Осмомартовската честитка на партијата на Каракачанов, со мапата на голема (санстефанска) Бугарија, ги надмина димензиите на скандал смислен за провокација само на Македонија, туку сѐ повеќе добива импликации на територијални претензии и спрема Грција и Србија, со голем потенцијал на загрозување на регионалната безбедност. Освен тоа, пораката во честитката, „Бугарија над сѐ“, која во пакет со картата на голема Бугарија и окупирани територии од соседни држави алудира на Хитлеровите мегалодржавни аспирации со слоганот „Германија над сѐ“, ги надминува и границите на регионална провокација. Свесно, или со несмасна додворувачка намера спрема Германија, со тој слоган Каракачанов на своевиден начин упатува и провокација и вовлекување на официјален Берлин, но истовремено и на ЕУ, која е формирана и опстојува токму врз идејата и принципите на антифашизмот
Тоа што македонската влада одлучила да не биде дел од предизборниот фолклор на соседна Бугарија не значи дека и бугарските политичари ќе се однесуваат реципрочно и џентлменски и нема да ја (зло)употребуваат темата Македонија во своите (не)официјални изборни кампањи. Особено тоа не се очекува од бугарски политичари, кои својата политичка дефинираност, дејствување и постоење, дури и на европската политичка сцена, ги имаат калибрирано преку фантазмагоричната санстефанска проекција од 19 век за македонското прашање. Колку и да е комплициран описот, сепак во него лесно се препознава политичката физиономија на сѐ уште актуелниот вицепремиер и министер за одбрана во Владата на Бугарија, Красимир Каракачанов. Навистина, предизборните истражувања на јавното мислење во Бугарија не зборуваат за некаков голем рејтинг на партијата на Каракачанов, па дури и предвидуваат дека нема да биде релевантен фактор во составувањето на идната бугарска влада, но таквите претпоставки воопшто не ги релативизираат состојбите со своевидниот национален консензус во Бугарија за политиките исполнети со шовинизам, експанзионизам, хегемонизам спрема Македонија и негирање на македонската историско-идентитетска посебност. Таквиот шовинистички консензус, дури со гордост го нагласуваат сите водечки протагонисти на бугарската политика за блокада на евроинтеграциите на Македонија и истакнувањето на решеноста да не се попушти со ветото за ЕУ додека македонската страна не се „освести и не ги признае своите бугарски корени“.
Парадоксално (не)принципиелни во текот на случувањата на активираниот македонско-бугарски спор се настојувањата на ЕУ-администрацијата за дистанцирање од целата ситуација и обидите целиот случај со елементи на националфашистичка провокација под плаштот на консензуалното одлучување во Унијата, да го сведат на билатерален спор. Уште една афирмација на политиката „миење раце од проблемите“ е најновата порака на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи за „брзо наоѓање на заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија“, за побрзо да биде остварена првата меѓувладина конференција со ЕУ. Оваа порака на Вархеи (упатена од Албанија, со која Македонија е во ист пакет за проширување на ЕУ), доаѓа како своевиден парадоксален заклучок на политичката седмица во Македонија, исполнета со речиси секојдневни провокации од бугарскиот вицепремиер Каракачанов.
Позицијата на дипломатска игнорантност на проблемот од страна на високиот функционер на ЕУ, изгледа уште понеодговорно, со оглед на манифестацијата на отворен иредентизам од регионални размери во провокациите на вицепремиер од земја-членка на ЕУ, па макар таа била и пред избори. Осмомартовската честитка на партијата на Каракачанов, со мапата на голема (санстефанска) Бугарија, ги надмина димензиите на скандал смислен за провокација само на Македонија, туку сѐ повеќе добива импликации на територијални претензии и спрема Грција и Србија, со голем потенцијал на загрозување на регионалната безбедност. Освен тоа, пораката во честитката, „Бугарија над сѐ“, која во пакет со картата на голема Бугарија и окупирани територии од соседни држави алудира на Хитлеровите мегалодржавни аспирации со слоганот „Германија над сѐ“, ги надминува и границите на регионална провокација. Свесно, или со несмасна додворувачка намера спрема Германија, со тој слоган Каракачанов на своевиден начин упатува и провокација и вовлекување на официјален Берлин, но истовремено и на ЕУ, која е формирана и опстојува токму врз идејата и принципите на антифашизмот.
Во прилог на европската димензија на скандалозноста на однесувањето на Каракачанов е што манифестацијата на територијалните претензии доаѓа од министер за одбрана на земја-членка на ЕУ и на НАТО, што може да се толкува и како експлицитна воена закана спрема земја-сојузник во Алијансата. Колку и да е на дното според оцените за исполнувањето на европските стандарди, колку и да ѝ било прогледано низ прсти во однос на исполнувањето на критериумите за проширување во времето кога била примена во ЕУ, Бугарија сепак денес е земја-членка на ЕУ и несоодветно однесување на висок владин функционер од таа земја, секако, оди на сметка и на штета на репутацијата на Унијата. Уште повеќе, принципиелноста и веродостојноста на ЕУ се дополнително компромитирани, со оглед на фактот дека Бугарија го злоупотребува принципот на консензуално одлучување за остварување на своите хегемонистички и експанзионистички аспирации.
Молкот и толеранцијата на ЕУ за ваквото однесување на Бугарија и обидот за минимизирање на нејзиниот агресивен експанзионизам за „билатерално прашање“, не може да се оправдаат дури ниту со „неизговорениот изговор“ за незаинтересираност за проширување. Генерирањето безбедносна загрозеност во регионот преку манифестација на територијални аспирации од земја-членка на ЕУ, (притоа со премолчување од Унијата, кое од сторителот се толкува како одобрување), има сериозен потенцијал да активира безбедносни проблеми и внатре во Унијата, покрај компромитација на нејзината принципиелност и веродостојност како меѓународен политичко-безбедносен фактор.