Не случајно се вели во здраво тело, здрав дух, но, за жал, кај нас многу малку се работи на практикување на оваа изрека. Сепак, создавањето здрава нација со силен имунитет е едно пошироко прашање, кое бара и поширока опсервација и може да се разгледува и од една друга, да речеме политичка димензија. Колку Македонија е политички имуна на сите предизвици со кои се соочувала и сега и во минатото?
Изминатиов период голем број прашања и дилеми ја мачат Македонија, поврзани со пандемијата на ковид-19 и високата смртност на нејзините граѓани како последица на заразата. Дилемите што бараат посеопфатна анализа и одговори се како да изградиме вистински имун одговор на нашата нација пред тешкиот здравствен предизвик. Но и не само здравствен предизвик, бидејќи искуствата покажуваат дека како народ и држава имаме слаб имунитет и на друг вид предизвици, било да се тоа од политичка, економска, социјална или друга природа. Но да одиме по ред.
Истражувајќи ги причините за високата смртност од ковид-19 во нашата земја, нашиот весник дојде до интересни сознанија со кои се детектираат пет клучни фактори што придонесуваат да бидеме толку ранливи во однос на последиците од пандемијата. Сето тоа ни укажува дека во нашата држава недостигаат одредени навики кај граѓаните со кои, на пример, се одликуваат другите условно кажано поздрави општества и нации. Главните причини зошто Македонија овие две години е во самиот врв во Европа по морталитет од ковид-19 се поврзани со лошите навики за исхрана, недоволна спортска активност и движење, целосен недостиг или нередовни здравствени контроли, големо загадување на воздухот и несоодветен медицински третман и недостиг од кадар.
Еден од факторите што паѓа во очи е податокот дека нашите граѓани многу малку спортуваат и тие ни приближно немаат толкава мобилност и спортски активности како во западните земји. Не случајно се вели во здраво тело, здрав дух, но, за жал, кај нас многу малку се работи на практикување на оваа изрека, и редовна и континуирана физичка активност.
Понатаму, луѓето не внимаваат на својата исхрана, која честопати не е шаренолика и недостигаат во соодветни количества зеленчукот и овошјето.
Натаму, нашиот народ ги нема навиките да спроведува редовни здравствени контроли, со кои доколку се мониторира навремено здравјето, ќе се превенираат несакани компликации од пандемијата, но и од други заболувања.
Значаен аспект што влијае на смртноста е и загадувањето на воздухот. Македонија е една од државите со висок процент на денови во годината во кои воздухот е загаден и по сто пати повеќе од дозволеното. Иако честопати на оваа тема се кршат и политичките копја, сепак ретки се иницијативите и решенијата што ефикасно можат да влијаат на намалување на овој проблем. И кога на ова ќе се додаде и хроничниот проблем со недостиг од медицински кадар, на некој начин се комплетира рендген-снимката за причините и последиците што штетно влијаат врз здравјето и животот. Но создавањето здрава нација со силен имунитет, сепак е едно пошироко прашање што бара и поширока опсервација и може да се разгледува и од една друга, да речеме политичка димензија. Колку Македонија е политички имуна на сите предизвици со кои се соочувала и сега и во минатото?
Македонија многу често во минатото се наоѓаше во турбулентните процеси и подложна на мноштво притисоци и влијанија однадвор, при што мораше брзо и експресно да се изнаоѓаат решенија за голем број крупни прашања и проблеми. Колку тие решенија биле најмудри и најсоодветни во дадениот момент е сосема друго прашање.
И денес повторно сме изложени пред голем број предизвици.
Во нашата земја недостига квалитетен јавен дискурс, во кој нивото на политичка комуникација се сведува на дневното политикантство, кое има краток видокруг за долгорочните предизвици на земјата.
За успешно да се надминуваат овие состојби во годините што доаѓаат и за правилно да се насочува одбранбениот имунолошки државен механизам, налик на здравствената одбрана на нашето тело, Македонија мора да изгради и политичка здрава нација. Тоа пред сѐ подразбира да се биде имун на надворешните влијание и притисоци, без разлика од кога и од каде доаѓаат, и да се има јасен и здрав светоглед кон својата определба и иднина на државата. Со други зборови, секогаш кога е потребно да се застане цврсто, единствено и непоколебливо зад идентитетските и државни интереси.
Само со создавање здрава нација, по моделот на антителата што го победуваат вирусот, би можеле во годините што следуваат да создадеме отпорен државен имунолошки систем што успешно би се справувал со сите предизвици на меѓународната сцена.
Самосвесното далековидо политичко дејствување може да биде и вакцина за надминување на спорот со Бугарија и квалитетен медикамент со кој побрзо ќе се отворат портите кон наше членство кон европското семејство.
Здравите темели на Македонија врз кои ќе се гради иднината на земјата можат да се постават врз цврст и ефикасен здравствен систем, одговорно општество составено од прогресивни и конкурентни индивидуи, но и здрав политички дух отпорен на какви било притисоци и уцени. Сето тоа ќе биде ефикасна формула за успешно решавање на предизвиците што ни следуваат.