Моменталните бројки укажуваат на вистински подем на независни кандидати и како да најавуваат еден сосема нов и многу посакуван политички тренд на разградување на цврсто утврдените партиски структури. Но ако само малку се раскопа површинскиот слој, ќе може да се види оти очекувањата, исто како и ветувањата, се многу наивни
Генералната неатрактивност на локаните избори, презаситеноста од политиката, но и општата пандемиска депресија се покажаа како сериозна закана за опстанокот на политичките елити, барем во досегашната форма на цврсто утврдени партиски структури. Откако цели три децении таквите, во услови на целосно девастирани институции во Македонија, извонредно моќни организации својата способност за контрола и манипулација мошне брутално и ефикасно ја имплементираа низ сите пори на државата и на општеството, при што поголемиот дел од тие што се спротивставуваа беа изложени на немилосрдна егзекуција, најпрвин со елиминирање од јавниот живот, а потоа…, а преостанатите беа доброволни заложници на најчесто погрешните политики, во јавноста почна да тлее едно расположение, кое засега би можело да се дефинира само како индикативна воздржаност, или пасивен отпор кон политичката понуда.
Но политичките елити не би биле тоа што се, ако барем во поглед на способноста, по секоја цена да се одржат на површината, не беа еден чекор пред другите. Иако не го признаваат тоа, сосема е јасно оти се свесни какво расположение владее во јавноста и затоа посегнаа по својата најпроверена тактика, тактиката на залажување, уфрлувајќи ги и своите меѓу некои автентично независни или граѓански кандидати за градоначалници и за општински советници. На поголемиот дел од јавноста во моментов не му е јасна „намената“, како на „независните кандидати“, кои „дополнително“ ја добија партиската поддршка, така и на тие што како „независни“ беа „отстранети од партијата“. Но времето ќе покаже.
На јавната сцена веќе има и премногу ликови што пред своите набрекнати политички амбиции ладнокрвно ги погребаа сите општоприфатливи норми и принципи, така што и дел од оние што сега се прикажуваат како независни кандидати лесно ќе се претопат во таа шаренолика, но не баш занемарлива група. На автентичните, независни и граѓански кандидати треба да им се посака среќа, зашто само таа може да им помогне некако да ги одбегнат сите стапици што партиите, неуморно и посветено, со години токму за нив ги вградуваа во изборниот систем
И тоа ќе резултира со многу помала штета од штетите што ги прави самиот обид на партиите да го менаџираат вклучувањето на навистина независни личности во изборниот процес и да го саботираат остварувањето на нивното пасивно изборно право. Наједноставно кажано – се девалвира идејата за независните, граѓански кандидати не само на овие туку и на сите наредни избори. И ако на политичките партии тоа досега им поминуваше мазно, во помала мера на претходните парламентарни, а мошне забележително на последните претседателски избори, сега веќе, барем според коментарите на социјалните мрежи, може да се забележи оти барем еден помал дел од јавноста веќе и отворено реагира на обидите докажано партиски кадри да ѝ се подметнат како независни.
Јасно дека силните инфраструктури на најдоминантните партии, како единствени што сѐ уште функционираат во државата, ќе можат да го поднесат и тој товар и дека нивните „независни“ кандидати ќе остварат, ако не победнички, тогаш барем убедлив резултат и дека потоа, без никакви објаснувања, ќе продолжат да се движат по насоките од нивните партиски централи. Дали јавноста, тогаш, од нив ќе добие објаснување за овие „вонпартиски екскурзии“? Се разбира дека нема да има никакви објаснувања. Барем не такви што би биле издржани и убедливи.
На јавната сцена веќе има и премногу ликови што пред своите набрекнати политички амбиции ладнокрвно ги погребаа сите општоприфатливи норми и принципи, така што и дел од оние што сега се прикажуваат како независни кандидати лесно ќе се претопат во таа шаренолика, но не баш занемарлива група.
На автентичните, независни и граѓански кандидати треба да им се посака среќа, зашто само таа може да им помогне некако да ги одбегнат сите стапици што партиите, неуморно и посветено, со години токму за нив ги вградуваа во изборниот систем.
Конечно, треба да се има предвид и оти, како што се вели во народот, не е злато сѐ што сјае. Особено не во длабоко партизирана држава каква што е Македонија. Оттука, дури и кога некој ќе се самопрогласи за независен, се појавуваат голем број прашања: дали и како тој воопшто ќе функционира во амбиентот во кој ама апсолутно сѐ зависи од партиската припадност, значи ли тоа дека тој секогаш кога е потребно ќе сака и ќе може ќе застане наспроти доминантните партиски олигархии, ќе успее ли да го зачува својот интегритет…
Моменталните бројки укажуваат на вистински подем на независни кандидати и како да најавуваат еден сосема нов и многу посакуван политички тренд на разградување на цврсто утврдените партиски структури. Но ако само малку се раскопа површинскиот слој, ќе може да се види оти очекувањата, исто како и ветувањата, се многу наивни.