Најизразен е примерот со процесот на вакцинација против ковид-19 што се одвива сега. Во таа антиваксерска кампања предничат некакви религиозни кругови, кои не избираат средства за да го наметнат својот светоглед. Во тој контекст не само што се на жесток удар сите свештеници или теолози што ќе се осмелат јавно да го кажат својот став дека би се вакцинирале, туку градењето свест на отпор го прават и со теории на кои им даваат некакви теолошки толкувања дека црквата и верата се против медицината, науката, вакцините
Една година од појавата на првиот случај на ковид-19, во Македонија многу работи се променети, но една ситуација останува константна. Комбинацијата на недоверба, теориите на заговор и интернет-просторот се непоправлив општествен феномен. Тоа во суштина е состојба што прераснува во религиски култ на некаков општествен отпор. А последната најизразена форма е темата за вакцинацијата против коронавирусот.
Иако во првите месеци од светската пандемија религиозната јавност, а во голем дел и верските заедници беа центарот околу кои се движеа скепсата и сомнежот за вирусот, оценувајќи ги карантинските мерки и како удар врз верските права и слободи, а пред сѐ удар врз верските институции, сега, десет месеци подоцна, црквите и верските заедници како институционални форми на функционирање имаат сосема поинаков светоглед на пандемијата.
Не само во Македонија туку и во светски рамки, без разлика на верското учење, религијата станува партнер на државните и здравствените институции во борбата против пандемијата.
Ако во март или април минатата година се водеа општествени дебати дали носењето маски е сквернавење или не на верата за време на одржувањето на литургијата, денес тоа е сосема нормална слика во верските храмови. Промената на ваквата перцепција се должи и на фактот дека од пандемијата не беа поштедени ниту верските институции ниту верските лидери. Искуствата со кои многумина од нив се соочија сега се причина плус за да бидат активни чинители во градењето на општествената свест за поголема заштита за себе и своите блиски и за општата безбедност на луѓето.
Но, паралелно со тоа, како тие застануваа во редот на општата заедничка совест, така пропорционално се соочуваа со отпорот на тврдокорната религиозна јавност, која во дел од свештениците и верските лидери препознава некакви „отпадници на верата“, само поради тоа што тие јавно зборуваат за општото добро на сите.
Таквата тврдокорна религиозна јавност се обидува да креира своја религија, во која медицината ја става како некакво општествено зло што треба да ги сузбие вербата и религиозноста на луѓето.
Најизразен е примерот со процесот на вакцинација против ковид-19 што се одвива сега. Во таа антиваксерска кампања предничат некакви религиозни кругови што не избираат средства за да го наметнат својот светоглед. Во тој контекст не само што се на жесток удар сите свештеници или теолози што ќе се осмелат јавно да го кажат својот став дека би се вакцинирале, туку градењето свест на отпор го прават и со теории на кои им даваат некакви теолошки толкувања дека црквата и верата се против медицината, науката, вакцините.
Во тие теории најчесто ќе ја сретнете тезата дека вакцината против ковид-19 е создадена од фетуси на абортирани бебиња, спин што вирално се шири низ социјалните мрежи, и тоа преку фан-страници или фејсбук-профили што имаат црковни или имиња на светители, за да поттикнат што повеќе луѓе на сомнежи и на недоверба.
Никој во современиот свет не го спори основното човеково право дека вакцината треба да биде избор, а не присила, но исто така никој нема право да ги спори науката и медицината под плаштот на некаков религиозен култ. Голем дел верски претставници во Европа и во светот веќе дадоа и свој личен придонес во оваа антивакцинална кампања. Примајќи ја вакцината, јавно им посведочија на верниците дека таа е дар од бога за општо спасение. Црковната теологија нема дилеми дека проблематиката со вакцините не е прашање на црквата, туку на научните медицински
институции
Од каде доаѓаат овие теории на заговор? Дали религијата и верата се контра медицината? Колку е ова теолошко прашање, а колку прашање од науката? Имаат ли верските институции капацитет да се спротивстават на ова? Зошто многумина од теолозите молчат за овие состојби? Сите овие прашања не се наивни и заслужуваат сериозен одговор, за да се одговори на општествената заблуда што некој се обидува да ја креира, и тоа во момент кога светот преку вакцината ја гледа светлата точка од едногодишниот мрак.
Никој во современиот свет не го спори основното човеково право дека вакцината треба да биде избор, а не присила, но исто така никој нема право да ги спори науката и медицината под плаштот на некаков религиозен култ.
Ако некој верува во бог како создадел на сѐ, треба да верува и дека тој бог, кој е милостив, а не одмаздољубив, за да му помогне на човекот ја создал медицината, ја создал науката, ги создал лекарите. Тој бог преку нив е помош за луѓето.
Голем дел од верските претставници во Европа и во светот веќе дадоа и свој личен придонес во оваа антивакцинална кампања. Примајќи ја вакцината, јавно им посведочија на верниците дека таа е дар од бога за општо спасение.
Црковната теологија нема дилеми дека проблематиката со вакцините не е прашање на црквата, туку на научните медицински институции.
За таа цел и владиката Партениј неодамна јасно посочи дека сосема непотребно е да се прави некакваси „теологија“ за вакцинирањето. Проблемот, вели, е чисто научнички, а црквата како заедница на верните отсекогаш ги поттикнувала и развивала позитивните научни сознанија и ги инкорпорирала во своето живеење.
Во тој контекст, тој ги потенцира токму манипулациите со темата, во кои честопати има и добри и познати духовници, кои поради недоволно познавање на темата и наговорени од некои квазизилотски струи, истапуваат со јавно мислење, зборуваат против медицинските пронајдоци, потпаѓајќи под влијание на теориите за заговор.
Но не треба да ги забораваме и благодатите од медицинската професија, благодарение на која човештвото се избавило од многу тешки и страшни страданија. И медицината е наука во која се пројавува дејството на божјата благодат и просветление. Така, на пример, и основоположникот на вакцинацијата, кој со своите научни откритија и вакцината против антракс и беснило спасил неизмерен број животи, Луј Пастер, бил длабоко побожен христијанин.
Верата не е фанатизам, верата е човекољубие.
И за медицината и за верата изборот е наш, односно е неприкосновено право на поединецот.