Викендот се случија протестите против владините ковид-19 мерки и наместо разбирање и договор, ескалира негативната спирала на поделби и конфронтации меѓу „антиваксерите“ и „вакциналните фанатици“, се разбира потхранувано од Владата
На конференцијата за рамковниот договор, Хари Костов, поранешен премиер и министер, сегашен директор на една од најголемите банки, говореше за поларизацијата на македонската политика и рече дека нашите политичари не можат да се договорат ниту каде изгрева сонцето. Некако истовремено на 12.8.2021 г. во „Македонска ковид-трагедија, 4 чин“ пишував за потфрлањето на Владата и здравствените власти и во заштитните мерки и во имунизацијата (вакцинацијата); дека со новите владини ковид-19 мерки е фрлена коската на раздорот, се прави нова делба на „ваксери“, односно „вакцинални фанатици“ како што ги опиша Никола Пановски, професор микробиолог, и „антиваксери“, со цела жестина на расправата, со комплетен дефокус од одговорноста на Владата; и повикав наместо префрлање на вината, на отвореност, прифаќање на критиките и учење од грешките, низ секторска мобилизација, за да се намалат штетите од четвртиот бран.
Викендот се случија протестите против владините ковид-19 мерки и наместо разбирање и договор, ескалира негативната спирала на поделби и конфронтации меѓу „антиваксерите“ и „вакциналните фанатици“, се разбира потхранувано од Владата. Бидејќи сме во фаза на самоетикетирање и етикетирање, ја декларирам мојата етикета: Јас имам доверба во науката, имунизиран сум и немам доверба во владините ковид-19 мерки! Се заложувам за уверувања, наспроти верувања, за одлучување засновано на факти и аргументи, се сметам за рационален. Сметам дека имунизацијата е веројатно едно од најголемите постигнувања на медицината, кое битно придонело за здравјето и продолжувањето на просечниот животен век. Јавно ја имам искажувано мојата поддршка за имунизација и во други пригоди (за мали сипаници). Се пријавив за вакцинација во април и повторно во мај, па откако иако сум над 55 години не бев повикан на вакцинација, се одлучив за вакцинација по мој избор во јуни, во соседна Србија. Не сум „антиваксер“ и немам доверба во владините ковид-19 мерки. И многумина, веројатно големо мнозинство, кои учествува на протестите против владините кови-19 мерки не се „антиваксери“.
Зошто не се согласувам со владините мерки? Најмногу зашто се произволни и селективни! Зашто нема доверба во здравствените власти и во Владата. И низ целиот свет противењето на вакцинацијата не е антиваксерство, туку израз на недоверба во властите.
Потврдата за вакцинација, како услов за влез во објекти, е првиот проблем и во процес и во содржина. Многу земји воведоа „зелени сертификати“, но ги воведоа по повеќемесечни јавни, стручни и политички расправи и воспоставен систем. Како резултат на тие расправи од првобитната идеја за вакцинален пасош се стигна до зелениот сертификат, кој вклучува три основи: имунизација со вакцинација, имунизација со заразување и негативни тестови за ковид-19 – ПЦР или брзи. Најмалку сите што патувале во ЕУ или тие околу 50.000 вакцинирани во Србија, кои добија српски зелен сертификат, се запознаени со ова. Како беше кај нас? Цело лето сѐ е под контрола и кога работите излегуваат од контрола, се воведува потврда за вакцинација за една доза, не зелен сертификат, без јавна, стручна и политичка расправа, и сето тоа стапува во сила за една недела. Не само што нема расправа туку нема факти и аргументи да се образложи таква одлука. Како стручно ќе ја образложите одлуката за една доза вакцина? Никако, бидејќи тоа не е засновано на медицина, туку на поттик на заспаната вакцинација. И нормално големо незадоволство, особено кај тие имунизираните низ заразување, но и другите групи. И по изнудените промени повторно нонсенс, имунизација со заразување се признава ако е 45 дена? Тоа е летоска, кога имавме по неколку случаи дневно. И како е тоа стручно аргументирано, ако зелениот сертификат прифаќа до девет месеци од заразувањето. Ако јас не сум доволно уверлив на ова тема, прочитајте го Никола Пановски.
Се бараат потврди за влез во објекти, но не се бара за влез во земјата. И сега по револтот и откако помина сезоната се поставуваат барања од 1 септември, кога си замина дијаспората и завршува туристичка сезона, што би рекле по свадба тапани, кои не се во согласност со зелениот сертификат и нема многу да помогнат здравствено, но ќе направат големи пречки во бизнис-комуникацијата. Да, за контрола на влез во земјата, но не со неаргументирани критериуми. И да, невидената глупост за потврди за излез од земјата, еднаш ја кажаа и веќе не ја спомнаа.
За произволноста во забраните, само два примера. Доколку сте гостин во хотел, можете да вечерате во ресторанот во затворениот дел без никаква потврда! Браво за ХОТАМ, може да се учи за лобирање. А во сите други ресторани затворените делови не смеат да работат. И така имате 100 Полјаци во Охрид, кои без потврда може да вечераат во нивниот хотел, но не можат во кој било градски ресторан. Секако и доколку имате 17 години, може без никаква потврда да влезете во некоја од летните дискотеки, да играте, да правите што сакате, како делта-сојот да не ги заразува младите, па со голема шанса да се заразите како малолетниците на „Охрид колинг“ и да ја однесете заразата дома, во училиште со физичка настава, или во ресторан каде што сите полнолетни гости се вакцинирани.
Збор два за редарските служби, кои од вчера за денес ќе мора да ги воспостават сите угостители со повеќе од 30 гости. Ај што е од вчера за денес, ај дека кога прометот како резултат на мерките драстично паѓа и прашање е на задржување на постојниот персонал, а треба да се вработуваат редари, туку тие се бесмислени. Бесмислени се бидејќи се засновани на одговорноста на гостите, кои можат да покажат туѓа или фалсификувана потврда, која редарите немаат како да ја проверат. Да, за тоа треба кјуар-читачи и систем, кои ние ги немаме. А ако на Владата ѝ текне такво нешто да побара, прво да воспостави редарска служба на вакциналните пунктови, па потоа тоа да го бара од другите. Еве, не мора и редари, доволно да ги вратат волонтерите од Црвен крст да издаваат бројчиња за чекање.
Не остана простор за коментирање на протестите, се надевам во следна пригода, но пострашно од тоа што агендата на протестите се обидоа да ја киднапираат малцинство антиваксери, иако и тие имаат право и слобода на протести, е тоа што стигнавме повторно до заокружување со црвени кругови на учесници на протестите, нивно етикетирање и прозивање во медиумите. За пет-шест години, нови црвени кругови!
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Вакцини #Ковид19
Авторот е аналитичар