Сега одеднаш сите интелектуалци, новинари, аналитичари, демократи, борци за човекови права, либералисти, прогресивци, ЕУ и НАТО-атлантисти, футуристи и глобалисти што самодоволно си се нарекоа левичари, паѓаат во егзалтација и маваат со дрва и камења по Бугарија и Бугарите со монолози на патос во кој гневот напред го движат зборовите Македонија, Македонци, македонски и други именки и придавки што се недозволени за употреба, според законите на државата Република Северна Македонија. Тие зборови се забранети и се на ниво на криминален јавен говор и во согласност со договорот од Преспа претставуваат иредентизам, шовинизам, национализам, претензии и напад на суверените државни вредности на Република Грција.
Се плашам дека ако вака продолжат Македонецот Зоран и Македонците Заевци за многу кратко време ќе натрупаат материјали за ново „досие северна“ што ќе биде доволно не за едно, туку за десет нови вета. Но за разлика од бугарското вето, кое е во врска со претпоставени историски настани и наративи што можеби се случиле, а можеби и не пред илјада, двесте и сто години, Владата на Грција ќе понуди современи и актуелни докази собрани од телевизија и интернет, а кажани вчера и денес. Така стојат работите, драги мои. Ќе мора некој да ги вразуми и заузди новопатриотите од СДСМ, Владата на Република Северна Македонија, невладините организации, слободните медиуми и интелектуалци дека шират говор на омраза, кршат меѓународни договори и преземени обврски во согласност со евроузанси, а гарантирани од САД и целата „меџународна заедница“! Еве, ги повикувам другарите професори Тони и Рената Десковска да повикаат на почитување на преземените обврски што се вечни и не можат да се променат!
Да не излезе после, кога некој друг, можеби, некогаш ќе биде власт, тие да го обвинуваат за новите вета што ќе дојдат во 2029 и во 2037 година, а ќе се однесуваат на „историскиот период од декември 2020 до јануари 2021 година“, кога официјални државни службеници на РСМ ширеле лаги и невистини во врска со постоењето на некаква Македонија и некакви Македонци и нешто македонско на територијата на државата во која тие во тој момент „началствувале“.
Мое е да ве предупредам, како што ве предупредувам три години дека ќе дојдете до овој момент, ама кој да слуша и кој да гледа?! До скоро мислев дека ова што го правите е некаков план, стратегија, збир на знаења и информации што вие ги поседувате (а јас не?!), па врз основа на нив ја темелите вашата догма за „северномакедонскиот новоалтруизам“, кој наскоро ќе прерасне во „себалканско движење на општа љубов и разбирање“ што секојдневно за почеток ќе го практикуваат прво „владите на пријателите од соседните пријателски земји“, а потоа и државните службеници и чиночинители, секако по налог и по пример на премиерите и министрите на нивните пријателски земји, а на крајот и секој еден обичен Бугарин, Србин, Грк и Албанец ќе започне во сите полиња, на секое место, во секое време и во секој поглед (како што веруваше Славко Штимац во филмот на Кустурица) да шири љубов и мирољубива активна коегзистенција, безмалку исто, ако не и „нешто малку повеќе“ од времето на сесаканиот другар Тито и неговиот историски рај наречен Социјалистичка Југославија.
Боже, какви времиња дочекавме, оптимизмот и вербата во среќната иднина да царуваат на сите страни. Сега веќе во форма на модерен северномакедонски рај што господари на сите страни во земјата и на сите страни на светот! Слободните медиуми, веќе ослободени од стегите на груевизмот и клиентелизмот, сега се длабоко влезени во фазата на воспевања и историско утврдување на високото место на „севернорепубликанскиот Пантеон“ на патриотизмот, посветеноста и решителноста што саканиот другар Заев и неговите соработници ја вложуваат во заштитата на македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонскиот бит, македонскиот не знам што, и македонскиот мрт, трт и прт!
Не се штедат флоскули, аксиоми, параболи и метафори што во себе содржат епитети што ја глорифицираат мудроста на великиот водач на мнозинската заедница, сега повторно, привремено наречена „македонски народ на Република Северна Македонија“. Да, во тој слалом, велеслалом и четири скокалници се интерпретираат и одредени вокабуларни слабости што „вољеното друже“ ги прави како последица на неговата сепак, мора да признаеме со раката на градите, искрена, чесна и чедна егзалтација на патриотската вљубеност и оптегнатост на жицата на татковината, па со догматска самопосветеност, другарите на крајот ги извлекуваат вистинските карактерни особини на нивниот возвишен лидер, господинот Зоран Заев, сега докажано и осведочено наречен: визионер, посветеник, храбар, одлучен, себенежален, душогрижен, маг, политички плејмејкер, искрен патриот, посветен европеец, одан американист и секако, бидејќи персоналната големина на премиерот на Република Северна Македонија ги надминува Земјините општествени и политички гравитации, неговиот лик и дело се достојни и за футуристичка интергалактичка проекција, па на крајот го нарекоа и: џедајот, што го враќа ударот, а тие неговата империја! Ееееј, не ми се верува.
Цела недела го повикуваат да се „окане чоравог посла“ во врска со убедувањето на таа заслепена блудница, лажливка, мизерна и евтино продадена душа Европска Унија, па другарот Заев да се посвети на средување на домашните задачи и уредување на внатрешните односи и состојби што и онака биле поважни од меѓународните! Ауууууууу, ваков антиевропеизам немам чуено од времето на режимот на Груевски! Па ако еден ден Европа се вразумeла, ние, веќе подготвени, со решени проблеми да сме пристапиле кон тоа големо и на крајот веќе секому му е јасно „не до толку достојно за почитување“ глупаво европско семејство. А бе, не ми се верува? Е нели до вчера приказната беше: сѐ нека пропадне, сѐ нека се даде, сѐ нека се отстапи, само да се влезе во Европа, затоа што ние самите не можеме, не знаеме и не сакаме да направиме ништо. Нас бре, брате, треба некој да нѐ води! Тројца да не влечат, а двајца да нѐ туркаат! И еден камшикар да нѐ тепа ако недоволно добро и недоволно посветено го правиме тоа! Кај е сега камшикарот? Кој ќе ве камшикува и присилува да ги исполнувате толку важните европски вредности и стандарди?! Сега било поважно да се свртиме кон себеси и да погледнеме во сопствените слабости? Какви слабости имате вие? Не разбирам? Тоа што ништо не се прави во овие четири години е последица на заговорот на длабоката држава што ја контролира ВМРО-ДПМНЕ?! Нели така рече Заев? А другарите, дополнително утврдија и рекоа дека, и онака, Европа, била во период на себетранзиција. Таман биле тие десет години европска самопромена, ние, наместо за десетка со кромид, да се фатиме за подјадување на груевизмот и да замесиме нови ќебапчиња со вкус на „владеење на правото, демократијата и општата граѓанска слобода“! Па кој им ги пишува овие говори? Веќе навистина почнувам да се сомневам дека сите тие, до еден, сосе Заев и Шекеринска, работат за Груевски, кој од Будимпешта им ги подготвува нивните експозеа, изјави, брифинзи, телевизиски прилози и дебати, интервјуа и колумни по разни „слободни и либерални“ весници, портали, фејсбуци и твитери!
Ваква егзалтација на локалпатриотизам јас не сум слушнал и видел, богами од веќе историската 2014 година! Недостига уште моментот интелектуалната уберелита и невладината обоена герила на црвената буржоазија организирана во „новопленумска конзилија“ во соработка со „академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија“, ректоратот на „универзитетот на светите браќа бугарски просветители Кирил и Методиј“ и поглавникот на „црквата на северното православие“ да излезат со еден „општ национален меморандум“ за прогласување на Зоран Заев за „докажен народен мудрец, достоен национален лидер и пастир на вечните духовни вредности на македонизмот“. Секако, ова треба да биде иницијалниот момент што ќе поттикне преименувања на села (може да се почне со неговото родно Муртино, за почеток, на пример) градови, улици, училишта, институции, а зошто да не и на државата со името на историската фигура на нобелодобитникот на европски возљубени збратимувања и посеструвања.
Како е ова можно, драги мои? Па така! Просто е да се разбере, само треба да се ослободите „од стегите на југословенството, србоманството, сталинизмот, комунизмот и на груевизмот, сосема накрај“! Зоран Заев, тие луѓе околу него, и таа камарила на псевдоинтелектуалци, новинари, уметници и поддржувачи се само форма на примитивна егзалтација на примордијални лукративни вредности! Тоа е ординирана политичка збирштина што функционира како едноклеточен организам кај кого има целосно отсуство на личности. Тоа, само обично политикантско чевличе, таа недоучена интелектуална амеба и тој изгубен духовен мекотел се одраз на вас самите, да, на вас што ги гласате и поддржувате! Вие сте тие, да не се лажеме, чевличиња, амеби и мекотели! Попусто сега се пикате во пазуви од срам.
Попусто се криете под клупа. Нема како и нема каде да се мушнете, да се протнете во состојбата на нештата! Смешни сте ми. Најмногу од обидот да избегате од меморијата. Трагични сте ми. Најмногу во обидот да го замачкате, поправите, деформирате и разобликувате вашето дејствување денес, плашејќи се дека тоа – сега, веќе следниот момент е – вчера! Драги мои, не трудете се, ќе ве запамети историјата точно онака како што било, а не како што сакате да биде. Не гледате ли како денес Бугарите се прпелкаат во прашината на минатото што сакаат да го преобликуваат и преадаптираат? Слабо им оди, нели? Замислете па вам како ќе ви оди, слабаци едни!
(Авторот е режисер и универзитетски професор)