Наместо секојдневно да се напаѓаат и обвинуваат меѓусебно и двајцата треба да се пофалат и да се наградат. Па ним за една недела им успеа тоа што не можеа да го направат плејада функционери претходно. Успеаја да го сопрат иселувањето.
Малку ли е тоа?
Македонија конечно го реши проблемот со иселувањето. На уникатен и елегантен начин.
Едноставно снема обрасци за издавање нови пасоши. А без патна исправа не може да се отиде подалеку од државата. И замислете сега поради ова се прави политички театар и фрчат обвинувања меѓу сегашниот и поранешниот министер за внатрешни работи. Чулев го напаѓа Спасовски дека задоцнил и не реагирал навреме, Спасовски ја префрла топката кај Чулев и така во недоглед.
А, всушност, наместо секојдневно да се напаѓаат и обвинуваат меѓусебно и двајцата треба да се пофалат и да се наградат. Па ним за една недела им успеа тоа што не можеа да го направат плејада функционери претходно. Успеаја да го сопрат иселувањето. Малку ли е тоа? Сега оние десетици илјади граѓани што чекаат нови пасоши нема каде да одат и ќе си останат дома. Ако потрае подолго кризата со обрасците, може во иднина и никој да не може да ја напушти државата. Какво визионерство! Подржавнички и попатриотски потег од ова не се памети во поновата историја. Со овој изум може да конкурира дури и за „нобел“.
У(р)аа за техничката влада. Со Спасовски и со Чулев во неа! Шегата настрана, но Македонија сѐ повеќе станува земја на изненадувања и чуда, кои потоа долго се прераскажуваат и паметат. Ова за долгото паметење не може да се каже за народните избраници, кои неодамна се самораспуштија. Не помина ниту една недела, а веќе ги заборавивме и никој не ги споменува.
Не е белким дека не се заслужни за ништо, во периодот од три и пол години додека го претставуваат народот како народни избраници. Веројатно, за добар дел од нив и не може да се каже дека биле народни избраници, бидејќи тие први се одрекоа од народот и работеа само за својот личен интерес.
Еве, на пример, прво што паѓа на памет кога станува збор за досегашните парламентарци се исплатените астрономски суми за нивните матни трошоци. Пардон, патни трошоци. Понатаму долгите ноќни седници и сеанси и носењето одлуки во глува доба, во 3 и 4 часот наутро кога обично сите спијат. По полноќ беа донесени редица пресвртни одлуки за судбината и иднината на државата. Го фатија народот на спиење. Ете, по тоа ќе ги паметиме. Ќе остане запишано за идните генерации и дека на мускули собраното мнозинство од последниот пратенички состав гласаше за преименување на државата, за промена на Уставот, дека пратеници се амнестираа и носеа директно од затвор во Собрание за да гласаат итн. Собранискиот циркус конечно заврши. Сега претстои многу работа за истото тоа да не ни се повтори и во иднина.
Пред да продолжам понатаму ќе пренесам една изјава на европски политичар, кој бранејќи ги националните интереси на својата земја деновиве рече: „Европа не е во Брисел, Европа сме ние“. И навистина колку Македонија за самата себе може да каже дека Европа сме ние. Има ли политичар во Македонија, кој ќе каже дека Европа сме ние. Политичар што нема да клечи на колена и да моли за некаков фамозен и крајно неизвесен датум, туку ќе се охрабри да каже дека писменоста во Европа дошла преку Македонија, дека оваа држава има длабоки корења, историја, традиција, култура, писменост…
Судејќи според сигналите што доаѓаат од политичките субјекти во предвечерието на предизборната кампања, такво нешто во моментов е скоро невозможно. Зашто македонските политичари, и од власта и опозицијата, повеќе настојуваат да им се допаднат на оние однадвор отколку на сопствените граѓани. Tака ги конципираат и своите политики и своето дејствување. Фокусот и тактиката на политичките елити во државата не е променет со години и секогаш од една страна имате божем проевропски структури, кои влечат напред, и од друга страна, божем антиевропски струи, кои влечат назад. Тоа е шемата.
На овие две во суштина спротивставени и небулозни тези се кршат копјата. Врз грбот на Македонија. Како кампањата и политиките да се наменети за Европа и за светот, а не за македонските граѓани и големиот број домашни проблеми.
Од друга страна, факт е дека длабоко во себе и едната и другата политичка структура имаат сѐ помалку европско во себе. Освен ако за некакви европски вредности не се сметаат интригите, сплеткарењата, клеветите, кои ги има на претек.
Сепак, се чини дека она што најмногу недостига на политичката сцена е јасно профилирана промакедонска структура, во чиј фокус ќе бидат само и единствено интересите на македонските граѓани и македонската држава. И тоа е она што загрижува во пресрет на официјалниот почеток на предизборната кампања. Немањето јасна, чиста, промакедонска визија, изразена преку издржана и неизвалкана понуда.
Некој можеби ќе каже дека ваквата оцена е престрога. Но ако не е така, зошто и понатаму сме на опашката на Европа и светот, во секој поглед и во кое било рангирање.
Сега уште неколку реченици за претстојната предизборна кампања и предизвиците што ги носи таа. Политичките аналитичари, но и претставници од власта и од опозицијата сѐ повеќе предупредуваат дека ова ќе биде највалканата предизборна кампања во историјата на Македонија. Очекувањата на граѓаните и на меѓународната заедница, пак, се да имаме мирни, фер, демократски и чисти избори, без ниту една дамка. Клучното прашање тука е дали е можно во една тензична, напната атмосфера на постојани меѓусебни напади да се продуцираат чисти избори. Ќе мора да биде така, зашто трето нема.
На моменти се добива впечаток дека токму преку сегашната тенденција на постојани меѓусебни обвинувања, обелоденување афери како да се создава атмосфера или отстапница за евентуално оспорување и непризнавање на изборните резултати од 12 април.
За да се пресретне и превенира ваквиот тренд на постојано фрлање политички димни бомби во јавноста, за оцрнување на политичкиот противник, институциите на државата мора да демонстрираат подготвеност за брза и професионална реакција. Тука, пред сѐ, се мисли на Јавното обвинителство, кое не смее да дозволи на евентуални измислици, политички местенки да се печалат политички поени. Ловот во матно мора да се спречи, без разлика од кого и да е. Секој случај, скандал, спин, да се провери, истражи и да се извести јавноста за тоа. Се разбира, во политичката битка се дозволени сите расположиви инструменти и орудија, но тие пред сѐ мора да бидат легални, веродостојни и поткрепени со факти и аргументи.
Во таа насока учесниците во изборната трка треба што поскоро да ги обелоденат и своите изборни програми на кои ќе го темелат своето дејствување. Да се види кој за што се залага и какви планови има за иднината на државата. И тоа да им се каже на граѓаните уште сега. За да имаат време добро да размислат кому ќе му го дадат својот глас. Истовремено само со добро осмислена, организирана, предизборна кампања од сите чинители и учесници во неа може да се анимираат граѓаните и да се придонесе за нивна поголема заинтересираност и одзив на изборите. На тој начин и резултатите од изборите ќе бидат порепрезентативни и ќе се намали маневарскиот простор за какви било евентуални оспорувања и непризнавања.
На Македонија не ѝ се потребни нови кризи и нови превирања. А амбиентот и предусловите да не дојде такво, нешто се креираат уште отсега.
Впрочем, спроведувањето мирни, фер и демократски избори е и клучната задача и предизвик за техничката влада. Да се надеваме дека ќе успеат да одговорат на предизвикот и да ја спроведат задачата во целост.