Соочени со второто вето на патот кон ЕУ, се чини дека за македонската страна поважно е отворено да го декларира својот принципиелен став во однос на условите за евроинтеграција отколку да размислува за задоволување на новите непресушни услови што ги наметнуваат соседите членки на ЕУ
Македонските надежи и верба во „чудата на заветот за добрососедство“, официјално остануваат проактивни и денеска, за време на одржувањето на советот на министри на ЕУ, кога се очекува Бугарија да ги ефектуира неколкумесечните закани за изразување несогласност за преговарачката рамка за Македонија. Тоа значи дека Македонија влегува во уште една фаза на вето во своите евроинтеграции, иако овој пат се чинеше дека е голем чекор поблиску до влезот во Унијата, по одлуката на земјите-членки на ЕУ во март годинава за давање зелено светло за почеток на преговори за членство. Доколку некогаш биде препознаен потенцијал за создавање филмска (политичка) сага од македонските маки за евроинтегрирање, овие бугарски опструкции би можеле да бидат само друг дел на сиквелот, со наслов „Вето 2.0“. Зашто Македонија веќе го „сними“ своето прво тридецениско вето од Грција, за кое се покажува дека Преспанскиот договор не бил конечниот „хепиенд“, туку само оставил простор за нови продолженија, овој пат со бугарско сценарио. Токму резултатите од Преспанскиот договор, со кои Македонија се согласи на своето дотогаш уставно државно име да додаде географска одредница, а направи и отстапки во однос на историските прашања во колективната меморија од античкиот период, ги отворија апетитите за нови побарувања на Бугарија од истиот вид, иако македонско-бугарскиот Договор за добрососедство беше потпишан една година пред македонско-грчкиот. Дури и заканите на актуелниот бугарски политички врв, за опстојување на одлуката за вето, во голема мера се темелат на исцрпеноста на Македонија од тридецениската блокада од Грција и најмногу на својата привилегирана позиција на земја-членка на ЕУ, без оглед на тоа што во многу општествени сегменти е далеку од стандардите на Унијата.
Во долгата провоцирачка кампања на Бугарија спрема Македонија, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, во една пригода изјави дека и Бугарија може во наредните 28 години да ја блокира Македонија за ЕУ, доколку не ги прифати нејзините услови.
Соочени со второто вето на патот кон ЕУ, се чини дека за македонската страна е поважно отворено да го декларира својот принципиелен став во однос на условите за евроинтеграција отколку да размислува за задоволување на новите непресушни услови што ги наметнуваат соседите членки на ЕУ. Имајќи го искуството од Преспанскиот договор, по кој евидентно е дека не престанаа соседските аспирации спрема Македонија, во однос на националниот идентитет и историја, како и дека во текот на преговорите со ЕУ (со надеж дека некогаш ќе започнат), ќе се соочуваме со барања и забелешки на сите земји-членки, иако земјата-кандидат Македонија треба да стави јасно на знаење дека за основните цивилизациски права на постоење и самоопределување не е подготвена да преговара. Всушност, поддршка во смисла на преговори за членство во ЕУ на македонската влада ѝ даде и МАНУ, преку промеморија за македонската државност и идентитет, секако под услов на зачувување на македонскиот национален идентитет и посебноста на македонскиот јазик.
Иако македонскиот народ и државата се исцрпени од каприците на соседните држави и нивните уцени, потребно е одржување на енергијата на обединетост за зачувување на суштествената национална идентификација, како на внатрешен така и на меѓународен план. Официјалната политика на државата, пред сѐ дипломатијата, треба да продолжи да бара решенија за започнување преговори со ЕУ, но исто така треба да биде свесна дека нема простор за нови отстапки во смисла на редуцирање на македонскиот национален идентитет и релативизирање на посебноста на текот на македонската историја и на македонскиот јазик. Дипломатските напори, како и обраќањата на македонските интелектуалци и институции, треба да бидат повеќе насочени спрема европските институции отколку на одговор на провокации, кои за ЕУ личат на малограѓанско балканско соседско препирање.
Освен тоа, Македонија како земја-кандидат треба постојано да апелира до ЕУ за придржување кон нејзините основни принципи на постоење, односно на почитување на принципите на владеење на правото (во кое влегува секако и меѓународното право), правото на самоопределување и почитување на различноста.
Најавеното бугарско вето за Македонија, секако, ги поткопува декларираните заложби на ЕУ и на ЕК за проширување (и покрај резервираноста на некои земји-членки) и геостратегиско заокружување на Унијата со земјите од Западен Балкан. Но со таквото однесување, можеби несвесно, Бугарија придонесува за активирање преиспитување на принципот на консензус во одлучувањето во ЕУ. Бугарското вето за Македонија се случува истовремено со најавите за вето од Полска и Унгарија за новиот буџет на ЕУ, доколку и понатаму бидат условувани со „владеење на правото“.
Целиот контекст на играње на картата на „вето“ на земјите-членки, се чини сѐ позачестено ги става на преиспитување основните принципи и вредности на ЕУ, како и нејзиното оперативно функционирање. Во најавената вето-криза на ЕУ, Македонија не треба да избрзува со реакции на уцените на ЕУ-соседите, иако Унијата и понатаму е стратегиска определба и покрај сите искушенија и претрпени неправди.