Системот досега предизвика многу коментари, но сите главно се согласуваат со тоа дека тој е потребен и дека треба да се подобрува неговата примена. Тој ги однесе фудбалските дебати во сосема друг правец, донесе многу спротивставени мислења, дојде и до промена на емоциите на стадионите и пред телевизиските екрани, но јасно е дека технологијата не може да биде игнорирана и дека таа нема да си замине. ВАР сега го презеде централното фудбалско место, но со неговото усовршување тој треба да стане „невидлив“ и потоа веројатно ќе остане да се зборува „само“ за изведбата на теренот. Како што треба
Системот видеопомошник-судија (ВАР) стана една од најчестите теми во фудбалските разговори, во анализите на натпреварите, одвреме-навреме потиснувајќи ги и перформансите на теренот во втор план, а често станува и ново алиби за резултатот. Новата технологија за помош при донесување одлуки на судиите на фудбалските мечеви сѐ повеќе се применува, па, така, во Европа се користи во повеќе од дузина домашни првенства, има повеќе земји што најавија дека наскоро ќе почнат да го користат, на големите натпреварувања лани дебитира на светските првенства, в година првпат ќе се појави на европските шампионати, а од сезонава се користи и во најсилното клупско натпреварување, Лигата на шампионите на Европа.
Системот досега предизвика многу коментари, но сите главно се согласуваат со тоа дека тој е потребен и дека треба да се подобрува неговата примена. ВАР сега прележува детски болести, а кога ќе помине тој период, ќе стане посилен, што ќе значи дека ќе биде попрецизен, побрз… Главните забелешки сега се на бавноста на донесување на одлуките, на „промената“ на фудбалските емоции. Меѓу другото, системот ВАР донесе и некои досега невидени ситуации на фудбалските натпревари, како што е, на пример, офсајдот измерен во неколку сантиметри.
И сето тоа ги однесе фудбалските дебати во сосема друг правец, донесе многу спротивставени мислења, но јасно е дека технологијата не може да биде игнорирана. Таа е присутна речиси во секој сегмент од животот, па спортот, а особено најпопуларниот, не може да остане изолиран. Исти и слични системи се применуваат и во други спортови, како на пример атлетиката (таа меѓу првите посегна по технологијата, уште во 1912 година, кога се воведе т.н. фотофиниш), потоа хокејот на мраз и на трева, кошарката, тенисот, одбојката, рагбито, американскиот фудбал, мечувањето, бадмингтонот, снукерот итн.
Една од забелешките е и тоа дека во одредени ситуации се отстапува од препораките за корекција на „очигледни судиски грешки“, како што е, на пример, офсајдот невидлив со голо око, што, според таа формулација, не е очигледна грешка. Според препораките, судиите во ВАР-собата на стадионот постојано проверуваат за да се најдат чисти и очигледни грешки за четирите ситуации што можат да го сменат текот на натпреварот – за постигнати голови, инциденти во шеснаесетникот, црвени картони и заменет идентитет на играч што треба да добие картон. Но технологијата носи поголема прецизност, во ситуации кога човекот сам не може да види, да забележи, а во овој случај офсајд е офсајд, па дури и од неколку сантиметри. Сепак, просторот за напредок е голем, веројатно напредокот на технологијата и увежбаноста на судиите во ВАР-собата ќе го донесат можеби и најважното во моментов – експресна одлука.
Во од веќе се предлагаат повеќе работи, како можноста во тенисот, со која тренерите би добиле право на т.н. челинџ, односно на нивно барање да се преиспита одредена одлука на судиите. Друг предлог е да нема промена на одлука на судиите ако проверката во просторијата каде што се сместени системот ВАР и помошните судии трае повеќе од 30 секунди, оти во тој случај, како што велат, „нема чиста и очигледна грешка“.
Со ВАР дојде и до промена на емоциите на стадионите и пред телевизиските екрани. Сега се забележува дека по постигнат гол фудбалерите и гледачите некако како со задршка да почнуваат да се радуваат, знаејќи дека може да биде поништен голот (или досудениот пенал), но се јави и друга ситуација, а тоа е зголемената надеж кај другата страна, дека голот (или друга одлука во корист на противникот) можеби ќе биде поништен. Така, на фудбалската драма се додаде нова и со измешани чувства.
Сето тоа се промени што сега се свежи, но на кои сите ќе се навикнат, оти технологијата нема да си замине. Од порано е присутен и системот за гол-линијата, со кој се елиминираат шансите за спорни моменти при постигнат гол без да се затресе мрежата и тој систем веќе никој не го коментира. ВАР, пак, може и секако дека ќе се подобрува, за работите да станат побрзи, за попрецизни, секако, не станува збор, а вкупно промените по извесно време ќе станат составен дел од играта, со кои ќе нема веќе големи судиски неправди. Сепак, технологијата автоматски не создава шампиони, туку побрзо ги истакнува подобрите меѓу одличните, носи „само“ поправедни исходи на натпреварите, по што ќе остане чистата игра и само спортската умешност на тимот или на поединецот.
Македонските клубови досега немале блиска средба со ВАР на официјален меч, од едноставна причина што засега тој се применува од плејофот во квалификациите за Лигата на шампионите и од нокаут-фазата на Лига Европа, фази од натпреварувањата во кои откако е воведен ВАР не играл тим од Македонија. Македонската фудбалска репрезентација, пак, лани премиерно го испроба на своја кожа новитетот, кога еден прекршок, кој беше досуден како прекршок надвор од шеснаесетникот, на пријателскиот меч Македонија – Азербејџан во Турција, беше исправен од судиите што го раководат системот ВАР, по што Македонија доби и реализира пенал. Но како што се шири примената на оваа технологија, наскоро веројатно репрезентацијата ќе игра квалификациски мечеви под будното око на ВАР, а и клубовите ќе имаат можност да се сретнат со системот на европско ниво, можеби во иднина и на домашните натпревари.
Спортската неправда секако дека треба да се намали, ако не може да се искорени. ВАР сега го презеде централното фудбалско место, но со неговото усовршување тој треба да стане „невидлив“ и потоа веројатно ќе остане да се зборува „само“ за изведбата на теренот. Како што треба.