Со години, но особено деновиве, од многу различни извори слушам една иста порака, која во оваа пригода сакам да ја споделам со читателите. Пораката гласи: Има весници што се прелистуваат, но има само еден што се чита, а тоа е „Нова Македонија“. Читателите, огласувачите, нашите соработници и партнери тоа го знаат и безрезервно ни веруваат во сѐ поголем и поголем број. Ние, пак, сме должни со секој нов број таа доверба постојано да ја оправдуваме
Деновиве што изминаа ќе останат врежани во колективната меморија на македонскиот народ и држава како најдраматичниот период од основањето на македонската држава. Настаните што се редеа како во филмско сценарио ќе се анализираат и прераскажуваат со години и децении на еден или друг начин. Дали идните поколенија и генерации ќе се срамат или гордеат со (не)делата на сегашните политички структури ќе покаже времето. Но она што остава впечаток во актуелниот момент е повикувањето на историјата. Најповторувана реченица деновиве е: „Вие испишавте историја, ќе ве слават како херои и патриоти“. Истава реченица ја верглаат и од дома и од странство и, погодувате, се однесува на пратениците што гласаа „за“ и поддржаа уставни измени за промена на Уставот и промена на името на државата, за спроведување на спогодбата со Грција.
Патем, останува нејасно и чудно да се повикувате на историјата, да величите нечие херојство, а истовремено тие „современи херои и патриоти“ да се држат под 24-часовна полициска заштита и да не смеат да излезат од дома. Хероите и патриотите секаде во светот се обожавани и сакани од сопствениот народ, не се кријат и не треба никој да ги штити од него.
Деновиве се шушка, што на шега што на вистина, дека на оние пратеници што беа обвинети за тероризам делото може да им биде преквалификувано од тероризам во патриотизам. Ништо да не ве изненадува. Па, нели, во Македонија чудата се можни!
Па, така, и пратениците прекуноќ само со едно притискање на копчето, пардон ќе треба барем уште еднаш да стиснат, може да се трансформираат од терористи во патриоти. И со тоа демек влегле во историјата, како најголеми патриоти?! Не, почитувани читатели. На тој начин не се испишува историја, уште помалку се станува патриот. Тоа, сепак, треба да се заслужи преку конкретни дела, заслуги и пожртвуваност за татковината, а долг и исцрпувачки е патот за такво нешто.
Ако некој има стекнато право да се повикува на историјата во Република Македонија, тогаш тоа е само и единствено „Нова Македонија“. Првиот македонски дневен весник што веќе 74 години испишува историја и ќе продолжи и понатаму да го прави тоа, на начинот на кој единствено знае -професионално, објективно, аналитички, некогаш критички, но секогаш независно од какви било центри на влијание и на моќ.
Затоа и продолжението на текстот ќе им го посветам на вистините херои и патриоти што испишале и испишуваат историја, на прекалените борци и трагачи по вистината и правдата, на поранешните и сегашните дејци што се вградија себеси во весникот: новинарите, колумнистите, техничарите, лекторите, дописниците, графичките и печатарските работници, маркетингот, дистрибуцијата, како и раководството на весникот. Сите тие заедно низ годините оставиле и оставаат длабока трага во она што се нарекува современо македонско новинарство.
Содржината на некои колумни ја одредуваат датумот и околностите. Овој пат и датумот и околностите се совпаѓаат за преостанатиот дел од колумната да им го посветам ним, на вистинските македонски херои и патриоти што биле или се дел од брендот „Нова Македонија“, кој в понеделник, на 29 октомври, одбележува 74 години од своето постоење. На сите нив да им се заблагодарам и поклонам до земја, како и на нашите верни поддржувачи и читатели.
Денес многумина посегнуваат и сакаат да се китат со патриотизмот и љубовта кон државата. Но многу често зад тој патриотизам се кријат одредени други интереси или финансиски придобивки за одреден круг луѓе. Патриотизмот на „Нова Македонија“ е исконски чист и неусловен со ништо. Како автентичен македонски бренд, весникот секогаш застанувал во одбрана на македонските национални интереси, идентитет, јазик, култура.
Весникот, всушност, е и втемелувач на македонскиот јазик и во првите години од своето постоење наедно служи и како прв буквар во државата. Буквар на писменоста и вистината, мисија што ја продолжува и денес. Ова вреди да се напомене, особено во овие судбоносни времиња. Зашто токму преку „Нова Македонија“ се удрија темелите на слободното новинарство во Република Македонија, нешто што и денес претставува важен предуслов за демократизацијата и наше интегрирање во европското семејство.
Ни треба и ова потсетување, особено во ова време на наплив на лажни вредности, на дефокусирање на јавноста, на валкана пропаганда, разни форми на квазиновинарство, ширење лажни вести и обиди за сквернавење на новинарската професија.
Мора да остане запаметено дека не постои ниту еден друг домашен, па ни светски медиум, со толку тесна поврзаност со независноста, државотворноста, но и со судбината на еден народ како што е тоа „Нова Македонија“. И тоа е факт од кој нема бегање и оттаму улогата и значењето на „Нова Македонија“ не може да се споредуваат со кој било друг медиум во државата. На страниците на весникот е објавена и првата македонска официјална азбука, со што тој автоматски во тоа време станува буквар во училиштата. Тоа му дава дополнителна специфична тежина и весникот станува единица мерка за државноста.
Истакнатиот македонски ликовен уметник и карикатурист Василие Поповиќ-Цицо уште во првите изданија на весникот ја воведува и промовира новинарската карикатура како форма и жанр што и денес е популарен во медиумите. И по тоа сме први и единствени во земјава и пошироко.
Понатаму, „Нова Македонија“ отсекогаш важела за школа кога се работи за чистотата на јазикот, што денес, за жал, не е случај во многу медиуми. Весникот беше и остана учебник по писменост, јазик, култура… Сето она што е обележје на идентитетот на еден народ.
Со години, особено деновиве, од многу различни извори слушам една иста порака, која во оваа пригода сакам да ја споделам со читателите. Пораката гласи: Има весници што се прелистуваат, но има само еден што се чита, а тоа е „Нова Македонија“. Читателите, огласувачите, нашите соработници и партнери го знаат тоа и безрезервно ни веруваат во сѐ поголем и поголем број. Ние, пак, сме должни со секој нов број таа доверба постојано да ја оправдуваме, што впрочем е содржано и во нашиот слоган „Прочитај повеќе“.
За крај само уште неколку збора за одбележувањето на 74-годишнината.
И во родендените и прославите, „Нова Македонија“ се издвојува од другите и тоа го прави само на нејзин својствен начин, достоен на големината на брендот.
И додека некои други своите ситни годишнини ги слават со салонски приеми, лептир-машни и наместени насмевки, ние нашите родендени ги одбележуваме со планинарски марш низ шумските патеки на Караџица, низ полјани, ридови, гори, долини, сѐ до Горно Врановци, каде што е отпечатен и првиот број на весникот. Секоја година традиционално ја изодуваме патеката од околу 25 километри по која е однесена печатарската машина, на која во услови на војна на 29 октомври 1944 година е отпечатен првиот број на весникот. Ставаме акцент и длабоко се поклонуваме на кoрените на македонската историја, на одлуките донесени на Президиумот на АСНОМ. И секогаш со чисто срце, ведра насмевка, вистинска пријателска дружба и бесконечна љубов, кон професијата и кон брендот што нѐ држи заедно. Затоа и овие наши средби секогаш се масовно посетени од сегашни и поранешни вработени во „Нова Македонија“, но и наши пријатели и соработници од сите генерации.
Но истовремено на таа историска нишка секоја година ѝ даваме и една современост и прославата ја продолжуваме и заокружуваме со литературно катче и доделување на наградите за традиционалниот краток расказ на „Нова Македонија“. Еден културен настан што привлекува сѐ поголем интерес и кој потоа долго се памети и прераскажува, исто како и планинарскиот марш и посетата на спомен-куќата во Горно Врановци. Ете, тоа е „Нова Македонија“ – првиот македонски дневен весник и бренд што се чита од првата до последната страница и кому сите му веруваат.
Па, нека ни е честит роденденот и вечни да се „Нова Македонија“ и Република Македонија.