкурира на огласот. Зошто? Дали довербата е ниска или немаме компании во областа?
Од друга страна, Словенија е земја со најголем процент од БДП за наука, дури 2,2 отсто, додека ние издвојуваме 0,2 проценти. Србија, Хрватска и Бугарија издвојуваат околу 0,7 или 0,8 отсто од буџетот за наука.
Но не се битни деталите и процентите, намалувањето на буџетот укажува на немање интерес за наука. Па, не можеме а да не се запрашаме како ќе дојдеме до иновативни проекти ако не ги поддржуваме научниците. Како?
Проблемите и дилемите се заеднички и неминовно е заедно да бараме решенија, без да си судиме едни на други. Но поентата на која било владина поддршка треба да е напредок, а резултатите да ги гледаме во развој на економијата и подобар животен стандард за сите нас.
Иако сакаме да веруваме во подобро утре, тоа никако да дојде. По долги години пораст околу 3 отсто, минатата година ја завршивме со нула отсто пораст, а и годинава нема изгледи за неопходните 5-6 отсто пораст. А без таков пораст, и понатаму ќе останеме слабо развиена земја со сиромашен народ. Но за излез од сиромаштијата мора да работиме сите заедно, без да привилегираме пријатели, познаници, роднини или блиски на познаниците.
Македонија е единствена земја што плаќа вработени што седат дома и бришат прашина, како да сме најбогатата држава на планетава. Ниту извозниците на нафта не плаќаат вработени што им седат дома, па ниту нафтените компании не го прават тоа… Ама Македонија го може тоа…
Единствен пат до успехот е работа и само работа. Само со фер услови за сите и награди за најдобрите може да напредуваме, така го поддржуваме квалитетот, кој потоа ќе создаде нов квалитет… Со привилегирање одредени структури создаваме мрзливост, а мрзливоста не создава нови дела, таа пак чека на нова поддршка, и нова, и нова…