Можеби претходните градски советници некаде згрешија и нивната одлука треба да се стави повторно на дневен ред. Има простор за дискусија, ако ништо друго, барем да се разгледа прашањето дали можеби ќе се растовари метежот во јавниот градски превоз
Утре е вторник, ден кога пензионерите го користат бесплатниот јавен превоз во Скопје. Метежот започнува на автобуските станици од раните утрински часови. Возрасни лица со торби, со колички за пазарење, со бастуни, со полесно и потешко движење се туркаат да влезат во автобусите со сите други што тргнале на работа или во некој друг правец.
Не секогаш возрасните граѓани наоѓаат место и можат да седнат во автобусите, па се случува да стојат до крајот на својата дестинација. Турканици има во текот на целиот ден и така е и во другите денови – петок, сабота и недела – кога тие имаат право на бесплатен јавен градски превоз. А нивната бројка не е мала. Во времето кога првпат се подготвуваа електронските картички, над 40.000 персонализирани беа изработени за жените со над 62 и за мажите над 64-годишна возраст. Поради метежот и огромната фреквенција на патници во тие денови на бесплатен превоз за пензионерите од јавното градско претпријатие се бараше да пушти повеќе возила во сообраќај и на барањето на скопјани им се излегуваше во пресрет со повеќе автобуси на најфреквентните линии.
За некои пензионери можеби заштедата од превозот што не мора да го платат е вкалкулирана да оди за џепарлак на внуците или, пак, да се купи нешто за нив кога ќе се посетат. Бесплатното патување со автобусите од еден на друг крај од градот се користи не само за да се посетат блиските и да се оди на пазарување туку и за да се посети некој пријател или, пак, да се направи преглед во некоја ординација. Ама она што во сите тие турканици пензионерите го забораваат се лекарските препораки за тоа како треба да се однесуваат на овие високи летни температури, особено оние што имаат хронични заболувања. За нив, секако, не е препорачливо напладне во 12 часот, кога сонцето е најсилно, да стојат по станиците, а потоа да влезат во климатизираните автобуси. Овие повозрасни граѓани итајќи да го искористат бесплатниот превоз, забораваат дека си наштетуваат себеси, кога паѓаат во колапсни состојби. При таквите падови многу често се случува поединци да завршат и со скршеници, па дури и со операции од таквите трауматолошки состојби, поради што потоа многу долго не ќе можат да си ја подобрат здравствената состојба. Во таквите случаи лекувањето е долго, а тие луѓе можат да заборават на бесплатниот превоз.
Само категоријата невработени остана без привилегијата за бесплатно влегување во автобус. Ако одлуката за бесплатниот превоз прво беше донесена за пензионерите, потоа за студентите, зошто сега не би се размислило истото право да го добијат и невработените
Е, тогаш станува превисока цената што се плаќа со сопственото здравје само за да се користи нешто без пари во време кога не треба да се прави тоа. Возрасната популација во градов најпрвин можеше да користи бесплатен превоз само во вторник и петок, а кога метежот во автобусите стана неподнослив и некои од граѓаните реагираа, градските советници од претходниот состав одлучија на пензионерите да им дадат бесплатно да се возат и во викенд-деновите. Па, така, тие добија четири дена во неделата бесплатно возење во автобусите.
Значи, само три дена не можат да се возат бесплатно или, пак, можат да си платат 300 денари месечно и да се возат секој ден. И помладите инвалидизирани пензионери под 60 години имаат право на годишни билети со 50 отсто попуст. Малку подоцна, на 1 јануари 2016 година, стартуваше и бесплатниот превоз за студентите. Само категоријата невработени остана без оваа привилегија за бесплатно влегување во автобус. Ако одлуката за бесплатниот превоз прво беше донесена за пензионерите, потоа за студентите, зошто сега не би се преиспитала повторно. Можеби претходните градски советници некаде згрешија и нивната одлука треба да се стави повторно на дневен ред.
Има простор за дискусија, ако ништо друго, барем да се разгледа прашањето дали можеби ќе се растовари метежот во јавниот градски превоз доколку пензионерите би можеле секој ден да се возат бесплатно. Можеби тогаш нема да има турканици или, пак, некој мисли поинаку ќе ги има секој ден? Којзнае? Веројатно е потребна суштинска, длабока и стручна анализа. Ќе биде потребно да се направи пресметка и да се види колкав дел ќе се издвои од градскиот буџет. Од друга страна, пак, можеби советниците ќе размислат и за идејата на многумина дека право на бесплатен превоз треба да добијат и невработените. Ако се погледне реално, пензионерите секој месец примаат пензија и имаат некакви приходи, а оваа категорија граѓани немаат никакви примања.
Замислете само ако еден невработен граѓанин во текот на еден ден биде повикан на две интервјуа на различни страни од градов и треба само до едното место да патува со два автобуса и со два да се врати и уште четири автобуски линии треба да искористи до следното, потребни му се најмалку 250 денари за билет од десет возења, само за тој ден. И токму затоа бесплатниот превоз на оваа категорија граѓани би ѝ бил добредојден. Некој навистина треба сериозно да се позанимава со ова прашање, да направи пресметка и да одлучи за кого и кога јавниот градски превоз би требало да биде бесплатен.