Наместо да чека нови препораки, рокови и методологии (кои веќе 30 години ги чекаме) Македонија сама да предложи не само датум за преговори туку и предвидлива и кратка временска рамка за полноправно членство во Унијата
Нова година, нови надежи, нови визии. Може ли новата 2020 г. суштински да ја промени и видоизмени досегашната главно разочарувачка перцепција за европската иднина на нашата државата. Деценискиот сон за Македонија како дел во ЕУ да почне да се живее и ужива, наместо и понатаму само да се сонува, и тоа најчесто како кошмар.
Тешко е за верување дека за кратко време може да се промени нешто што сме го пропуштале изминатите скоро три декади. Но истовремено, токму мноштвото залудно изгубени години во минатото нѐ обврзуваат на брза реакција сега. Зашто веќе немаме ниту простор ниту време за губење и неопходни се брзи, неодложни, но истовремено и храбри и обмислени потези и стратегии.
Во спротивно, целосно ќе се доиспразни државата и ќе ја бараме Македонија расеана насекаде низ Европа и светот. Ќе ни останат само уште спомените и песната „Каде сте Македончиња, каде сте кај отидовте“. И наместо како македонски народ и држава да исчекориме кон ЕУ со свој национален идентитет, одлучно и достоинствено, може да се случи во скоро време да се претопиме и иселиме засекогаш во Европа, што несомнено претставува и најголема опасност за опстанокот на Македонија. На прв поглед некој можеби ќе помисли дека текстов алудира на претстојните предвремени парламентарни избори и потребата од радикална промена на политиките во државата. Сепак, вистинската намера, всушност, е многу покомплексна и подлабока и не се однесува толку на партиите, колку на стратегиите, иницијативноста, идеите и визионерството генерално за иднината на државата. А токму една таква, би рекле, спасоносна визионерска национална стратегија, наменета за сите политички партии во државата, е време да се претстави пред јавноста, на почетокот на новата календарска година, како година на надеж за државата. Празнувањата поминаа и сега е време сите сериозно да се зафатиме со работа.
Значи темата е наше брзо приближување и влез во ЕУ и како да се направи тоа.
Повод повеќе токму сега да се отвори ова прашање е фактот што веќе на почетокот од идната недела во земјава доаѓа новиот комесар за проширување Оливер Вархели, кој, ете, може да има и ексклузивна можност да ја чуе новата проактивна македонска стратегија за Европа. Во моментов таа е сѐ уште само иницијатива на првиот македонски дневен весник, која се надеваме дека ќе биде широко прифатена од сите политички субјекти во државата, доколку навистина искрено се залагаат за Европа.
Суштината е во следното. Наместо да чека нови препораки, рокови и методологии (кои веќе 30 години ги чекаме) Македонија сама да предложи не само датум за преговори туку и предвидлива и кратка временска рамка за полноправно членство во Унијата. На пример, датум за преговори во мај годинава, полноправно членство, односно влез во Унијата во 2025-2026 година. Некој веднаш ќе каже преамбициозно, нереално и утопистички, познавајќи ги политичкиот менталитет и досегашните околности во државата. Можеби е така. Но и најголемите изуми, достигнувања во науката и практиката започнале од некоја, на прв поглед, необична, но сепак остварлива иницијатива или замисла.
Од друга страна, ваквиот предлог за брза интеграција во ЕУ, всушност, е во согласност и со новата методологија на Франција, која се залага за суштински реформи на земјите-кандидатки под постојан мониторинг за скусување на роковите наместо преговарање со децении.
Зошто е ова примамливо решение за Македонија? Прво затоа што првпат од својата самостојност државата ќе покаже и ќе демонстрира вистински проактивна позиција во однос на интеграцијата во ЕУ. Досега главно политиките на државата беа реактивни, пост фестум, или што би рекле преземавме нешто по некој извештај, некоја забелешка, колку да се рече. Или уште полошо настапувавме декларативно, само на зборови се залагавме за ЕУ без преземање вистински суштински потези и реформи на континуираните забелешки од нивна страна.
Но никогаш не настапивме храбро, одважно, амбициозно, со јасно изразен став и потези дека сме за брзо членство. Се покажа дека дури и промената на името на државата не било услов за ЕУ туку тоа се редица други со години нерешени прашања и проблеми. Дека е тоа така најдобар показател се континуираните и со децении повторувани забелешки за нефункционалност на правната држава, високо ниво на корупција и непотизам, партизација на државата, нестручност и некомпетенција во администрацијата и државните институции итн. Овие забелешки ни ги повторуваат веќе 30 години и пак ништо не се менува. Во одредени сегменти дури состојбите се и полоши од претходно. Ние практично не се приближуваме туку сѐ повеќе се оддалечуваме од ЕУ.
Тоа говори дека европската агенда е само изговор, параван зад кој се кријат низ годините политичките субјекти и од власта и од опозицијата од независноста на државата досега, без притоа што било да се преземе за отклонување на констатираните слабости. Ваквото залажување на јавноста, како мало дете со лижавче, и од страна на македонските политички елити, но и од страна на Европа, од година на година само го продлабочуваше јазот и ги зголемуваше апатијата и разочараноста кај македонските граѓани.
Залудни беа и редица досега донесени политички декларации и заложби, демек колку силно сме ЕУ, кога тоа не нѐ помести ниту милиметар од мртвата точка. И понатаму стоиме во место и чекаме во чекалницата. Дури и најавите дека сега наводно Макрон ќе попуштел и ќе сме добиеле датум во мај не значат многу без јасна визија, стратегија и платформа за брзо членство во Унијата. На крајот на краиштата што значи голиот датум за преговори кога до влезната врата нѐ чека пат долг 20, па и повеќе години. Што ако Турција е земја-кандидат за ЕУ од 1987 година и ги започна преговорите пред 15 години кога досега речиси ниту едно поглавје не е целосно затворено.
Може ли Македонија да го издржи тоа? Да остане во чекалницата уште 20-30 години. Сигурно не. Без брз влез во ЕУ, но истовремено и без нова визија за перспективност и стратегија за забрзан економски раст Македонија ќе се опустоши и испразни. А таква Македонија најмалку ѝ е потребна на ЕУ. Барем не како рамноправен партнер, можеби само како роб и вазал.
И сега вториот сегмент од темата – како да се постигне брзо членство во ЕУ.
Се разбира, ЕУ не е хуманитарна организација и никој нема да ве прими од сожалување или милосрдие. Иако за волја на вистината во минатото имало редица примери кога членки станувале држави, кои ниту тогаш па дури и ни сега не ги исполнуваат условите и критериумите за членство. Но тоа е друга приказна. На Македонија такво поклонето членство не ѝ треба, и не ѝ носи ништо добро. Стратегијата што ја предлагаме и за која погоре стана збор подразбира, пред сѐ, отклонување на сите досегашни забелешки на Брисел во однос на правната држава, корупцијата, преобемната и неефикасна администрација, партизацијата итн. Со други зборови, почнување немилосрдна и беспоштедна битка со сето зло што се испречува на патот кон ЕУ. Една таква демонстрирана енергија и заложба од македонска страна за спроведување на посочените реформите ќе ги фрли во втор план евентуалните нови сопки и уцени од соседите и истите тие ќе ги направи целосно беспредметни во очите на преостанатите членки на ЕУ.
Во таа насока сите политички чинители, кои вистински се подготвени да се реформираат и себеси и државата во интерес на граѓаните и европската иднина, треба да истапат чекор напред, да се декларираат и целосно без исклучок да се заложат дека ќе го сторат тоа во одреден временски предвиден рок. Дека ќе се департизира државата, ќе се искоренат непотизмот и корупцијата, ќе се реформира правосудството и ќе завладее правната држава, ќе се професионализира администрацијата, квалитетот, конкурентноста и знаењето ќе бидат основен критериум за напредок во кариерата
Колку рокот за спроведување на посочените реформи е побрз и пократок, толку подобро за граѓаните и државата. Ете, тоа нека биде и идната платформа за предизборни или постизборни коалиции, врз начелата на овие аргументи и јасно да се каже тоа пред граѓаните.
Еве и чекор понатаму. Бидејќи Собранието има уште цел месец до распуштањето, една ваква проактивна и проевропска платформа може да се поддржи и озакони во парламентот како законска обврска за сите политички субјекти.
Па да видиме кој вистински, а не само декларативно, е за Европа и кој датум го претпочита како своја предвидена цел. Во спротивно и понатаму ќе останеме во чекалницата на ЕУ, без реден број и без возен ред, со години па и децении.
Ние нашето го завршивме. Потегот е повлечен. На ред се другите.