„Браќа Манаки“ може да се вброи во категоријата на одлични фестивали, иако ја нема ознаката А, затоа што шармантната Битола, единствена посветена на директорите на фотографија, е нашата ретка фестивалска гордост, која знае да ги негува своите ѕвезди (инцидентно, но затоа уште повеќе со нетрпение очекувани), но и својата публика
„Еден кадар за мене, еден за историјата“, било мотото на браќата Милтон и Јанаки Манаки со кои започна балканската филмска историја во Битола, максима слична на онаа позната реплика од филмот „Медена земја“ – „Пола за мене, пола за нив“, што ја повторува пчеларката Атиџе додека медитативно им пее на пчелите… Во оваа филозофија се крие всушност смислата на целото човеково постоење, противејќи се на алчноста како најголемо човеково искушение. Најголемите цивилизациски придобивки всушност настанувале како резултат на оваа длабока филозофија – правична распределба, како онаа на медот на Атиџе, од која зависи егзистенцијата, или онаа на филмската лента на Манаки, која создаде бесценето филмско наследство на кое треба да бидеме горди и да го чуваме и афирмираме и понатаму. А најдобар начин за тоа е да го негуваме фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, кој заврши викендов, заокружувајќи го своето јубилејно 40-то издание.
Архивските снимки од сите 40 изминати години во кои Битола дише со филмот, прикажани на почетокот на фестивалот, потсетија дека тој дух, помалку или повеќе автентично, сѐ уште се чувствува во градот што со години ги пречекува великаните на светската и домашната кинематографија, со фокус на оние помалку видливите за гладната за сензации публика, оние што најчесто се скриени зад камерата, но чие присуство во крајниот продукт е речиси незаменливо. На црвениот килим годинава немаше големи светски актерски ѕвезди, какви што јавноста отсекогаш со посебна страст консумирала, но затоа по него прошетаа неколку врвни снимателски и режисерски имиња од светската кинематографија.
Свесни за огромното филмско наследство што го има оваа земја, и гостите на фестивалот редовно потенцираат колку е значајно што тој непрекинато четири децении се одржува. Во таа смисла, од името на Меѓународната асоцијација на кинематограферите, Најџел Волтерс во Битола порача дека треба да го славиме раскажувањето преку подвижните слики и да се потсетиме на денот кога Јанаки заминал во Лондон за да ја купи камерата и воопшто не претпоставувал дека алатката што ја купува ќе стане главната алатка на најголемата уметност на иднината… Така, Битола стана мека на кинематограферите, а „Браќа Манаки“ како еден од двата фестивала посветени на кинематограферската работа во филмот, покрај оној во Полска, каде што главно се презентираат високобуџетни филмови, го доби приматот кога станува збор за фестивали што го наградуваат снимателскиот придонес.
Битола полека учи како да дише со топлина, шарм и мир, наместо со изнасилен гламур, а сепак да не ве остави рамнодушни. И културниот естаблишмент, се чини, научи како да ги исполни критериумите за успешност на еден фестивал, да донесе барем дел од најдоброто од светската филмска продукција, во моментов, и понекоја
ѕвезда на отворањето, но знаејќи дека не се доволни само блескави кулиси, затоа што потребата од култура не смее да се задоволи исклучиво со поглед кон црвениот тепих
За време на изминатите фестивалски денови, на ова 40-то издание се славеше јубилејот со најдобрите луѓе во филмската уметност: Ед Лакман, Љупчо Константинов, Хозе Луис Алкаине, Џим Шеридан, Рајнер Клаусман, Фатих Акин, Џон Метисон, Најџел Волтерс, Атанас Ѓоргиев, Фејми Даут, Самир Љума, Ерик Готје, Роберто Баруеко… Осум дена, пет локации, 128 филмски наслови создавани низ целава планета од филмски уметници од над 50 земји во светот, подредени во 14 фестивалски програми…
Низ светот има многу, навистина многу филмски фестивали, од Гоа до Африка, од Шангај до Оберхаузен. Тринаесет меѓу нив ја имаат категоријата А (Торонто, Москва, Монтреал, Сан Себастијан, Локарно, Карлови Вари, Мар де Плата и Токио), а Берлин, Кан и Венеција предничат. Меѓународната асоцијација на филмски продуценти ФИАПФ му ја доделува категоријата А на еден фестивал кога тој ќе исполни определени услови. Дотаму не сме стигнале, се разбира. Дотаму впрочем не стигнал ни еден „Санденс“, а сепак и без вредносниот печат е извонредно познат. И „Браќа Манаки“ може да се вброи во оваа категорија на одлични фестивали, иако ја нема ознаката А, затоа што шармантната Битола, единствена посветена на директорите на фотографија, е нашата ретка фестивалска гордост, која знае да ги негува своите ѕвезди (инцидентно, но затоа уште повеќе со нетрпение очекувани), но и својата публика.
Битола полека учи како да стане вистински филмски град, кој ќе дише со топлина, шарм и мир, наместо со изнасилен гламур, а сепак нема да ве остави рамнодушни. И културниот естаблишмент, се чини, научи да ги исполнува критериумите за успешност на еден фестивал, да донесе барем дел од најдоброто од светската филмска продукција, во моментов, и понекоја ѕвезда на отворањето, но знаејќи дека не се доволни само блескави кулиси, затоа што потребата од култура не смее да се задоволи исклучиво со поглед кон црвениот тепих.