Фактот што Македонија заглави во евроинтегративниот процес исполнувајќи „некопенхашки“ критериуми на своите соседи, кои го злоупотребуваат приматот на членството во ЕУ, никако не значи дека Унијата е подготвена да ѝ прогледа низ прсти на земјава за секое евентуално прекршување на владеењето на правото внатре во државата. Впрочем, ЕУ јасно и строго го кажа тоа со менувањето на методологијата за преговори со земјите-кандидатки, и тоа веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, за кој македонските власти сметаа дека безрезервно ќе ги рашири портите на ЕУ
Некогаш можеби скриен, но денес сѐ повеќе отворено искажуван (веројатно ослободени од скрупулите на скромноста), водечкиот мотив на секој што има(л) амбиција да се квалификува за фраер во одредена општествена средина е – да биде закон! Во почетоците на формирањето на „фраерската личност“, веројатно прифатливо е и само да се биде „над законот“, кој е веќе постоен, барем додека личноста не се почувствува доволно сигурна дека може да се поистовети себеси со закон – за другите! Секако, проблематичноста со „заводливоста“ на ваквите амбиции е што обично водат на другата страна од законот, или ако се манифестираат од позиција на власт, претставуваат мошне сериозен симптом на авторитарност со голем потенцијал дијагнозата да ескалира во хаос.
Дури и навидум „спонтаната грешка“ како „природна реакција“ во одредена меѓународна ситуација, на еден од највисоките претставници на власта, која претставува прекршување на највисокиот државен акт како уставот, секако повлекува законска одговорност, доколку една држава сака да се придржува на принципот на легалитет, иманентен за секое општество што се темели на владеењето на правото. Принципот на владеење на правото извира од премисата дека во демократско општество во една правна држава сите се еднакви пред уставот и законот. Секако, еднаквоста се однесува на уживањето на правата што произлегуваат од законските акти на државата, но и на одговорноста при нивното случајно или намерно прекршување. Изземањето од одговорноста како некаква „привилегија“, која премолчано како да се подразбира за претставниците на власта (особено за највисоките претставници), значи свесно поткопување на темелите на правната држава. Дури и најцврстите темели на правната држава (какви што, секако, не се на македонската држава) ќе бидат уште подлабоко поткопани кога поради политичко-коалициска солидарност ќе се замижи и јавно ќе се искаже од друг висок политички фактор на власта дека нема да биде побарана одговорност од тој што (не)намерно го прекршил уставот.
На таквиот политички опортунизам, со кој е констатирано прекршувањето на уставот, но, сепак, не се бара одговорност, никако не може да се примени принципот на делење правда од старите приказни – „кој признава, половина му се простува“, туку повлекува иста таква одговорност за прекршување на уставот. Оправдувањето и замижувањето на прекршувањето на уставот истовремено значат ново прекршување на уставот.
Политичкото девалвирање на македонскиот устав и на целото законодавство одамна не може да се нарече инцидентна состојба, која се случила еднаш во исклучителни околности. Состојбата е доведена до тој степен што сите што имаат одредени интереси од македонската држава сметаат дека Уставот е (нај)лесната цел за нивно спроведување. Примената на иронија во спроведувањето на владеењето на правото во Македонија одамна го има надминато значењето на политичка стилска фигура, што веќе е реален историски факт, сублимиран во изјавата на еден еврокомесар – ако уставните промени за менување на името на државата не успеат со демократски методи, тогаш ќе се применат балканските методи. Во услови кога претставниците на власта манипулираат и меѓусебно се оправдуваат за прекршување на Уставот и поткопување на принципите на владеење на правото, повикувањето на истиот тој Устав како изговор за неспроведување некои претходно искажани ветувања (за поддршка на Резолуцијата за македонските национални позиции во евроинтеграциите), секако, наведува на заклучок за политички цинизам.
Досегашното искуство на Македонија, т.е. на македонските политичари во процесот на евроинтеграциите, треба да биде совладана лекција дека иако ЕУ неофицијално поддржува „балкански методи“, кога тие се применуваат надвор од нејзиниот двор и кога смета дека не ја засегаат, знае мошне „принципиелно“ да им ги „тресне од глава“ на тие што можеби и самата ги навела да ги применат. Владеењето на правото, т.е. правната држава сѐ уште е носечкиот елемент на Копенхашките критериуми на Унијата, кои треба да бидат целосно применети и усогласени со правото на земјите-кандидати во процесот на преговорите.
Фактот што Македонија заглави во евроинтегративниот процес исполнувајќи „некопенхашки“ критериуми на своите соседи, кои го злоупотребуваат приматот на членството во ЕУ, никако не значи дека Унијата е подготвена да ѝ прогледа низ прсти на земјава за секое евентуално прекршување на владеењето на правото. Впрочем, ЕУ јасно и строго го кажа тоа со менувањето на методологија за преговори со земјите-кандидатки, и тоа веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, за кој македонските власти сметаа дека безрезервно ќе ги рашири портите на ЕУ. Напротив, ЕУ воведе уште построга методологија на реверзибилност во преговорите, со која доколку биде констатирано назадување во реформите во одредено поглавје, може повторно да го врати процесот на преиспитување, дури и да е затворено поглавјето. Но и понатаму, поглавјето за владеење на правото прво се отвора и последно се затвора.
Се чини дека македонските високи официјални политичари почнуваат да се привикнуваат на ветата и незапочнатите преговори за членство во Унијата, па го користат вакуумот во очекувањата за правни реформи, „тестирајќи“ го Уставот, обидувајќи се да се наметнат во Македонија како „закон-фраери“.