Новинарите се огледало на една државата и клучен елемент за „здравјето на јавната сфера“, просторот во кој слободно се артикулираат различните идеи, мислења и ставови, а седмата сила со својата функција обезбедува можност за пристап до информации, размена на прогресивни, конструктивни и конкурентни мислења и идеи,
можност за анализи на случувањата во државата, во насока на подобро живеење и поголема медиумска писменост. Затоа секакво насилство врз новинарите во суштина е насилство врз слободата и демократијата!
Нападите врз новинарите оваа година се повеќекратно зголемени во споредба со минатата година. Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) велат дека од почетокот на годинава досега се регистрирани 13 напади врз новинари, за разлика од минатата година, кога имало четири вакви немили случувања или речиси трипати помалку.
За жал, новинарите во Македонија изминативе неколку децении од независноста па досега, ги почувствуваа на свој грб сите недоследности, пропусти или аномалии на системот, кој како да ги заборави и запостави.
Македонските новинари се и своевиден симбол и показател и за тоа колку е навистина тежок и горчлив новинарскиот леб. Веројатно вината за тоа што не успеаја да се изборат за статус во општеството каков што уживаат нивните колеги од државите во Европската Унија, треба да се бара и во самите новинарски здруженија и нивната поделеност низ годините. Додека новинарите од Европа се издигнати на највисоко рамниште на моќни двигатели на општествата и во некои европски држави на медиумските работници им следува и бенефициран стаж во пензионирањето, синдикално се заштитени и имаат третман на службени лица во вршењето на својата професија, кај нас состојбата на ова поле е далеку од европските и светските услови и стандарди, во секоја смисла на зборот. Голем дел од новинарите работат на работ на економска одржливост. Единствено нешто што може да се добие „гратис“ како своевидна привилегија на професијата е двочасовен бесплатен паркинг-простор со службено возило во центарот на градот. Некој проценил дека тоа е доволно време да се заврши работата, иако новинарите и медиумските работници практично и немаат фиксно работно време, односно мобилни и ангажирани се практично 24/7.
Да се разбереме, не дека новинарите бараат да добијат каков било повластен статус во нашето општество и на кој било начин да се стават себеси над другите граѓани, но секако очекуваат поголема институционална заштита од напади, навреди, на кои се изложени, и овозможување адекватни и фер услови за вршење на својата професија. На крајот на краиштата новинарите и медиумите се гласот на јавноста и огледало на државата и никому не му е во интерес тоа огледало да го скрши или, пак, да го занеми. Истовремено преставниците на седмата сила секогаш се во првите борбени редови, штитејќи ги интересите на граѓаните и на јавноста. Исполнувајќи ги своите професионални обврски и новинарскиот кодекс, тие ги ризикуваат и своето здравје и живот и во моменти кога државата како сега се справува со пандемија на коронавирусот. Дополнително, за обележување е дека новинарската професија и во минатото секогаш стоела на браникот на Македонија и кога земјата се справувала со други природни непогоди или кризи како онаа на пример во 2001-та.
Се разбира, медиумската легислатива во Македонија ги следи и ги применува многубројните препораки од Европската Унија за унапредување на независноста на медиумите, но колку и да е добра, таа е нефункционална некогаш бидејќи не се имплементира целосно во практиката. Доказ за тоа се и зголемените бројки за насилство и напади врз новинарите.
Иако битката за слобода на медиумите и за статусот на новинарите во општествата е одамна извојувана, таа и денес во европските држави, но и во Македонија, и натаму ги бранува духовите, без оглед дали станува збор за слобода на прибирање, објавување информации, заштита од напади на медиумските работници и практикување слободи поврзани со јавниот интерес преку изразување различни мислења и коментари за актуелни состојби. Но кому всушност му пречи тоа што новинарите секогаш се во служба на граѓаните и во заштита на јавниот интерес?
Новинарите немаат униформа како другите службени лица, но и без тоа тие се во првите редови во борбата за слобода на јавно искажаниот збор и за демократијата. Затоа насилството над новинарите, било да е вербално или физичко, не треба да се сфати само како насилство врз човековиот живот и достоинство, туку и како насилство врз човековите слободи и права и како атака врз државата и јавниот интерес.
Новинарите се огледало на една државата и клучен елемент за „здравјето на јавната сфера“, просторот во кој слободно се артикулираат различните идеи, мислења и ставови, а седмата сила со својата функција обезбедува можност за пристап до информации, размена на прогресивни, конструктивни и конкурентни мислења и идеи, можност за анализи на случувањата во државата, во насока на подобро живеење и поголема медиумска писменост.
Со еден збор, тие се основата на демократијата, просперитетот, развојот и на мирот во Македонија и во Европа. Затоа секакво насилство врз новинарите во суштина е насилство врз слободата и демократијата! Токму поради тоа медиумите се и највисоко на агендата на ЕУ и еден од клучните услови за нашето приближување кон Унијата. Тој пат секако ќе стане уште потежок доколку продолжат и во иднина нападите и насилството врз новинарите и медиумските работници.