А до што друго може да доведе одлуката, по задоцнетата имунизација и по повеќемесечното неоправдано олабавување на мерките за заштита од ковид-19, што резултира со десетици починати на дневна основа во изминативе недели, сега да се активира кампањата несреќно наречена „За моментите на среќа – вакцинирај се“? Верува ли некој дека Владата, со оваа кампања, ќе ги усреќи и преобрати антиваксерите, кои дури и со академски звања се протнуваат низ системот? И како некого, воопшто, може да го усреќи упорното заплеткување во крајно нелогичните мерки што Владата ги носи под очигледен притисок на разни интересни групи?
Серијалот на изнудени „државнички“ решенија, со кои, под притисокот на забрзаното усложнување на состојбите и отсуството на секаква контрола врз процесите во повеќето области, Владата се обидува да ги надминува разновидните кризи, иако тоа, можеби, во моментов не е очигледно, ја доведе јавноста до едно недефинирано расположение, кое најдобро би можело да се смести помеѓу очајот и резигнацијата.
А до што друго може да доведе одлуката, по задоцнетата имунизација и по повеќемесечното неоправдано олабавување на мерките за заштита од ковид-19, што резултира со десетици починати на дневна основа во изминативе недели, сега да се активира кампањата несреќно наречена „За моментите на среќа – вакцинирај се“? Верува ли некој дека Владата, со оваа кампања, ќе ги усреќи и преобрати антиваксерите, кои дури и со академски звања се протнуваат низ системот? И како некого, воопшто, може да го усреќи упорното заплеткување во крајно нелогичните мерки што Владата ги носи под очигледен притисок на разни интересни групи?
Како да бидат среќни, сега веќе над 50.000 луѓе на кои, откако три месеци слушаа разни изговори за тоа што надлежните служби не можат да им ги издадат личните карти, Владата деновиве им го нуди спасоносното решение што ќе им овозможи, се разбира, доколку, којзнае по кој пат, ги преживеат турканиците пред шалтерите, да станат горди иматели на основниот документ за идентификација?
Кого, колку и да му е големо срцето, може да го израдува великодушната понуда на Владата да се погрижи за, засега, неколку стотици бегалци од Авганистан, кога ниту на огромното мнозинство од своите граѓани не може да му обезбеди услови за квалитетен живот? Има ли некој, освен тие што директно се инволвирани во јавните набавки, што му се радува на трошењето огромни износи државни пари за подготовките на попис и за локалните избори, кога сѐ помалку луѓе се убедени во способноста на надлежните да ги менаџираат тие процеси, и тоа не само поради опасноста од засилување на пандемијата? Кој, воопшто, може да биде среќен кога ќе го воочи апсурдот дека, по повеќето обиди, меѓу речиси 200.000 регистрирани невработени во земјава не можат да се соберат ниту 5.000 попишувачи?
Е тоа се само некои причини што не им дозволуваат на луѓето да бидат обземени од чувството на среќа, дури ни на моменти.
И никакви кампањи не помагаат притоа, зашто ситуацијата е бремена со голем број проблеми што не се елиминираат со изнудени решенија туку со системски и долготрајни напори, силни медикаменти, па дури и хируршки интервенции за лекување на здравствениот и образовниот систем, администрацијата, економијата… А сето тоа, за да не умираат луѓето во толкав број, за да нема толку многу антиваксери, за да се обезбеди континуитет на елементарните функции на државата, стопанството да не трпи поради сето претходно наведено и луѓето, дури тогаш, да можат да им се радуваат на семејните веселби, дружењата во кафеаните, спортските, културни и секакви други собири…, со кои Владата во својата најнова пропагандна кампања се обидува да ги придобие за вакцинацијата.
Сега веќе неприемливите и контрапродуктивни обиди на Владата, со скапите кампањи, состојбите да ги прикажува поинакви одошто се, односно, на граѓаните да им наложи, по секоја цена, да ги користат исклучиво розовите очила, е токму она што еднаш веќе го доведе поголемиот дел од јавноста до состојбата на постојан очај, а многу скапо ги чинеше големиот број актери од претходната власт. Вистина, некои од нив, со брзо повлекување или со вешт маневар и се спасија, но тоа е како кај игрите на среќа, можеш да добиеш, а можеш и да изгубиш
Не е спорна потребата од масовна вакцинација, но дали заради тоа мораше да се спроведува не баш евтината и над сѐ крајно невкусна кампања, во услови додека луѓето сѐ уште чекаат во редици за да се вакцинираат. Дали подобро и поедноставно решение ќе беше тие пари да се искористат за засилување на пунктовите за вакцинирање?
Е тоа е она што ги тера луѓето кон очај.
Сега веќе неприемливите и контрапродуктивни обиди на Владата, со скапите кампањи, состојбите да ги прикажува поинакви одошто се, односно, на граѓаните да им наложи, по секоја цена, да ги користат исклучиво розовите очила, е токму она што еднаш веќе го доведе поголемиот дел од јавноста до состојбата на постојан очај, а многу скапо ги чинеше големиот број актери од претходната власт. Вистина, некои од нив, со брзо повлекување или со вешт маневар и се спасија, но тоа е како кај игрите на среќа, можеш да добиеш, а можеш и да изгубиш.
Погоренаведените, но и уште многу ненаведени ситуации произлезени од, најблаго речено, лошото управување со државата, во изминатиов период се згуснуваат до неподносливост, забрзувајќи ги и засилувајќи ги моментите на очај кај граѓаните, а некој погоре би требало да знае оти луѓето кога се очајни, стануваат спремни на сѐ и непредвидливи.