Лондонскиот циркус, на чело со премиерката Тереза Меј, придружена од британските пратеници, за само неколку дена ни приреди повеќе претстави. Дури и на искусните познавачи на ситуацијата им е тешко да разберат што се случува и што допрва ќе следува
Хаос, политички циркус, нејаснотии и целосна неизвесност. Вака накратко може да се опишат сегашната ситуација во Лондон и процесот за излегување на Британија од ЕУ, попознат како брегзит. Лондонскиот циркус, на чело со премиерката Тереза Меј, придружена од британските пратеници, за само неколку дена ни приреди повеќе претстави. Прво, пратениците повторно (по вторпат) го одбија договорот на Меј за брегзит, што таа го постигна со Брисел. Потоа, британските законодавци ја отфрлија и опцијата за брегзит без договор. За доцна синоќа се очекуваше тие повторно да гласаат, односно и официјално да ја повикаат Владата да побара одложување на излегувањето на земјата од ЕУ, предвидено за 29 март. И тоа не е сѐ. Има најави дека наредната седмица, по третпат, британската премиерка ќе го постави пред пратениците договорот за брегзит. Дури и на искусните познавачи на ситуацијата им е тешко да разберат што се случува и што допрва ќе следува…
Како што стојат работите, ниту самата Меј нема јасна визија за тоа како ќе се оди понатаму. Кои опции ѝ стојат на располагање? Ако ја добие поддршката од пратениците, таа ќе побара од Брисел одложување на брегзит. Според сигналите од Лондон, се очекува таквото барање да биде испратено пред претстојниот лидерски самит на ЕУ, кој ќе се одржи на 21 и 22 март. Но одложувањето на брегзит, не значи и автоматски дека излегувањето од Унијата без договор е засекогаш отфрлено како опција. Доколку двете страни не успеат да постигнат договор при евентуалното продолжување на периодот, тогаш тоа е гарантиран исход.
Потоа, владата на Меј исто така би можела да побара преговори за комплетно нов договор за брегзит. Станува збор за нови преговори, за кои сигурно ќе биде потребно повеќе време. Друга опција е одржување нов референдум за британското членство во ЕУ. Но и за ваквата опција ќе биде потребно повеќе време, а според британските експерти периодот нема да биде пократок од 22 недели. Можно е и распишување нови избори, но мала е веројатноста за тоа, особено што таквиот чекор нема да ги реши суштинските проблеми во процесот на брегзит.
За танго се потребни двајца. Па, така, сите планови и калкулации на Меј и тимот околу неа може да паднат во вода и да останат пусти неостварени желби, ако Брисел не даде зелено светло за некоја од опциите
На крајот, Меј и британската влада може да се откажат од брегзит, односно да ја сменат одлуката за излегувањето на земјата од Унијата. Таквата опција веќе доби и правни темели. Па, така, Европскиот суд на правдата неодамна пресуди дека е сосема легално Британија унилатерално да го отповика членот 50 и со тоа да го откаже брегзит. Сепак, и за ваквиот исход на британската трагикомедија сосема се мали изгледите. Навистина конфузна и докрај неизвесна ситуација, човек да не посака да е во чевлите на Тереза Меј…
Но за танго се потребни двајца. Па, така, сите овие планови и калкулации на Меј и тимот околу неа може да паднат во вода и да останат пусти неостварени желби, ако Брисел не даде зелено светло за некоја од опциите. За почеток, брегзит без договор и целиот последователен хаос ќе бидат загарантирани ако Унијата воопшто не се согласи на продолжување на периодот. Сепак, станува збор за едногласна одлука, која мора да биде поддржана од сите 27 земји-членки. Една да не се согласи и блиску е крајот на драмата – Британија дефинитивно излегува од ЕУ на 29 март.
Засега, од Брисел стигнуваа позитивни сигнали. Па, така, и покрај првичните црвени линии и цврстиот став дека нема одложување на брегзит, раководството на ЕУ ја менува плочата. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, вчера порача дека треба да се одобри продолжување на рокот, ако тоа ѝ помогне на Британија да ја утврди стратегијата. Туск истакна дека на претстојниот самит ќе побара од лидерите на ЕУ да бидат отворени за долго одложување на брезит, за да може британската страна да ги преиспита своите цели во преговорите. Се очекува и Германија, Франција, Италија и Холандија исто така да го поддржат таквиот предлог, за да се избегне брегзит без договор. Но тоа сигурно нема да биде без строги и конкретни услови. Британија, на еден или друг начин, ќе мора да ја плати цената. Едно е сигурно, британската страна, на чело со Меј, мора јасно да каже колку долго ќе трае и кои се целите на одложувањето. Пред Европскиот парламент тоа јасно го порача и главниот преговарач на Брисел за брегзит, Мишел Барние: „Британија мора да ни каже што е тоа што го сакаат за нашите идни односи, кој ќе биде нивниот избор? Тоа е прашањето што мора да биде одговорено пред да биде донесена одлуката за можното дополнително одложување“.
Како што стојат работите, исполнети се условите за уште еден чин во драмата околу брегзит. Сѐ поголеми се изгледите дека ќе бидеме сведоци на брегзит во, не еден или два, туку сто чекори.