Во Македонија имаме техничка влада, која, за волја на вистината, и нема легитимитет да дејствува во услови кога изборите се одложени, а нов термин за нивно одржување не е закажан и која, сама по себе, е една огромна сива зона на политичкото дејствување. Во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ би требало да се свесни оти, на некој начин, и едните и другите ја узурпираат власта. Но да не бидеме премногу строги во однос на тоа. Имаме ситуација што никој не можеше да ја предвиди, што, сепак, не значи оти тоа би требало и целосно да се занемари. Само сериозноста на моментот ја спаси нивната дивоградба од уривање. Малку ли е да се бара и тие да се однесуваат сериозно?
Пандемијата на сѐ уште недоволно познатиот коронавирус ја затекна Македонија под таканаречената техничка влада, што, како и многу нешта во оваа до пред само еден месец незамислива ситуација, има свои добри и лоши страни. Добрата е што главните политички актери, можеби не еднакво, но сепак ја делат одговорноста за сѐ што се презема и што не се презема во овие за сите нас еднакво неповолни услови. Лошата е што тие како сѐ уште да не се свесни за тоа, како да не ги сфаќаат своите позиции, така што и понатаму, како по некоја инерција, си ја продолжуваат играта на „патриоти“ и „предавници“. Па, така, наспроти невидените напори за сеопшта дезинфекција, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и натаму го загадуваат јавниот простор и со по неколку, најчесто, бесмислени партиски прес-конференции, соопштенија и изјави на ден, обидувајќи се, како подостарени естрадни ѕвезди, по секоја цена да го привлечат вниманието, дури и кога тоа не само што не му прилега на моментот туку и крајно невкусно делува.
Требаше ли да се прогласи вонредна или кризна состојба во државава, кој го уништил здравствениот систем, колку и какви тестови за коронавирусот требало да се користат, кој колку донации обезбедил, како и со колку пари требало да му се помогне на стопанството, кој колку мерки предложил…, се само некои од темите со кои партиските штабови во изминатиов период настојуваа да се најдат во фокусот на вниманието. Премногу дури и за мирнодопски, а камоли за вакви пандемиски услови. Тоа особено кога се гледа како реагираат владите на земјите со многу поголеми можности, но и како и во државите со редовни влади, судирите помеѓу владејачките и опозициските партии се сведени на минимум, како во повеќето случаи се воспоставуваат некакви примирја заради максимално насочување на ресурсите кон заштита на јавното здравје и спас на националните економии.
Во Македонија имаме техничка влада, која, за волјата на вистината, и нема легитимитет да дејствува во услови кога изборите се одложени, а нов термин за нивно одржување не е закажан и која сама по себе е една огромна сива зона на политичкото дејствување. Во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ би требало да се свесни оти, на некој начин, и едните и другите ја узурпираат власта. Но да не бидеме премногу строги во однос на тоа. Имаме ситуација што никој не можеше да ја предвиди, што, сепак, не значи оти тоа би требало и целосно да се занемари. Само сериозноста на моментот ја спаси нивната дивоградба од уривање. Малку ли е да се бара и тие да се однесуваат сериозно? Барем додека да помине најголемиот удар на кризата.
Наспроти невидените напори за сеопшта дезинфекција, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и натаму го загадуваат јавниот простор и со по неколку, најчесто, бесмислени партиски прес-конференции, соопштенија и изјави на ден, обидувајќи се, како подостарени естрадни ѕвезди, по секоја цена да го привлечат вниманието, дури и кога тоа не само што не му прилега на моментот туку и крајно невкусно делува
Јасно дека никој не се надева дека така, не дај боже, би можело и да остане. Дека нештата засекогаш ќе се сменат во свеста на политичарите и дека тие би можеле дефинитивно да се откажат од она што знаат да го прават најдобро – од бесконечната игра на надмудрувања, подбуцнувања и подметнувања. Но сега, очигледно, не само што е потребно туку е и нужно да им се каже оти ова не е време за ниски страсти и интереси, туку за рационално, смирено, конструктивно и одговорно однесување.
Тие, пред сѐ СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, цело време живеат на товар на граѓаните. Како политички партии, тие се финансираат од државниот буџет, нивните кадри, иако не секогаш најкомпетентни државни функционери и службеници, со години дремат покрај државните јасли, на своите роднини и пријатели им доделуваат (не)работни места во државниот сектор, си ги школуваат децата со државните стипендии, од чии износи обичните граѓани добиваат вртоглавица, пријателски ги решаваат јавните набавки, разни дозволи, концесии… Тие многу повеќе можат да загубат од обичните граѓани, а исто како и сите други му се подложни на вирусот.
Ако кризната ситуација бара од граѓаните да се однесуваат одговорно, тогаш политичките субјекти, во најмала рака, треба да им дадат пример. Тоа конечно, долгорочно гледано, би бил незанемарлив политички влог. Сѐ друго, па и она што во нормални околности би можело да се подведе само под политички егзибиционизам, во овие услови слободно би можело да се нарече предавство. Како поинаку да се дефинира безобѕирното трошење на драгоценото време, енергија и ресурси во овие не само критични туку и пресудни моменти.