Имаме илјадници песни во архивите на МАНУ и наместо да им ги покажеме на светот и на соседите што не нѐ признаваат, со нив да ги удриме по глава, ние молчиме. Дојдоа некои нови клинци, кои мислеа дека сѐ почнува со нив. Вака говореше големиот Зафир Хаџиманов во интервју за „Нова Македонија“ од 19 август 2020 година, по повод неговото ново цеде. Жално е што додека се живи, големите пејачи, композитори, писатели ретко се вреднувани и наградувани за својот труд и за афирмацијата на својата земја. Но откако ќе ги загубиме, постхумно, по брза постапка, тие се наградуваат со ордени за заслуги од највисок ранг
Како да стана вообичаено постојано другите да нѐ потсетуваат за тоа кои сме и што сме. И додека ние забрзано бришеме сѐ што е историја, традиција, културни и уметнички достигнувања, вистинските креативци и професионалци ни укажуваат и дома ни ги носат вредностите што самите треба да ги промовираме.
„Зафир пее, Македонија пее“ („Зафир пјева, Македонија пјева“) е насловот на цедето што лани го отпечати „Југотон Кроација рекордс“, како реиздание на плоча од пред 35 години, на која Зафир Хаџиманов интерпретира песни на текст на најпознатите македонски поети. Познатиот македонски шансониер, композитор, писател и глумец лани го држеше в раце ова издание, со желба да го претстави и во Македонија, но, за жал, не го дочека тоа.
Во интервјуто за „Нова Македонија“ од 19 август 2020 година, по повод новото цеде, Хаџиманов изјави дека овој албум е нешто највредно што го изнедрил.
„Секој стих, од првата до последната шансона на ова цеде е вистински бисер, а мојата музика и пеење само го облагородуваат и милуваат. Се надевам дека конечно во Македонија овој албум и едукативен проект ќе заживее, бидејќи сметам дека секоја куќа би требало да го има, како книгите на Кочо Рацин и на Блаже Конески“, изјави во таа пригода Хаџиманов.
За жал, тој почина на 27 март, во 78-та година, како последица на коронавирус, а неговата желба не се исполни.
Сепак, „Кроација рекордс“ минатата недела го оствари неговиот аманет и го промовира цедето во Скопје, во рамките на деновите на оваа дискографска куќа во нашата земја.
Навистина гест за почит, особено ако се има предвид дека „Кроација рекордс“ постојано издава и резидава цедиња за врвни македонски автори, актуелни и оние што оставиле трајни траги во културата на нашиот народ и пошироко.
Македонија, за жал, веќе нема своја музичко-касетна продукција, која егзистираше дваесетина години, но очигледно нема ни желба да го зачува, а уште помалку да го вреднува она што исклучителните автори го создале и со што ја претставувале својата земја во регионот и низ светот. Забот на времето веќе ги нагризува нотните записи, касети и цедиња во депоата на МРТ, а за тоа никому не му е грижа. Како самите да го газиме сопствениот идентитет, она по што се разликуваме од другите.
До кога ние ќе бидеме само сведоци, додека други со свои примери ни покажуваат како се негуваат националните, културните и човечките вредности?
И за овие неприлики Зафир проговори во последното интервју за нашиот весник.
„Секогаш го избирав потешкиот пат за да оставам длабоки траги зад себе, кои ќе бидат компас за тоа како треба да се негува една култура. Жал ми е дека добивме шанса да застанеме на нозе и да му покажеме на светот кои сме, но работата застана на тоа кој повеќе ќе дрпне. Имаме илјадници песни во архивите на МАНУ и наместо да им ги покажеме на светот и на соседите што не нѐ признаваат, со нив да ги удриме по глава, ние молчиме. Дојдоа некои нови клинци, кои мислеа дека сѐ почнува со нив“, говореше Хаџиманов.
Жално е што и додека се живи, големите пејачи, композитори, писатели ретко се наградувани за својот труд во нашата земја. Но откако ќе ги загубиме, постхумно, по брза постапка, тие се наградуваат со ордени за заслуги од највисок степен.
И Зафир Хаџиманов копнееше да прими награда од својата земја, со која ќе се валоризира неговиот повеќедецениски труд.
„Лут сум на политичарите од која било партија, а особено сум разочаран од моите колеги, кои се плашат или не сакаат да кажат: овој човек 50 години не се симнува од топ-листата на најслушаните македонски песни“, велеше со горчина во гласот нашиот Зафир.
Иронијата да биде поголема, минатата година дури до Хаџиманов стигна лажна вест дека добил државна награда, но набрзо тој обелодени на социјалните мрежи дека некој се пошегувал со него.
Тоа беше уште едно негово разочарување. Но, сепак, не нѐ напушти без признание. Лани ја доби наградата „Гоцева мисла“, која ја доделува македонската „Фондација презент“ за целокупниот ангажман и придонес во однос на афирмирањето на македонската култура и литература во светот.
Неодамна неговиот син Васил Хаџиманов лично од претседателот Стево Пендаровски постхумно доби Орден за заслуги во чест на неговиот мутиталентиран татко. Тој, примајќи го признанието, рече дека тоа е голема чест, но истовремено чувствува и тага што неговиот татко не го дочека овој момент. А во образложението за наградата стои дека орденот на Зафир Хаџиманов Зафир му се доделува за „огромниот придонес во специфичниот полижанровски развој во сферата на уметничкото творештво, за богатиот и специфичен опус во сферата на музиката, компонирањето и вокалната интерпретација, за иновативните модели на промоција на традиционалните хармонии и специфики во македонската музика низ современи и популарни форми“. На церемонијата постхумно беа наградени и писателот Горан Стефановски и филологот Ремзи Несими.
И Вања Лазарова, ненадминливата интерпретаторка на народни песни, ќе си заминеше тивко и нечујно да не ја пронајдеше случајно новинар во еден старски дом во Скопје. Кога медиумите јавно го обелоденија тоа, за миг во посета ѝ отиде тогашната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, која на конференција за печат вети дека Вања ќе биде наградена со државно признание. Така и се случи, но останува во воздухот да лебди прашањето дали Лазарова беше свесна за тоа.
И големата Есма Реџепова, која почина во 2016 г., долги години апелираше до соодветните државни институции да ја исполнат нејзината последна желба и куќата на Кале, која со љубов ја изградија со сопругот Стево, да се претвори во музеј и бесплатно музичко училиште за сиромашни деца. Но по нејзината смрт, куќата е ограбена, се водат бескрајни судски спорови, а надлежните постојано нејзиниот случај го префрлаат од врата до врата. Во меѓувреме, Реџепова доби повеќе признанија во странство, бидејќи таму без сомнение се свесни за сѐ што сторила „ромската кралица“ за време на својата долга и плодна кариера.
Балканскиот ангел Тоше Проески исто така си замина од овој свет со горчина, иако имаше само 26 години. „Јас сум дел до една ‘машина’ и излегување нема“, изјави тој во ТВ-интервју само неколку часа пред да загине во сообраќајката кај Нова Градишка, на 16 октомври 2007 година. И тој беше цел на злоупотреба и манипулации од страна на разни структури додека беше жив, а го обвинуваа и за затајување данок. „Лошотилакот ќе ме натера да не пеам“, беше насловено едно мое интервју за Тоше Проески. И тој експресно по смртта доби државно одликување, но неговиот вечен дом дури лани беше готов, а причината за доцнењето партиите си ја префрлаа една на друга.
Има уште многу сведоштва за заборавањето и потценувањето на значајни македонски дејци во музиката, но и во други области на јавниот живот, и на бришење на нивниот долгогодишен труд без пардон. Што да се каже кога еден Драган Ѓаконовски-Шпато не добил никакво признание од државата и многу други негови следбеници што сѐ уште творат.
До кога отпосле ќе сфаќаме што сме изгубиле со заминувањето на нашите значајни автори. Идентитетот, меѓу другото, се брани и со почитување на сопствените вредности, а не со нивно превидување и омаловажување. Каков пример им даваме на младите? И додека ние негираме и бришеме сѐ што носи предзнак македонско, во соседна Србија неодамна беа одликувани со највисоки државни награди Горан Бреговиќ, Момчило Бајагиќ-Бајага, Бора Ѓорѓевиќ, Емир Костурица… На улиците им се даваат нивни имиња, а за она што го направиле се учи и во учебниците. Секако, така е во целиот современ свет, заслугите се добиваат во вистинско време и со сета почит, бидејќи постхумно доделените награди се задоцнети признанија.
Секој деец што направил нешто значајно треба да се испочитува додека може да му се израдува на признанието, како валоризација на вложениот труд, време, креативност, на самопрегорот во промовирањето на својата земја во светот.