Неопходно е властите да се заземат во рамките на своите ветувања и можности и да обезбедат услови за земјоделството да функционира без загуби и големи удари. Но тоа подразбира долгорочни стратегии и нивно доследно и принципиелно спроведување, а не повремени плитки сеидби, со какви што одвреме-навреме умееше да се пофали секоја влада досега
Уште на почетокот на оваа година домашното земјоделство го одбележуваат нови протести на земјоделците, секако сосема реални и оправдани. На јавноста ѝ е познато дека лозарите протестираа и најавуваат поголема радикализација на своите протести доколку не им се исплатат средствата за предадените количества грозје. Секако, нивните постапки се сосема легитимни, па веројатно можеме да кажеме и дека се сосема очекувани, ако имаме предвид дека две винарници им должат пари за грозје што им го предале уште во 2015 и 2016 година. Но, за да биде проблемот уште поголем, лозарите посочуваат дека тие не се единствените на кои им се должи. Односно, освен за двете винарници, кои веќе се познати во јавноста, на лозарите за предадено грозје од пред повеќе години им должат и други откупувачи, за што правдата се бара на суд. Последната најава од Владата дека таа ќе го покрие долгот не е трајно решение, туку популистичка мерка, со која пожарот само привидно се става под контрола.
Уште попроблематично е што неплатеното грозје на македонските лозари не е единствениот проблем што вирее во македонското земјоделство. Нашите земјоделци масовно го напуштаат земјоделството поради многубројните проблеми со кои се соочуваат секојдневно.
Ако се навратиме на она што се случуваше во изминатава година во аграрот, лесно можеме да заклучиме дека земјоделците мака мачат со производството и иако постојано апелираат да се подобрат условите за работа во аграрниот сектор, сепак, и понатаму нема значително подобрување на состојбите во овој значаен сектор.
Во текот на минатата година бевме сведоци дека земјоделците имаат голем проблем со пласманот на своите производи. Последни во низата проблематични сектори се најдоа јаболкопроизводителите, кои посочуваа дека дури им било нудено јаболката да им бидат откупувани за нула денари. Па, зарем нулата е сума? Кој имаше храброст да им понуди такво нешто на луѓе што вложувале цела година, се мачеле, работеле, а некои од нив и ангажирале дополнителна работна сила, да им го откупат производот за нула денари, односно за потврда дека предале јаболка, а за возврат да добијат документи со кои ќе бараат субвенции од државата.
Да се потсетиме дека изминатата година поради ниската цена и сливите останаа ненабрани, но во ваквите ситуации нема кој да ги обесштети земјоделците. Од друга страна, честопати се жалат и производителите на житни култури, кои алармираат дека цените за трошоците им се многу повисоки отколку откупната цена на нивните производи.
Со години се алармира за проблемите со кои се соочуваат земјоделците и иако се нудат и бараат мерки за трајно подобрување на состојбите, сепак, проблемите како да се повторуваат и како да се префрлаат од една во друга област
Но недостигот од пласман, за жал, пред сѐ останува нивни проблем, иако Владата се обидува со разни мерки да ја ублажи состојбата, а секако и нивните загуби.
Со години се алармира за проблемите со кои се соочуваат земјоделците и иако се нудат и бараат мерки за трајно подобрување на состојбите, сепак, проблемите како да се повторуваат и како да се префрлаат од една во друга област во секторот. Поради ова, земјоделците честопати посочуваат дека постепено сите земјоделски сектори во земјава ќе бидат напуштени, дека ќе нема кој да одгледува и да произведува ниту житни култури ниту раноградинарски производи ниту овошје…
Навидум, како една од најсредените области во земјоделството во Македонија е одгледувањето тутун. Но ова е дејност што е организирана од државата и одгледувачите на тутун однапред го имаат договорено откупот. Сепак, факт е дека долги години и тие се мачеа со откупот и со предавањето на тутунот во откупните центри. За среќа, во последниве години таа слика не се повторува.
Оттука, се наметнува прашањето како да се организираат и другите сегменти во земјоделскиот сектор за да нема фрлање земјоделски производи по улиците и за да нема измамени производители.
Многу е важно притоа на земјоделците, како впрочем и на целата економија во државава, да им се обезбедат услови за нормално работење, да се спроведуваат законите и да функционира правната држава, за да можат тие без страв од измами да ѝ го предадат својот продукт на одредена компанија или откупен центар.
Секако, притоа е неизбежно за аграрот да се обезбедат и услови за нормално функционирање, но и пристап до поевтини инпути, односно поевтини но квалитетни семенски материјали, поевтин енергент или зелена нафта, за која долго време зборуваме, а никако да ја добијат, и многу други.
Неопходно е властите да се заземат во рамките на своите ветувања и можности и да обезбедат услови за да функционира земјоделството без загуби и големи удари. Но тоа подразбира долгорочни стратегии и нивно доследно и принципиелно спроведување, а не повремени плитки сеидби, со какви што одвреме-навреме умееше да се пофали секоја влада досега.