Внимателно со компромисите

Националните интереси треба секогаш да им се пред очи на политичарите и државниците во моментите кога се носат важни одлуки. Во таа насока компромисите не смеат да бидат насочени кон загрозување на идентитетот на македонската нација и кон оспорување на нејзината етногенеза. Никој во Македонија нема овластување за такво нешто

Изминатиот период претставници на меѓународната заедница покажуваат голема „загриженост за Македонија“ и за нејзиниот европски пат, кој е препречен од бугарското вето. И сѐ би било во ред доколку таа таканаречена загриженост е искрена, вистинска и со желба повеќе да се помогне отколку да се одмогне.
За жал, се покажува дека во таквата наводна загриженост сѐ повеќе провејуваат доза лицемерство, дволичност, неконзистентност и зла намера. Или, со други зборови, некој врз грбот на Македонија лекува стари комплекси или истерува своја правдина.
Ваквата „загриженост“ на Европа на наша адреса не е прва. Имено, доколку се потсетиме некоја година наназад кога се решаваше спорот со Грција, ќе заклучиме дека состојбите беа речиси идентични. И тогаш нѐ тапкаа по рамо дека сме во право, дека правото на самоопределување е неприкосновено дека на наша страна се сите меѓународни прописи итн.
Од сето кажано овие состојби не се новост, туку се само уште етапа што магично се повторува во круг и е поврзана со нашиот пристапен процес.
Она што е сепак ново во овој склоп на околности за Македонија и односите со ЕУ, е тоа што новите евроинтегративни пречки сега не доаѓаат од југот, туку од истокот. Во оваа нова рунда, Софија е нов противник наместо Атина.
За парадоксот да биде поголем, во оваа македонска равенка на никогаш незавршени аспирации за членство во меѓународните организации, за забележување е изјавата на некогашниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас дадена за „Независната балканска новинска агенција“.
Поранешниот шеф на грчката дипломатија во своја колумна ги нападна позициите на Бугарија и ги критикуваше барањата на Софија кон Македонија, напоменувајќи дека станува збор за радикални политики на крајната десница, кои го отсликуваат бугарскиот шовинизам кон македонското прашање.

Притоа Коѕијас како да подзаборави какви сѐ барања, уцени и ултиматуми ни испорачуваа лично тој и грчката влада во која и самиот учествуваше. Затоа неговите сегашни тези за Бугарија се повеќе насочени кон остварување одредени грчки интереси и позиции отколку како одбрана на Македонија. Или, со други зборови, класично лицемерство.
Дополнително сето би добило своевиден „шмек“ во разбирањето на пораката на Коѕијас, која се однесува за овие прашања, ако истата таа се погледне низ призмата на античката мудрост што се однесува за древната Троја и која гласи: „Не верувај им на Данајците дури и кога поклон ти носат“. Во историски контекст, оваа реченица е употребена во моменти кога згаснала да постои Троја, и кога Грците се пробиле во градот скриени во т.н. тројански коњ.
Благо кажано од денешна перспектива на настаните би било лицемерство, сега Коѕијас да зборува за шовинизам, ако во негови претходни јавни ставови го чинел истото кон Македонија.
Па од сето кажано, заклучокот од оваа античка мудрост може да се најде во разоткривање на дволичниот пристап на ЕУ и тогаш и сега, кога во ниту еден момент таа не ги осуди нападите од овој тип врз нашата земја што сега доаѓаат од Бугарија, а во минатото од Грција.
Во меѓувреме од македонска перспектива на настаните, и оние актуелните со Бугарија но и оние не толку дамнешните со Грција, треба да се знае дека секој јавно искажан збор на политичарите се памети и во колективната меморија на нашиот народ, но и во пишаните документи и медиумите.
Па оттука, оние што ја застапуваат македонската страна во надворешните случувања треба да знаат дека треба длабински да му пристапат на проблемот, да не реагираат брзоплето и непромислено со изјавите и своите решенија да ги темелат единствено врз принципите што најдобро ги отсликуваат нашите национални интереси. Имено, во својата работа нашите дипломати најдобро е да ја практикуваат народната мудрост што вели: „Три пати мери, еднаш сечи“.

Односно, нашите политичари треба да се координираат во одговорот на оваа проблематика, да имаат добро осмислени реакции и да дејствуваат одмерено и издржано. На тој начин тие нема да ја загрозат македонската етногенеза, нема да потклекнат на притисоците од соседите и нема да дозволат пласирање во јавноста паушални тези што може потоа другите да ги искористат против нас. Националните интереси треба да им се пред очи на политичарите и државниците во моментите кога се носат важни одлуки.
Во таа насока компромисите не смеат да бидат насочени кон загрозување на идентитетот на македонската нација и кон оспорување на нејзината етногенеза. Никој во Македонија нема овластување за такво нешто.

[email protected]