Во книгата „Гласови што исчезнуваат: истребувањето на светските јазици“ (Daniel Nettle and Suzanne Romaine, Vanishing Voices: The Extinction of the World’s Languages, 2000), авторите укажуваат дека речиси 100 јазици што некогаш се зборувале во денешна Калифорнија се блиску до истребување/исчезнување, додека, пак, повеќето од 250-те австралиски абориџински јазици веќе исчезнале. Изразувајќи ја врската помеѓу опстанокот на јазиците и прашањата за животната средина, авторите изнесуваат мислење дека изумирањето на јазиците е дел од пошироката слика за речиси целосен колапс на светскиот екосистем. Научните факти, пак, говорат дека еден јазик умира на секои 14 дена, па оттука, до следниот век, речиси половина од околу 7.000 јазици што се зборуваат на Земјата веројатно ќе исчезнат.
Во јазиците се акумулирани чувствата, искуствата, размислите, соочувањата, знаењата на човештвото. Така, на пример, на јазикот на туванскиот народ (Тува е автономна република во составот на Руската Федерација), khoj özeeri не значи само колење, туку и добрина, хуманост, церемонија со која едно семејство може да убие, одере и искасапи овца, да ја посоли нејзината кожа и да го подготви нејзиното месо. Khoj özeeri имплицира врска со животните, но е, меѓу другото, и мерка за карактерот на луѓето. За среќа, туванскиот јазик не е меѓу загрозените јазици – од распадот на Советскиот Сојуз, тој се стабилизира и денес него го зборуваат повеќе од 250.000 лица (вклучувајќи и жители во Монголија и во Кина).
Но многу други јазици изумираат. Така, на 26 јануари 2010 година исчезна/изумре јазик што се зборуваше на островот Северен Гребен на Андаманските Острови во Индија. На тој ден последниот говорник на јазикот бо, жена по име Боа Сениор, почина на 85-годишна возраст. За жал, истребувањето, изумирањето, исчезнувањето на јазиците никогаш не се случува спонтано, на љубезен и нежен начин, туку насилно, за што може да се прочита во многу сведоштва, студии и книги. Јазиците не изумреле или не се загрозени затоа што следните генерации избираат слободно да говорат на подоминантен јазик. На нивното изумирање им претходат закони, декрети, забрани, спогодби, договори или некакви други официјални документи, кои често не се подготвени и донесени во духот на демократијата.
Па, така, трите документи, Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и Рамковната позиција на Република Бугарија, како услов за наш влез во ЕУ, го прават точно тоа: создаваат предуслови македонскиот јазик, без наша грижа за него и со наша сестрана помош, да може да исчезне, да изумре во соседните држави. Но, денес, нема да пишувам за тоа.
Во денешнава колумна, во Годината во чест на Блаже Конески, а имајќи ги предвид неговите зборови: „Послушајте, Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште,“ чувствувам потреба и одговорност да проговорам за македонскиот јазик во Македонија. Притоа, нема да зборувам за негрижата спрема македонскиот јазик што со години ја практикуваат државните институции во Македонија, за непочитувањето и омаловажувањето на делото на Блаже Конески во годините веднаш по стекнувањето на независноста или за тоа дека, по мое мислење, катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност треба да имаат ексклузивен статус и да прераснат во катедри од посебен национален интерес. Во денешнава колумна ќе зборувам за јазикот, културата, комуникацијата и за нивната тесна поврзаност во заедница на различни култури.
Како казна за изградбата на Вавилонската кула, Бог ги натера луѓето да зборуваат на многу јазици, меѓу нив и на македонски јазик. Според многу еминентни лингвисти, македонскиот јазик, од сите балкански јазици, има најголем број балкански меѓујазични контакти: со (јужно)српскиот, бугарскиот, грчкиот, албанскиот, турскиот, ароманскиот, мегленороманскиот, ромскиот, и со ладинскиот (џудезмо) јазик. Зошто е тоа така? Ако се погледне наназад во историјата, претходната констатација можеме да ја поврземе и со фактот дека територијата на етничка Македонија се наоѓала во подолг период под римско и византиско влијание, а долг период била дел и од Отоманската Империја, што предизвикало јазиците на оваа територија да стапуваат во меѓусебни интеракции, да се адаптираат едни на други и да еволуираат, со цел поедноставна и поразбирлива комуникација не само во рамките на својот јазик туку и во рамките на пошироката Балканска јазична заедница (Balkan Sprachbund).
Почнувајќи од втората половина на 90-тите години од минатиот век, мултикултурализмот се разви како движење за зголемување на достоинството, правата и признавањето на различностите меѓу групите од различни припадности. Меѓутоа, како одговор на порастот на национализмот и на популистичките и антиимигрантските наративи, а соочени со фактот дека мултикултурализмот недоволно успешно се справува со нив, во последниве десетина години филозофите, социолозите, политиколозите и општествени дејци се свртија кон концептот „интеркултурализам“.
Интересно е да се напомене дека интеркултурализмот (како, впрочем, и мултикултурализмот) потекнува од Канада. Интеркултурализмот става поголем акцент врз пристап заснован на политики што почиваат врз контакти и е насочен кон зајакнување на комуникацијата и односите меѓу луѓето со различно потекло, вклучувајќи ги и националностите, малцинствата и мигрантските заедници. Политиките на интеркултурализмот, кои имаат моќ да го заштитат бесконечното фрагментирање врз начелото на различни етнички, религиски и јазични припадности, треба со голема посветеност и внимателност да се имплементираат и во Македонија. Оттука, МАНУ и македонските институции треба да ги третираат различностите како предност, да предлагаат кохезивни политики и да сугерираат заеднички културни наративи и политики, фокусирани врз разновидноста, но внатре во рамките на она што се нарекува единство, а не надвор од него.
Граѓанско општество со културен плурализам, само по себе, не подразбира анархија. Но Македонија е учебнички пример дека мултикултурализмот може да доведе до фрагментација, до балканизација ad absurdum, до структура во која, фигуративно зборувајќи, секое село и секоја населба има своја држава, свој јазик, свој свет, свој закон. Тоа, пак, ќе доведе Македонија да стане држава составена од енклави и од бесконечен број јазични, етнички, верски, родови и други групации. Тука би нагласил дека Македонија е мултиетничко, а не биетничко општество. Наспроти тоа, ако граѓанска држава значи заедништво, тогаш интеркултурализмот подразбира лингва франка – интегративен поврзувачки чинител, кој со текот на времето ќе доведе до тоа сите граѓани да се препознаат како припадници на една држава и тоа да биде чинител на опстанокот на таа држава.
Македонскиот јазик долго време, и без државност, со својата внатрешна моќ за адаптација бил лингва франка на целата територија на етничка Македонија, па, така, со векови и Турци и Власи и Албанци и Роми и Ладино Евреи и Ерменци зборувале на македонски и се разбирале меѓу себе на македонски. Македонскиот јазик, сѐ уште, и денес ја поседува таа интегративна моќ во својата јазична структура. Македонскиот јазик со добивањето државност го доби и правото да биде државен и официјален јазик и сврзувачко ткиво на македонската држава. Оттука, имајќи ја предвид основната функција на јазикот (како средство за комуникација, за општење на определена општествена заедница) и нашето мултиетничко општество, мислам дека, во интерес на сите општествени заедници, во интерес на нашата заедничка иднина, македонскиот јазик треба да биде јазикот што ги сврзува, интегрира сите граѓани во Македонија. Македонскиот јазик, де факто, бил, а во интерес на сите нас е да настојуваме и понатаму да биде лингва франка на територијата на Македонија. Но, очигледно, поради неуките, неспособните и сервилните политичари, македонскиот јазик веќе де јуре не е интегративен елемент. А тоа ќе донесе несогледливи последици за иднината на Македонија: кој не го гледа тоа, по мое убедување, всушност, не сака да види дека мултикултурализмот води до разнебитување на Македонија.
Во сите мултиетнички држави би требало (1) да се дозволат јазични права, што подразбира да се дозволи образовна и културна употреба на јазиците на заедниците; (2) да се дозволи секој граѓанин по потреба да има упатства и формулари, во таа смисла и информации и комуникација на својот јазик за граѓанските потреби, што денес со новите технологии лесно се постигнува; и (3) да има изборна опција секој да го учи јазикот на другиот. Во таа смисла, покрај употребата на службениот јазик, е полезна и употреба не само на уште еден јазик туку и на јазиците на заедниците во државата каде што миграциските движења, природно, ја наметнале таа потреба. Меѓутоа, македонскиот јазик треба да биде интегративен и како таков да се учи и да се употребува од сите граѓани во Македонија.
Поимот ојкономија во античките времиња и во христијанството упатува на тоа дека има битни ситуации во коишто е неопходно да се избере поекономично решение, помало зло, навидум, помало право во интерес на државата, нејзината безбедност и нејзиниот опстанок. Само заедно сме силни, а нема заедништво ако сите имаме своја слика за општеството и за светот опишана со својот јазик и оградена со своите етнички и верски граници, со своите етнички власти и партии.
„Разновидноста на јазиците не е разновидност на знаци и звуци, туку разновидност на погледи на светот“ (Хумболт). И таа разновидност треба да ја негуваме, имајќи предвид дека Македонија не е биетничко, туку мултиетничко општество. Но за да опстане и да не се федерализира државата Македонија, меѓу другото, а пред сѐ, нам ни е потребен македонскиот јазик и неговата интегративна моќ.