Македонија нема проблем со законската регулатива туку има проблем со изигрувањето и непочитување на законските акти. Има проблем со политички зулумќари што правото и законите ги третираат како решето низ кое можат се да протнат. Токму во таа насока ги сфаќам и најновите пораки од Брисел
Првата недела од кампањата за претседателските избори ја обележија серија изненадувачки изјави, тези, пораки, но и сериозни пропусти и лапсуси, несоодветни и на профилот на кандидатите и за позицијата на која претендираат. Во обидот да допрат до што поголем број потенцијални гласачи, се добива впечаток како учесниците во кампањата и нивните тимови да ја користат стратегијата „кому иде“, постојано лутаат лево-десно, без јасна идеологија, со пласирање двосмислени определби, со извештачени и неуверливи настапи, кои повеќе личат на лоша глума отколку што рефлектираат силни и јасно дефинирани позиции и ставови.
Веројатно затоа за само неколку дена имавме и еден куп гафови, лапсуси, но и доста конфузни и спротивставени тези, меѓу кандидатите и нивните партиски поддржувачи.
Веќе станува патетично и проѕирно постојаното повторување и повикување на кандидатите за претседател дека се натпартиски, независни, консензуални кандидати, иако реалноста овие тези ги демантира уште на првата кривина.
Доволно е само да преброите на митинзите колку минути говори претседателскиот кандидат, а колку лидерите и функционери на партиите што ги поддржуваат и лесно ќе воочите дека соодносот е речиси три спрема еден во корист на лидерите. Ете, точно толку се и овие кандидати независни. Или, претворено во проценти, тие се 33,3 проценти натпартиски, додека 66,6 проценти партиски. Да не ги споменувам тука логистиката на терен, финансиите и сѐ друго што вклучува една кампања и ја спроведуваат директно партиите. Затоа, аман, престанете веќе со тие приказни за мали деца и концентрирајте се на посуштинските теми и проблеми.
Од друга страна, веројатно сите тројца претседателски кандидати се свесни дека партиите што застанаа зад нив не им гарантираат никаков успех и неопходна им е поддршка од неопределените, пред кои постојано се правдаат колку биле независни, но тука пак има друг парадокс, да не речам меч со две сечила. Обидувајќи се да им се приближат и додворат на неопределените, губат гласови и поддршка кај определените. Но тоа е веќе нивни проблем.
Она што особено ѝ паѓа во очи на јавноста во првата недела од кампањата е евидентната доза на несериозност и расфрлање со спротивставени изјави дури и од еден ист кандидат.
Можеби претендентите, како професори по занимање, мислат дека е дозволено така да се однесуваат, но водење политичка кампања и јавен настап е нешто сосема поинаку од држење предавање во амфитеатар. Притоа јавноста и граѓаните не се ничии ученици и студенти да им делите лекции и кон нив да се однесувате надмено, професорски, одозгора, што би рекле. Зачудува и неснаоѓањето и контрадикторноста во одредени изјави дека на пример: официјално и службено всушност го прифаќаат новото име на државата, но приватно ќе го бранат старото име, иако на митинзите се говори нешто сосема друго. Изборниот законик и нашиот систем не познаваат приватно и службено кандидирање, ниту, пак, приватно и службено вршење на функцијата. Претседателот на државата не е претседател до 16 часот, додека му трае работното време, а потоа да стане приватно лице. Сѐ што тој јавно ќе направи, преземе, каже, потпише е строго службено и никако поинаку.
Или тврдењето дека Преспанскиот договор можел да се оспори пред некоја агенција за протокол, па тезите дека најважно било што мислат Трамп, Макрон и Меркел, а не што мислат македонските граѓани, дека политиката била над правото, иако токму владеењето на правото и законите е практично еден од најсуштествените и водечки принципи на кои се темели Европската Унија. Има уште многу збунки, небулози и нелогичности што ги чувме само за една недела кампања, па којзнае што сѐ ќе чуеме до крајот.
Во една пригода дури и премиерот, осврнувајќи се на политичките состојби во државата, констатира дека се нема концепт, не се нуди ништо или, со други зборови, само се млати празна слама, се разбира мислејќи и упатувајќи ги ваквите зборови кон своите политички противници. Од друга страна, слични порака на адреса на власта секојдневно упатува и опозицијата, констатирајќи дека нема ништо од ветениот живот, дека дошле црнила, сме се вратиле децении наназад.
Кој колку е во право и кој кого сака да намагарчи, проценете сами. Но народот има една мудра изрека, која вели – не умри магаре до зелена трева. На магарето постојано му велеле да не се буни, да не умира за јадење, да издржи, бидејќи наскоро (напролет) ќе порасне зелена трева, ама тоа никако да се случи, зашто зимата и студот не попуштале и не поминувале.
И од политичарите постојано слушаме едни исти ветувања, но ниту џебот ниту стомакот ни се пополни, туку, напротив, од година на година сѐ поголем е бранот на иселувања од државата. Еве, и пролета пристигна, но резултатите, очекувањата, ветувањата сѐ уште ги нема. Ни остана само млатењето празна слама, како национална дисциплина.
И за чудо, ваквиот тренд го зафати и Брисел, па оттаму доаѓаат сигнали дека, наместо конкретен датум за преговори со ЕУ, како што се очекуваше, всушност ќе сме добиеле календар со прецизен распоред на датумите за датумот на датумот за евентуален датум за почеток на преговорите. Меѓу граѓаните ова жаргонски речено уште се вика „ако не овој петок, тогаш следниот вторник“. И соседите имаат своја изрека, па велат „мало сутра, па можда и прекосутра“.
Нема човек што некогаш не се сретнал со оваа појава, кога, нели, добивате збор дека работата ќе се заврши, само сега не е моментот. А моментов никако да дојде.
И додека веројатно добар дел граѓани се чувствуваат измамено и прелажано по ваквиот студен туш од Брисел, со оглед на огромните жртви и отстапки што Македонија беше принудена да ги направи токму за да му угоди на Брисел, преку промена на името, Уставот, амнестијата и слично, ако добро се подразмисли, дел од одговорноста лежи и кај нас, односно кај домашните политички партии и елити. Зашто токму тие сиве изминати години најмногу се раководеа токму според начелото „не овој петок, следниот вторник“. Вистинските реформи постојано се потурнуваа под тепих и вината за тоа потоа се префрлаше врз политичкиот противник.
Освен уставните измени и промената на името, кои се изведоа набрзина и прекутрупа, сѐ друго се остава за следниот вторник. Македонија не покажа задоволителни резултати во борбата со корупцијата и непотизмот. Дури се добива впечаток дека таа процвета со серијата скандали и партиски вработувања, кои остана без разврска. Во делот на економијата добивме оценка нула од страна на германските компании, а редица забелешки искажаа и други странски инвеститори и комори во државата. За домашните стопански субјекти и да не говориме, зашто нивните конструктивни укажувања одамна како да не ги слуша никој.
Во делот на судството и владеењето на правото, резултатите се исто така крајно незадоволителни.
Тука, се разбира, не мислам само на последните несогласувања меѓу власта и опозицијата околу иднината на СЈО и законот со кој ќе се уреди неговото дејствување, туку генерално на востановената практика правото да се (зло)употребува како алатка на политиката.
Македонија нема проблем со законската регулатива, туку има голем проблем со изигрувањето и непочитување на законските акти. Има проблем со политички зулумќари, кои правото и законите ги третираат како решето низ кое можат се да протнат.
Токму во таа насока ги сфаќам и најновите пораки од Брисел дека повторно ќе нѐ стават во некаков инкубатор, односно во подготвителна фаза за проширувањето. Тоа е камшикарот што Европската Унија ни го праќа во форма на предупредување до сите политичари во Македонија од власта и опозицијата.
Камшикарот чија громогласна порака, за оние што сакаат да ја чујат, гласи: Бадијала сменивте и име и устав и сѐ, ако не ги смените навиките, политичкиот менталитет, однесувањето. Ако работите постојно ги одложувате од денес за утре, ако наместо решенија за проблемите секогаш барате само изговори, ако пред нас глумите конструктивност, а зад нас сеете деструктивност, се кошкате и обвинувате меѓусебно, ако, ако, ако…
Очигледно Брисел, кому дволичноста, лицемерството, двојните стандарди не му се непознати, овој пат тешко ќе го натераме да ни прогледа низ прсти, доколку брзо не испорачаме резултати во најсуштествените области на кои се темели Унијата, меѓу кои секако е и владеењето на правото. Во вакви околности изгледа не ни преостанува ништо друго освен да се помолиме за здравје. Сѐ друго, по обичај, ќе ни ветат политичарите. Ако не овој петок, следниот вторник!