Идентитетот на еден народ е токму во името на државата. Со променето име тоа е сосема друга ситуација, друга држава, друг народ. Тука не зборувам за лични чувства и перцепцијата кој како се чувствува и каде идентитетски припаѓа, туку за правни и неопходни процедури
Македонија е во исчекување. Сите сме на штрек кога ќе заѕвони телефонот. Најавите се дека тоа може да се случи уште денеска или можеби утре… Во една ваква напната ситуација дури и ѕвонењето преку локалот нa апаратот во канцеларија ме штрекнува и ме вади од рамнотежа. Шегата настрана, работата е пресериозна, како што се и времињата и состојбите. Зашто судбината и иднината на Македонија може да ја преодреди еден обичен телефонски разговор. Можете да замислите, преговорите за наметнатиот спор за името од страна на Грција дошле во фаза што останува само уште преку телефон да се договорат деталите меѓу премиерите на двете земји. Еден телефонски разговор ги дели Ципрас и Заев од договор за името, пренесоа вчера повеќето грчки медиуми. Имаше една песна од Александар Межек, љубав преку жице, чија верзија сега може да биде име преку телефон.
Притоа што точно се договара, преговара, никој не знае. Одвреме-навреме се пуштаат некакви пробни балони за придавки и додавки, како Илинденска, Северна, Горна, Нова итн., кои потоа се отфрлаат и кругот почнува отпочеток. Паралелно се шири оптимизам дека решението е на повидок и само што не се паднал договорот.
Истовремено највисокото ниво на државната власт, поточно претседателот на државата, излегува со став дека негов впечаток било дека станува збор за личен договор меѓу двајцата премиери, за кој нема поширок консензус во државата.
Во меѓувреме јавноста се подготвува за најлошото. Се редат политичари, аналитичари, професори по медиуми и дебати и кажуваат како многу ја сакале Македонија, им било многу тешко да се откажат од името, ама што да се прави, морало нешто да се жртвува. Квазипатриоти што до вчера се колнеа и извикуваа името, па името, изградија кариери на ова прашање, сега викаат името не било важно, туку идентитетот?!
Сѐ почесто се врши замена на тези за да се оправда губитничката позиција што ѝ се подготвува на државата. Притоа се храбрат граѓаните демек нема ништо да загубат, иако со евентуално прифаќање на грчките уцени практично губиме сѐ. Нашите јужни соседи се свесни за шансата што им се укажува и затоа инсистираат да добијат сѐ. А нам да ни остане ништото
Дури и црквата, вековниот стожер на македонскиот народ, сакаат да ја инфицираат од вирусот на себеодрекување и самопонижување или, пак, и таа е само дел од големата слика и игра што се подготвува. Сѐ почесто се врши замена на тези за да се оправда губитничката позиција што ѝ се подготвува на државата. Притоа се храбрат граѓаните демек нема ништо да загубат, иако со евентуално прифаќање на грчките уцени практично губиме сѐ. Нашите јужни соседи се свесни за шансата што им се укажува и затоа инсистираат да добијат сѐ. А нам да ни остане ништото. Портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос јасно порачува – додека не се договори сѐ, не е договорено ништо. Грчкото сѐ – значи ерга омнес и промена на македонскиот устав. А тоа е гумичката со која од секаде ќе го избришат постоењето на македонскиот народ. Од друга страна, на домашен терен малкумина се подготвени тоа јавно да им го кажат на македонските граѓани. За политиката одамна останала изреката дека е ку…, но она што сега се случува во и околу Македонија е веројатно најнечесната епизода.
Во една таква игра улогата што им се подготвува на граѓаните е само да го исперат срамот на политичарите и целата одговорност потоа да ја преземат на свои плеќи. Да верификуваат нешто што некој го договорил во четири очи и без нивна согласност. За апсурдноста на наметнатиот спор од страна на Грција се потрошени тони и тони хартија.
Скоро да не остана нешто што не е кажано, укажано, предупредено, било на оваа страница било на друго место во весникот.
Она што збунува во последно време е ширењето на тезата во јавноста и другите медиуми дека демек ние ќе сме си останеле Македонци без разлика каква придавка или додавка ќе ни стават. Постоеле Северна и Јужна Кореја, па сите биле Корејци.
Без намера кого било да убедувам или разуверувам, зашто нели секој има прво да мисли што сака, ќе посочам само два примери што можеби најпластично ги отсликуваат значењето и примената на имињата и презимињата воопшто во животот.
Пред матичар, на пример, кога се формализира заедницата на двајца идни сопружници, едно од задолжителните прашања е кое презиме го одбираат сопружниците. Дали ќе си го задржат своето, ќе го преземат од сопругот или сопругата или ќе си го додадат и другото презиме покрај своето. Зошто ова го споменувам. Затоа што во понатамошниот живот и функционирање единствено легитимно и валидно е само презимето што своеволно се одбира пред матичарот. Само тоа потоа влегува во сите идни документи: лична карта, пасош, венчаница, извод, купопродажен договор, банкарска сметки.
Преку новото презиме личноста добива нов правен идентитет. Моминското или ергенското презиме паѓаат во заборав, одат во историјата и во правниот промет единствено со кое може да се идентификува личноста е преку новододаденото презиме. Се разбира, во иднина може и да се врати старото презиме, но тоа повторно подразбира промена на сите лични документи. Иако забележувате не станува збор за име, примерот е повеќе од впечатлив. Зошто личниот идентитет го сочинуваат името и презимето, како што и за државата идентитетот е во името.
Зборот ми е дека промената на имињата или презимињата воопшто не е едноставна процедура како што некој сака да прикаже. Идентитетот на еден народ е токму во името на државата. Со променето име тоа е сосема друга ситуација, друга држава, друг народ.
Тука не зборувам за лични чувства и перцепцијата кој како се чувствува и каде идентитески припаѓа, туку за правни и неопходни процедури. Еве уште еден показател. Доколку сакате да регистрирате фирма, покрај седиште, дејност, даночен број, неопходно е таа да има и назив, односно име.
Може да изберете само едно име и тоа ќе влезе во Централниот регистар. Каква било понатамошна интервенција во името, па макар и само со една буква, запирка и слично, значи и статусна промена, нов правен субјект, нова фирма. Законските прописи се јасни и не дозволуваат додавки на постојното име, туку видоизменетото име автоматски значи и нов правен субјект.
Поентата е повеќе од јасна. Со додавка во името, Македонија престанува да постои како држава каква што досега ја знаеме и паметиме. Тоа е клучната цел на Грција. Да нѐ избришат од картата на народи и држави. И одново да се запишуваме како новосоздадена нација под друго име во меѓународниот правен промет. За да биде парадоксот поголем и победата целосна, Грција бара и во домашниот правен промет да го смениме името. Па така и во Уставот, законите, Централниот регистар, матичните книги, личните карти, пасошите, здравствените легитимации, свидетелствата, секаде да се избрише трагата од Република Македонија и да се впише новото име. И потоа сите „среќни и весели“ да одиме на референдум.
Дури и од овој демократски инструмент се прави пародија. Оставен е за на крај, демек како последен збор на граѓаните, откако претходно според најавениот распоред на настаните прво македонското собрание ќе го изгласа новиот договор со Грција, со што тој практично станува закон и мора да се спроведе. Потоа би следувало добивање датум од ЕУ, па покана од НАТО за пристапување во Алијансата, откако Грција ќе испрати допис дека го дозволува тоа за земјата, но со сменето име и исполнети сите грчки барања и ултиматуми.
И откако сето ова ќе се заврши, ратификува, верификува и заведе во ООН, ЕУ, НАТО, на ред доаѓа референдумот? Не знам само за што ќе служи. За ништо друго освен за перење на туѓите гревови и срамови и префрлање на одговорноста врз народот.
Останува да се надеваме дека на крајот сепак ќе преовлада мудроста и никој нема да се осмели да влета во една таква авантура, притоа да ги погази законските и уставни одредби или да прифати нешто што е спротивно на националните интереси. Зашто, на крајот на краиштата, никој нема право да распише референдум за името на државата.