Иако Ристе, кој е веќе навлезен во осмата деценија од животот, не е многу инфициран од политиката и, како што вели, освен во бога не верува во никој друг, сепак е еден од ретките битолчани што редовно може да се види на сите партиско-политички (пред)изборни собири.
Доста често Ристе ги следи и „прес-конференциите“ на политичките лидери, кои (нај)често ги одржуваат на Широк сокак, кој деновиве личи на „политичка писта“, по која „дефилираат“ разни политички партии и лидери. Таквата своја присутност на партиско-политичките изборни случувања во Битола тој ја правда со тоа што најголемиот дел од денот, како и некои други пензионери, го поминува на Широк сокак и со тоа што, како што вели, сака изворно да се запознае со ветувањата на политичарите, а не за нив да дознава од медиумите.
Во неделата, кога во Битола на промоција на програмите за неполн час разлика по Широк сокак продефилираа дури 4 политички партии и коалиции: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Македонски концепт, Ристе во еден момент ја отвори душата и повеќе за себе отколку за другите искоментира: „Имам доста поминато во мојот живот.
Почнав да ситнам и од деветтата деценија. Во животот сум слушал сѐ и сешто. Но ова што го гледам и слушам деновиве навистина и мене ми изгледа нестварно. Толку многу ветувања, колку што слушнав деновиве во Битола, за повисоки плати, зголемени пензии, бесплатно здравство, изградба на железници, патишта, праведно и правично судство, борба против корупцијата, испитување потеклото на имотот… немам слушнато во целиот мој живот. Доколку само дел од тие се реализираат, за нас сите во Македонија нема да има зима. Особено ме радуваат ветувањата како на власта така и на опозицијата за Битола, која ако се реализираат ќе доживее вистинска ренесанса и ќе биде задоволство да се живее во неа, а младите нема повеќе да размислуваат да си заминат од овој град. Но тоа што ме тера да бидам претпазлив и многу да не верувам на таквите ветувања е што најголемиот број од нив ги слушав и пред неколку години, кога и претходната и актуелната власт ги даваа истите ветувања, но барем досега од тоа многу малку е направено или нема ништо.
За колку нереализирани ветувања само за Битола сум слушал можам да зборувам со часови, но во овој момент би се задржал само за ветувањата што се однесуваа на Широк сокак, а иако изминаа неколку години во Битола сѐ уште не е направено ништо. За разлика од политичарите, јас иако имам 83 години не боледувам од деменција. Колку што се сеќавам само овде на Широк сокак требаше да биде изградена подземна и катна гаража, да бидат (до)изградени киното „Манаки“ и Офицерскиот дом. Но од тоа нема ништо. За другите ветувања што беа давани уште пред неколку години почнувајќи од гасификација, топлификација, затворен базен, асфалтирање улици, нови училишта, градинки… да не зборувам. Тоа што особено ме нервира е што и сега, по неколку години, како и на претходните така и на овие избори ни се нудат истите, стари проекти како нови“.
На ваквата скептичност на Ристе нема ни што да се додаде ни што да се одземе.
Ако не исто, тогаш сосема слично, деновиве во Битола, освен партиските војници, размислуваат и најголемиот број од граѓаните, кои загрижени за своето здравје и здравјето на своите најблиски поради пандемијата на коронавирусот, во овој момент воопшто не размислуваат за политика, ниту пак се многу загреани за изборите.
Нивното внимание е насочено само кон тоа како да се заштитат себеси и своите најблиски да не се најдат во дневниот билтен на Министерството за здравство, каде што луѓето веќе подолго време се статистички бројки.
Долг е списокот на нереализираните (пред)изборни ветувања што политичарите ги испорачале од Широк сокак за Битола. На голем дел од тие ветувања не се сеќава ни педантниот хроничар Ристе, зашто нивниот број е мошне голем.
Како и многу други битолчани и Ристе заборави дека во Битола требаше да биде изграден аеродром. Но подоцна таа предизборна идеја беше напуштена, не само од новата локална власт туку и од тој што ја промовираше.
Во Битола требаше да биде изграден и аквапарк. Но од тоа не се случи ништо. Во битолската касарна, која до пред смената на власт беше наречена „Златен рид“ требаше да се изгради еден цел нов град со десетици станбени згради, индивидуални куќи, нови градинки, училишта, полициска станица, нова пожарна, панорамско тркало, затворен базен, трговски центар, нова болница, голф терени, хотели…
Изминаа неколку години откако на битолчани им беше ветена изградба на црква, на заштитникот на градот св. Нектариј кај градскиот часовник, за што беше изработен и платен проект, но и од тоа нема ништо, како што нема ништо ни од (до)изградбата на соборниот црковен храм во Нова Битола, кој се гради веќе три децении, а се поставени само темелите.
Да не зборуваме за неизградените ветени експресни патишта за влезовите во Битола од Прилеп, Охрид и од грчка граница, голф-терените кај Братиндол, осумте хотели на Ниже Поле, гасификацијата и топлификацијата на градот, изградбата на над 50 фабрики во индустриската зона „Жабени“ на бесплатно купените парцели по 1 евро за квадрат, пречистителните станици и уште голем број други ветени, но неизградени проекти.
Во изминатите три децении од македонската независност битолчани буквално „оглувеа“ од многубројните ветувања, па затоа сега, не само поради пандемијата туку и поради таквата вообичаена практика за време на изборите да се ветува сѐ и сешто, не им придаваат многу значење на предизборните ветувања и истите тие не ги сметаат за многу сериозни.
Но тоа што ги иритира жителите во градот под Пелистер е што во последно време некои политичари дотаму се заборавија во нереалните ветувања што почнаа штотуку почнатите проекти пред почетокот на (пред)изборната кампања, да ги прикажуваат како завршени и веќе реализирани.
Така, деновиве во Битола локалната власт се обидува да ја (раз)увери битолската и пошироката јавност дека за време на нејзиниот мандат изградила некои клучни сообраќајници во градот, кои се од исклучително значење за граѓаните во Битола, но кои, за жал, почнаа да се градат во предизборието.
Истите такви приказни на јавноста ѝ се продаваат и со почетокот на изградбата на другите инфраструктурни објекти.
Во (пред)изборието политичарите од власта се научија сите почнати проекти да ги промовираат како веќе реализирани, иако прашање е кога тие ќе бидат изградени.
Заборавајќи се во ветувањата, некои од нив сметаат дека со самото ставање лопата и ископувањето на првата дупка за камен-темелник, проектот е веќе готов и како таков им се нуди на граѓаните, без притоа да се даде одговор на прашањето зошто се чекаше да почне (пред)изборната кампања па да почнат да се реализираат веќе заборавените ветувања.
Така, почетокот на градежните работи во Офицерскиот дом од пред извесно време, на голем број изборни настани се претставува како тој веќе да е готов и ставен во функција, а од тоа засега нема ништо и прашање е кога истиот тој ќе биде целосно реновиран.
Иако изминаа неколку години, а во меѓу време се сменија две власти, во Битола засега нема ништо ни од (до)изградбата на киното „Манаки“. За скапо платените проекти за изградба на подземни и катни гаражи во овој момент веќе во Битола никој не размислува, па ни тој што ги смисли таквите „топ проекти“
Засега се напуштени и идеите за изградба и на другите платени проекти како во градот, како во касарната, така и во индустриската зона „Жабени“, каде што иако се продадени стотици парцели, освен фабриката „Кромберг и Шуберт“ не е изграден ни еден друг индустриски капацитет.
Во Битола и по седум години од пожарот, кој до темел го пеплоса планинарскиот дом „Копанки“ веќе никој не зборува кога домот ќе биде реновиран.
Револтирани и иритирани од ваквата веќе воспоставена (пред)изборна практика, на граѓаните за време на изборите да им се ветува сѐ и сешто, битолчани веќе не наседнуваат на таквите одамна прочитани приказни и многу не веруваат во нив.
Сепак има и такви, како Ристе, кои сметаат дека и покрај таквите (пред)изборни невистини и манипулации, кои се присутни во (пред)изборието, за да се добие глас повеќе, добро е што за време на предизборните кампањи нешто сепак почнува да се гради, зашто ако не се изборите политичарите нема ништо да градат и исклучиво само ќе бистрат политика и ќе продаваат ветер и магла.
Вака можеби нешто од тоа што е почнато да се гради ќе се изгради, ако не од оваа, тогаш можеби од некоја друга старо-нова локална или централна власт.
Белким нема сите политичари во Македонија да патат од хронична политичка деменција и да забораваат што ветиле и што (не) направиле.