Откако со години, во крајно истоштувачка општа атмосфера, сведочевме на разни средби и полусредби по многубројни белосветски холови и локални ќошиња, чија цел како да не беа договори туку некакви бесконечни преговори, сега имаме ситуации во кои онака, прекуноќ, само за неколку часа се создаваат и се распаѓаат коалиции и паракоалиции, се формираат групи за поддршка и нови парламентарни мнозинства, се престројуваат партиските членства и раководства, се поместуваат црвените линии…
Политичката сцена во Македонија деновиве повторно стана мошне динамична, што, секако, се должи на контекстот во кој треба да се носат големи одлуки, но и на забрзаниот расплет на судските случаи што произлегоа од долго кумулираните настани зад кулисите на политиката. Сосема очекувано, во целиот тој амбиент секојдневно, рафално и повремено се истрелуваат тешки зборови. Но, сепак, политиката како никогаш досега остана без текст и контекст. Тоа го покажаа последните случувања во и околу опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но, меѓу другото, и неодамнешниот јавен истап на некогашната висока функционерка на СДСМ, Софија Куновска, според чиј, верувам, мошне верен опис ниту во таа партија состојбата не е многу подобра.
Откако со години, во крајно истоштувачка општа атмосфера, сведочевме за разни средби и полусредби по многубројни белосветски холови и локални ќошиња, чија цел како да не беа договори туку некакви бесконечни преговори, сега имаме ситуации во кои онака, прекуноќ, само за неколку часа се создаваат и се распаѓаат коалиции и паракоалиции, се формираат групи за поддршка и нови парламентарни мнозинства, се престројуваат партиските членства и раководства, се поместуваат црвените линии… Не дека тоа е сосема нова и сѐ уште невидена ситуација, но забрзаниот развој на настаните, овој пат, јасно како никогаш досега ја покажа сета леснотија на политичкиот промискуитет, поради кој и ја имаме оваа наказна демократија, која, пак, и не може да создаде ништо друго освен наказна држава. А во таквата држава не се води политички дијалог, нема издржани аргументи и контрааргументи, нема процедури, се прекршуваат законите и се врши уставно и секакво друго насилство, што резултира само со уште подлабоко чувството на фатализам и апатија кај граѓаните. Се разбира, само кај тие што немаат партиска книшка со едноцифрен или барем двоцифрен реден број. Или повеќе.
Дали сето тоа се сериозни симптоми на кризата на политичките партии и на самата демократија воопшто или, пак, тоа е само уште еден локален синдром произлезен од немањето демократска култура и традиција, како што милуваат да ни дијагностицираат западните експерти?
Забрзаниот развој на настаните, овој пат, јасно како никогаш досега ја покажа сета леснотија на политичкиот промискуитет, поради кој и ја имаме оваа наказна демократија, која, пак, и не може да создаде ништо друго освен наказна држава. А во таквата држава не се води политички дијалог, нема издржани аргументи и контрааргументи, нема процедури, се прекршуваат законите и се врши уставно и секакво друго насилство, што резултира само со уште подлабоко чувството на фатализам и на апатија кај граѓаните. Се разбира, само кај тие што немаат партиска книшка со едноцифрен или барем двоцифрен реден број. Или повеќе
Во експертската политичко-социолошка јавност и понатаму убедливо се тврди дека политичките партии се централни институции на демократски систем, дека без нив не може да се функционира во современите демократии, дека тие се еден од најзначајните пронајдоци на модерниот свет… Како би се спроведувале избори, како би дејствувал парламентот, како би се воспоставила врска помеѓу гласачите и властите, како би се оформиле политичките елити и би се организирал политички живот воопшто… Сето тоа се реторички прашања што ги поставуваат голем број политички теоретичари и истражувачи. Со таквата реторика лесно се прикриваат негативните тенденции, се игнорираат вознемирувачките знаци, па дури и се обвинуваат критичарите за ширење антипартиско расположение. Но дури и интелектуалните апологети на партиите би требало барем малку да се вознемират од сѐ појасните знаци на кризата и од сѐ поизразената недоверба во легитимноста на водечките партии, што, впрочем, беше сосема очигледно на неодамнешниот референдум, со нивното сѐ подиректно посочување како организирани извори на криминал и корупција, но и од политичкиот промискуитет, на кој деновиве повторно сведочиме.
Експертите и за тоа имаат објаснување: наместо „поголема демократизација“, на партиите им се случува „екстремна централизација“, што во нашиов случај може да се прифати без никаква резерва. Но кој е одговорен за тоа? Пасивното членство, кое во партиите се зачленува сѐ помалку заради идеологијата, а сѐ повеќе заради очекување дека ќе оствари некаков личен интерес? Или раководствата на партиите што со години си ги моделираа партиските статути според сопствената лика и прилика. Па, така, партиските лидери ретко ќе отворат можност за влијание на членството врз политиката на партијата, и тоа само во ретки случаи, кога партијата ќе се соочи со големи изборни загуби или кога шефот на партијата се обидува да ги елиминира потенцијалните ривали во сопствените редови.
А доколку навистина се сака, тоа може да се промени само со замена на поданичката и конформистичка со партиципативна култура, на која, сепак, мора да ѝ претходи долг пат на реформа на образовниот систем, но и поголемо вклучување на партиите во социјализацијата и образованието на нивните членови наместо во нивно корумпирање преку привилегираните вработувања, разни ангажмани и доделувања повластици на сметка на државата.
И конечно, ваквите чекори во вистинската насока можат да ги променат нештата посуштествено само ако се поврзани со зголемената конкуренција меѓу партиите. А ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, според она како ги креираат и ги спроведуваат своите политики и како ја практикуваат власта, веќе подолго време повеќе личат на партнери отколку на конкуренти, така што, доколку сѐ уште не е предоцна, добро би било да се поттикнуваат на повеќе партиципација во политиката помалите партии, надвор од орбитата на двете доминантни, а прв и неопходен чекор кон тоа би била промена на изборниот модел. Секако, доколку тоа го дозволат големите.