Оние што веруваат во историската одлука за импичмент, посочуваат дека што и да се случи наредните години, во политичкото наследство на Трамп ќе биде запишано дека Конгресот во 2019 година гласал за негово отповикување. Сепак, самите признаваат дека одлуката нема многу да промени во политичкото секојдневие во Вашингтон и дека ќе ги зголеми политичките поделби во САД
По инаугурациското обраќање на Доналд Трамп во 2017 година, бившиот американски претседател Џорџ Буш наводно се свртел кон Хилари Клинтон и искоментирал „ова беше чудно сра.е“. Случката неодамна ја потврди и самата бивша американска државна секретарка и противкандидатка на Трамп. Речиси три години од тој ден во Вашингтон, демократите и многу други критичари на Трамп постојано го обвинуваа актуелниот претседател на САД за злоупотреба на функцијата за разни лични политички и бизнис-цели. Тој дел од Америка месецов барем малку се задоволи со одлуката на Долниот дом на Конгресот на САД да изгласа отповикување на Трамп од претседателската функција. Но импичментот на Трамп е далеку од завршен, а и за самиот процес практично има две реалности во Америка.
Оние што веруваат во историската одлука за импичмент на Трамп, посочуваат дека што и да се случи во наредната година, па и во наредните пет години, во политичкото наследство на Трамп ќе биде запишано дека во декември 2019 година Претставничкиот дом на Конгресот гласал за негово отповикување, со што Трамп станал само трет претседател што се соочил со импичмент во политичката историја на САД. Според нив, од фактот за историската одлука не треба да нѐ оддалечуваат информациите за маратонската дебата што му претходеше, како и за безбројните меѓупартиски препукувања, што само дополнително ги зголемија политичките поделби меѓу Американците. За нив, одлуката на Долниот дом ќе означи јасна пукнатина во претседателскиот мандат на Трамп и во иднина неговиот престој во Белата куќа, без разлика колку и да трае, ќе се разгледува како времето пред и по импичментот. Сепак, самите признаваат дека историската одлука за импичмент не значи дека многу ќе се промени во политичкото секојдневие во Вашингтон. Всушност, самата одлука изгледаше „нормално“, барем според стандардите што беа наметнати во политичката сфера во изминатите години. Па, така, Трамп на Твитер, по собири и на прес-конференции ги напаѓаше политичките противници, републиканците застанаа во одбрана на претседателот и обвинија за политичка хајка, додека демократите упорно се обидуваа да ја уверат јавноста дека не прават партиска забава, туку дека навистина се обидуваат да докажат дека Трамп ја злоупотребил функцијата за лични цели.
За новите стандарди за нормалноста во политичката сфера неодамна пишуваше магазинот „Политико“, кој посочи дека во западните демократии јакне култот кон политичките лидери. Во една таква ситуација, традиционалните политички партии полека го губат значењето и се претвораат во само еден вид украсна хартија што треба добро да го спакува харизматичниот лидер. Ако во минатото лидерите произлегувале од самите партии и имале јасни позиции за разни проблеми што го мачеле општеството, формирале соодветна политичка програма и ја имале поддршката од нивните партии во кои се собирале истомисленици, денешните лидери се харизматични лица, кои среќата си ја барале во разни други сфери, а сега партијата ја користат само како платформа од која би требало да стигнат до највисоката фотелја.
Денешните лидери главно се фокусираат на едно наместо на низа прашања и тие се подготвени да го (зло)употребат за да ја поделат јавноста, да влеат нови стравови и да ги освојат потребните гласови со популистички решенија, кои потоа магично исчезнуваат откако ќе дојдат на власт. Нивните политики не се засновани на добро осмислена политичка програма, туку претставуваат реакција на разни анкети, фокус-групи и на социјални медиуми. Тие не се оптоварени од идеологија, не се ниту левичари ниту десничари и се водат од чист политички прагматизам и опортунизам. Во други услови можеби лидери како Трамп во САД или Борис Џонсон во Британија воопшто не би успеале да се профилираат како лидери, но денес не е така. Токму ваквите нетипични лидери успеваат да ја мобилизираат јавноста и затоа од двете страни на Атлантикот полека но сигурно јакне култот кон политичките лидери. За „Политико“, овој култ кон новите политички ѕвезди нема да исчезне набргу. Иако на прв поглед изгледа ненадејна, таа всушност е кулминација на подлабока трансформација на политичката клима.
Без разлика што ќе одлучи американскиот Сенат – а се претпоставува дека во почетокот на наредната година ќе гласа за да го задржи Трамп во Белата куќа – актуелниот претседател ќе мора да се соочи со политичкото наследство на импичментот. Едно сценарио е дека гласачите би можеле да ја казнат Републиканската партија зашто му овозможи на Трамп да дојде на власт (ова е сценариото што го посакуваат демократите). Друго сценарио е Трамп да биде реизбран и републиканците да ја преземат контролата и врз Претставничкиот дом на Конгресот, одново поради незадоволство на гласачите од одлуката на демократите да го иницираат процесот на импичмент, иако однапред знаеле дека најверојатно е осуден на пропаст (ова е сценариото што го посакуваат републиканците). Како и да е, аналитичарите и историчарите ќе го посочуваат самиот импичмент како основа за остварување на кое било од овие две сценарија. Дури и да не се оствари ниту едно од овие сценарија, секој потег на Трамп, секоја анкета и која било друга политичка флуктуација до и по претседателските избори во 2020 година ќе се гледа низ призмата на импичментот.
Тоа е така зашто импичментот се случува уште во првиот мандат на Трамп и тоа е една од клучните разлики во импичментот на Трамп и на Бил Клинтон. Згора на тоа, се очекува Трамп до изборите во ноември 2020 година постојано да се навраќа на денот на импичмент ако, како што се очекува, не биде отстранет од функцијата при гласањето во Сенатот. Доколку, пак, победи на изборите, денот на импичментот за него ќе биде и денот кога станал најголемата политичка жртва, која успеала одново да се вивне во височините и да обезбеди уште еден мандат во Белата куќа.
Со други зборови, импичментот во Долниот дом е само почеток на уште едно продлабочување на политичките поделби во Америка. Тоа е реалноста, без разлика колку верзии има за причините за гласањето за импичмент на Трамп.