Жално е што љубовта кон својот град ја искажуваме на ваков начин. И ако воопшто постои наша љубов кон „градот убав…“ таа повеќе е настрана, патолошка, да не речам садистичка. Ние него, всушност, го измачуваме. Го задушуваме со нашата претерана „љубов“. Со секое едно кршење и уништување на урбаната опрема само покажуваме колку не знаеме да си го сакаме и цениме нашиот град. Уште потрагично е кога ќе забележите детско игралиште со искршени лизгалки и со уништени лулашки
Столбови со густ чад од запалени депонии и локални ѓубришта, хемикалии што ги истураме или ни истекуваат по фабричките дворови, скопски фабрики и погони што согоруваат недозволени супстанции во технолошкиот процес, згради со неисправни хидранти од кои недостигаат делови, паркови со искршени клупи и канти за отпадоци, украдени столбови за јавно осветлување, се само мал дел од она што ние како граѓани му го оставаме на градот. Надлежните преправаат, апелираат, заменуваат урбана опрема, но се чини дека тие не можат толку да сработат колку што некои од граѓаните можат да уништат.
Жално е што љубовта кон својот град ја искажуваме на ваков начин. И ако воопшто постои наша љубов кон „градот убав…“ таа повеќе е настрана, патолошка, да не речам садистичка. Ние него го измачуваме. Со секое едно кршење и уништување на урбаната опрема само покажуваме колку не знаеме да си го сакаме и цениме нашиот град. Уште потрагично е кога ќе забележите детско игралиште со искршени лизгалки и со уништени лулашки. Празно, без ниту едно дете или, пак, со деца што плачат да си играат, но немаат каде.
Како да ни е активиран кодот за самоуништување…
Да почнеме од хидрантите што значат живот, кои можат за брзо време да спречат поголем пожар, да спречат жртви. Тој што се дрзнал да ги оштети исто како во момент на пожар да го задушил соседот. Ете, толку голема е важноста на хидрантите. А градот брои стотици згради со неисправни хидранти. Тоа е еднакво на илјадници несреќи и уште толку црни судбини.
Тој што ужива во уништувањето сигурно не видел колкаво е разочарувањето во детските очи кога детето не може да ги користи лулашките затоа што се искршени. Не се соочил со молбата искажана од дете полно со желба и страст да проба нешто ново и да го исполни игралиштето со детска смеа и авантура. Сигурно не ни знае како му е на родителот што го одвраќа своето дете од идејата да се лула. Секое едно искажано „не“ на родителот кон своето дете, е еднакво на илјада забодени ножеви во неговото срце.
Неодамна, целата јавност се смееше на украдениот столб за осветлување во скопски Чаир. Десетметарска улична светилка беше исечена и украдена од улицата Цветан Димов. За среќа, се најдоа совесни граѓани што брзо реагираа, па пријавија до надлежните служби и светилката повторно беше вратена на своето место, а сторителите беа соодветно санкционирани.
Да прошетате низ градот нема да успеете да најдете едно совршено нешто, освен природата, но и таа веќе потпаѓа под негативното влијание на човечката рака. И дрвјата патат со искршени гранки од несовесни граѓани и од издлабени срциња, кои треба да искажат љубов помеѓу две лица. Чудно е како со уништување на едно нешто направено со љубов од природата, сакаме да ја запечатиме љубовта што ја чувствуваме.
Понекогаш навистина треба да се постави прашањето дали доволно го сакаме и дали доволно ја искажуваме љубовта кон нашиот град?
За жал, секојдневно го докажуваме спротивното. Градот не е ниту локалната ниту централната власт. Градот не е градоначалникот ниту советниците. Градот сме сите ние, неговите жители, кои ги исполнуваат неговите улички со врева, нашите деца, кои задоволно играат на исправни игралишта, заљубени млади, кои седат на нормални клупи во парк од кои не фалат штици и не стрчат клинци.
Ние сме тоа што правиме. Градот е тоа што ние му го правиме нему. Со уништувањето, го уништуваме нашето задоволство во живеењето. Се урнисува иднината на секое едно дете што сака да игра, љубовта на двајца заљубени што сакаат и кога ќе остарат да седнат на клупата од својата младост…
Се уништуваат стотици животи, илјадници судбини и многу желби. Замислете колку сѐ ќе беше поинаку доколку го сакавме нашиот град и тоа го покажувавме на дело.