Војната го вади на површината најлошото, но и најдоброто од луѓето – гласи една позната изрека на американски ветеран од Втората светска војна. Она што го гледаме ја потврдува тезата, сега во контекст на коронавирусот. Поточно, ова е максима за сите ситуации обременети со страв и неизвесност, кои афектираат поголеми маси луѓе. За волја на вистината, засега преовладува лошото; од доброто видовме само (сѐ уште задржана) смисла за хумор на своја сметка и на сметка на владите, но многу помалку емпатија, солидарност или соработка. Изблиците на расизам и дискриминација не беа случајни, бидејќи веќе беа длабоко вкоренети, дури и во општества што се навидум фини и демократски. Таквите импулси, во мирновременски околности може да се латентни или пацифицирани/култивирани, но при првиот знак за аларм и чувство на закана избиваат со сета жестина. Односот кон луѓето со азиско потекло беше најилустративниот пример сите изминати месеци – додека не им дојде на порти и на неазијатите. Случајот од Скопје беше парадоксален по себе, затоа што доаѓаше од човек што ѝ припаѓа на група, која е редовно предмет на расна и етничка дискриминација, па тој најде некому да му се потсмева. „Прогресивците“ побрзаа да го осудат случајот, па и да го генерализираат како „коронавирус во умот на (сите) Македонци“. Истите тие уста не отвораат за сличните појави (и особено за исламофобијата) што масовно се случуваат токму во западните општества. И како што обично и бидува со зарази, кои не познаваат ни граници ни раси, не мина долго, а вирусот се „одомаќини“ и кај оние што се плашеа од „жолтата наезда“. Како што се зголемува бројот на заболени (и државите што се соочуваат со предизвикот), така постепено сите станавме (потенцијално) „жолти“.
Сериозни научници (меѓу кои најеминентен е Френсис Бојл, врвен американски професор по меѓународно право, и во делот на биолошкото војување) и меѓународни аналитичари со месеци укажуваа на геополитичката заднина зад вирусот и неговите ефекти. И овој вирус (како и оние од минатото) е создаден во лаборатории, од научници што работат за владите – без елементарно прифаќање на етичките норми за улогата на науката и за можноста од нејзина злоупотреба за империјални цели, и водена од битка за грантови и лични амбиции. Не станува збор за теории на заговор, затоа што како што НАТО не е извидничка младинска организација и не постои за садење цвеќе, така и воено-индустрискиот комплекс никогаш не престана да ги усовршува начините на војување. И во време на (студен) мир, лабораториите и центрите работат деноноќно на она што најдобро го знаат: смртта! Војната сега најчесто добива економски облик, но не се исклучени и другите мерки. И така, си играат господ („за секој случај, бидејќи, нели, другите се зли, а не ние“) и одлучуваат кој ќе преживее, а кој ќе биде тивко елиминиран. Иако бумеранг-ефектот не можат докрај да го пресметаат… Најголем геополитички губитник, во даденава ситуација, сѐ уште е Кина. Ако се точни тврдењата на Бојл дека вирусот е од САД (made in USA), а Кина го „шверцува“ (всушност, дури и прави донации во лабораторијата во Јужна Каролина) за да не биде беспомошна во случај на потреба. Како излегол од контрола во лабораторијата во Вухан е тешко да се знае, но претпоставката е дека станува збор за несреќен случај. Периодот во кој (само) Кина се бореше со сузбивањето на епидемијата и лекувањето на своите граѓани, западните мејнстрим-медиуми се обидуваа да ги екскулпираат своите влади, а да ја прикажат како неспособна кинеската (сега цел е и Иран, од геополитички причини, за што извонредно пишува Роберт Фиск). Впрочем, на неодамнешната минхенска конференција, Кина беше истакната како „најголема светска закана“ – што нема/ше никаква врска со вирусот, туку со „пандемијата“ на ширењето на нејзиното економско влијание (иницијативата Појас и пат). Првите трагични случаи, меѓутоа, покажуваат дека Кина е далеку поорганизирана (благодарение на ентрализираноста и директното влијание на државата, која менаџира огромна популација) и поспособна отколку, на пример, Италија и некои други земји на ЕУ. САД е можеби најслабата алка, затоа што нема никакви елементи на јавно здравство. Ова најдобро е опишано во еден твит: „Не знам што власта очекува од мене ако фатам вирус. Не можам да го платам тестот, а сигурно не можам да си дозволам тринеделно неплатено отсуство од работа ако се разболам.
Капитализмот изгради систем во кој дури и да сакаш не можеш да постапиш правилно.“ (Во меѓувреме, Трамп е во одрекување, Пенс изигрува „врач“, а Сандерс е „црвена закана“ затоа што се залага за општа здравствена заштита; САД се денес потенцијално најопасната „алка“ на коронавирусот – и заради инволвираноста во неговото создавање и поради неспособноста да понуди здравствена заштита за својата популација.) Ние божем имаме здравствен систем (со традиција), а колку властите уверуваат дека се подготвени, толку стравот расте. Како да реагираш кога првата мерка е набавка на сапуни за училиштата? Каков „прогрес“ во 21 век! Празнењето на рафтовите во продавниците е показател на индивидуалниот егоизам и подложност на нерационален страв, но уште повеќе на длабоката недоверба во институциите, кои се покажаа неспособни буквално во сите домени. Нам не ни треба коронавирус за да умреме, бидејќи тоа може да ни се случи и од најбанална работа кога имаме здравствен систем во колапс, без медицински кадар и услови достојни на човек. Затоа, пак, сме безбедни под „чадорот на НАТО“: со зголемен воен буџет и училишта во кои сапун се купува само во вонредни околности.
Некои го цитираат Мао: „Постои голем хаос под небото; условите се одлични!“. Тој, секако, имал на ум услови за нешто друго, но идејата на овој хаос беше профитот (иако лакомоста е веројатно да им се удри од глава ако се гледаат берзите и склоноста кон паника и неспособност државата да дејствува во општо добро). Но наскоро ќе се појави „чудесна“, но скапа вакцина; дотогаш трговците ќе тријат раце, а геостратезите ќе се радуваат што „противникот“ ослабел економски. Се зборува за глобална рецесија во услови на пандемија, но акцентот е на наводната вина на Кина (за сопствената неспособност не зборуваат, и фризираат факти). Важно, повторно е најден „жртвен јарец“, кој ја крие вистината за казино-капитализмот, кој во битката за профит е подготвен на сѐ, вклучувајќи и биолошко истребување (на конкуренцијата), а кој е инхерентно подложен на кризи и без пандемии. Она што досега капитализам успеа да го направи е и од катастрофите да прави пари, но и тоа има граници. Катастрофите се идеално време за хаосот под небото, време во кое може да се „протне“ буквално сѐ: од специјалци на улица, до ограничување на човековите права со претекст на нивна заштита. Боговите си играат војни (WARS – Wuhan Acute Respiratory Syndrome), а станува збор за војна против човештвото, без оглед од каде доаѓа и со каква оригинална замисла. Жижек очекува дека оваа лекција ќе го натера човештвото да размисли за предностите на социјализмот и меѓународната соработка, но не сум убедена дека неговиот оптимизам е основан.
Вирусот не е толку опасен, колку што е опасна психозата што ја предизвикува. Луѓе во паника лесно се контролираат. Она пред што мнозина се (намерно) слепи е дека и пред и по коронавирусот повеќе луѓе (ќе) умираат од неодржливиот екосистем, кој е доведен до тотална девастација поради алчноста на оние „1 отсто“. А тоа е систем и не е инцидент или инцидент во некоја лабораторија. Смртта е новото нормално, фетиш, а Ерос и Танатос се во постојан танц на работ на човечката егзистенција. Капитализмот внесе економска „логика“ во здравството (дали ни се исплатува да ги излекуваме луѓето – е нормално прашање во ненормален систем), човечкиот живот има своја вредност, а санкциите што се користат против одредени „режими“ погодуваат таму каде што е најтенко, во здравјето на луѓето (и особено децата, за кои и се заборава дека секоја секунда умира по едно дете и без вирус, онака од глад). Британските медиуми јавуваат дека во случај на поголем број заболени, здравствените власти можат да одлучат да не ги лекуваат тие со помали шанси, додека воените игри кон Техеран веќе добиваат апокалиптични форми бидејќи земјата е под режим на санкции од „демократиите“.
Но дури и соочени со ваквата апокалиптична визија, нема изговор за пропуштањето да се постапува етички и компетентно секаде каде што е тоа можно – од училницата до јавниот превоз. Од вирусот се создава паника, но мирно се толерираат личната и колективната неодговорност и јавашлакот (и кога нема епидемија). Згрозувачки се хистеричните повици за затворање на границите, ксенофобијата, вестите дека автобусите немале да превезуваат Кинези, Грци и Италијанци; а жални, бабините деветини, кои се нудат како лекови по социјални мрежи и подготвеноста да им се верува ним повеќе одошто на лекарите; логиката „јас да куртулам, а за другите не ми е гајле“ е мото на нашето време. Всушност, сето она што е меѓу нас станува повидливо и погрдо во време на паника. Не знам дали вакцината за коронавирусот ќе излезе наскоро, но дека сме вакцинирани од емпатија (па и од здрав разум) тоа е повеќе од евидентно.