Како да не е доволно комплициран распоредот на силите на домашен терен, па во венецуелската криза е „вмешан“ и странскиот фактор. Изминатите денови сме сведоци на тоа чии глобални и регионални интереси се вкрстуваат во оваа јужноамериканска земја
Венецуела продолжува забрзано да тоне во политичка криза, а некогаш најдолгата јужноамериканска демократија и земја со најголемите нафтени резерви во светот, се наоѓа на работ од колапс. И Николас Мадуро, актуелниот шеф на државата, и опозицискиот лидер Хуан Гуаидо тврдат дека се легитимни претседатели. Мадуро има мала поддршка од јавноста, но сепак ја има лојалноста од армијата. Од друга страна, Гуаидо ужива голема поддршка кај народот, но има малку контрола врз круговите на моќ во Венецуела. Како да не е доволно комплициран ваквиот распоред на силите на домашен терен, па во венецуелската криза е „вмешан“ и странскиот фактор. Изминатите денови сме сведоци на тоа чии глобални и регионални интереси се вкрстуваат во оваа јужноамериканска земја. Па, така, зад Мадуро застанаа Русија, Кина, Куба, Турција и други земји, додека, пак, легитимноста на Гуаидо беше признаена од САД, како и од повеќе јужноамерикански и европски држави. Сите состојки од рецептот за нова регионална (и глобална) криза се тука, а сметката, како што нѐ учи историјата, по обичај ќе ја плати обичниот народ на Венецуела, кој и онака веќе е доста економски и политички напатен.
Земјата, од која веќе се иселија повеќе милиони сиромашни граѓани, се наоѓа на историски крстопат, а ниту Мадуро, ниту Гуаидо не сигнализираат дека ќе попуштат. Во (западни) меѓународни кругови се шпекулира со неколку можни исходи, не исклучувајќи го и военото сценарио, од кризата, на чие медиумско присуство очигледно ќе мора да се навикнеме во претстојниот период…
Па, така, првото сценарио предвидува останување на Мадуро на власт, но неизвесно е до кога. Тој двапати ги преживеа претходните предизвици на неговата власт – масовните и насилни протести во 2014 и 2017 година. Неизвесно е дали и овој пат ќе му успее. Иако ја задржа поддршката од сојузниците како Русија, Кина и Куба, Мадуро се наоѓа под огромен меѓународен притисок, вклучувајќи и десетина јужноамерикански земји. Воениот врв го поддржа нивниот врховен командант, но забележани се серија дезертерства помеѓу пониските офицери.
Друга опција за излез од актуелната криза е воен удар, по кој на власт ќе биде поставен генерал или некој цивил. Евентуалниот наследник би бил избран од најтесниот круг на воени и цивилни соработници на Мадуро. Во секој случај, смената на државниот врв нема да ја смири, а камоли, пак, да ја задоволи опозицијата, која сега ужива голема меѓународна поддршка и планира враќање на демократијата во земјата. Доколку бидат исцрпени сите политички опции, постои голем ризик противниците на власта во Каракас да се определат за оружен отпор. Ваквото сценарио не дава многу надеж за брз излез од кризата, особено ако се земе предвид проблематичното минато на Јужна Америка во борбата против бунтовничките групи и движења.
Историјата нѐ учи дека секоја смена на власта поттикната однадвор ретко ги подобрува политичките и економските односи помеѓу земјите што напаѓаат и нападнатите земји. Исто така, странските воени интервенции ретко водат до демократија и само ги зголемуваат шансите нападнатата земја, во нашиот случај Венецуела, да западне во долгогодишна граѓанска војна. А сметката, како и досега, ќе ја плати обичниот народ
Повеќето од западните коментатори сметаат дека враќањето на демократијата би бил најлесен начин за излез од актуелната криза, но Мадуро, според нив, многу малку ќе добие, а многу ќе загуби од откажувањето од власта. Дури и актуелниот венецуелски претседател да се согласи да замине од власта, тој сигурно нема да сака да ризикува целосно уништување на неговото авторитарно владеење, а тоа не го посакуваат ниту илјадниците државни и воени службеници, кои Мадуро ги постави на функција.
Последно сценарио, на кое најмногу ќе се „радуваат“ јастребите во Вашингтон и во Каракас, е военото. Мадуро долго време за проблемите на земјата ја обвинува повеќедецениската „империјалистичка кампања на економска војна“, водена од САД.
Ваквата реторика досега му успеа во привлекувањето на лојалноста од генералите и на дел од населението. Но ако венецуелската криза се одолжи на неодредено, предизвикувајќи нови милиони бегалци, соседите на Венецуела ќе бидат очајни за брзо решение на кризата. Во таков случај, пак, несомнено ќе се зголеми притисокот за воен напад, како последно средство за решавање на кризата. Воинствените јастреби во Вашингтон заговараат интервенција во земјата, а десничарските влади во Бразил и во Колумбија би можеле да ѝ се приклучат на американската интервенција. Засега ваквиот конфликт е далечно сценарио, но евентуална војна, прва војна помеѓу две јужноамерикански држави во изминатите осум децении, би била долга, крвава и преполна со непредвидливи моменти.
Историјата и многу истражувања ни покажуваат дека секоја смена на власта поттикната однадвор ретко ги подобрува политичките и економските односи помеѓу земјите што напаѓаат и нападнатите земји. Исто така, странските воени интервенции ретко водат до демократија и само ги зголемуваат шансите нападнатата земја, во нашиот случај Венецуела, да западне во долгогодишна граѓанска војна. А сметката, како и досега, ќе ја плати обичниот народ.