Чарли Чаплин во биографијата зборува за неговото дружење со Игор Стравински. И раскажувајќи за многу други работи, големиот Шарло не заборава да напише дека тој и Стравински (замислете каква комбинација!) имале идеја заедно да снимат филм! Чарлс ја опишува фабулата на тоа залудно измечтаено генијално сценарио: „Во аристократски супербогат ресторан во кој се јаде најегзотичната и најретката храна на светот, послужена во златни садови со сребрен прибор и каде што се креваат здравици со вино од млеко на млади жени доилки, влетува Пијаница токму во моментот кога на сцената на клубот актери го играат ’Распетието на Христос‘. И тој, Пијаницата, несвесен за тоа каде е, и дека тоа е само обичен вариететен театар, крикнува на цел глас, во плач, со зборовите: ’Го распнаа! Го распнаа‘! Веднаш доаѓа обезбедувањето на ресторанот и го изнесуваат Пијаницата надвор.
Во апсолутно непроменета атмосфера избраните гости си продолжуваат со јадењето како да не се случило ништо!“ Да не се лажеме, и Чаплин и Стравински биле агностици и не верувале во никакви Христоси и нему подобни голготи и распетија. Но и покрај тоа Чаплин во треперење и страв се прашува, што ако навистина во тој момент, во тој ресторан се случувало распетието на Исус Јосифов, а освен еден Пијаница, тој настан никој друг не го видел и не го памети? Многу години се носев со идеја да го снимам тој краток филм според сценариото на Чаплин и Стравински. Веќе не. Бесмислено е! Јас тој филм го живеам. Секој ден го играм карактерот на Пијаницата што го гледа распетието на синот божји и вреска некој да направи нешто во врска со тоа! Викам на цел глас некој да ги застане тие ковачи на чивии во телото Исусово – а околу мене молк! Сите си јадат од одбраната храна и уживаат во убавината на моментот! Драги мои, не е проблем ако не знаете за нечиј друг залуден труд на некој исто како вас залуден живот, на некој исто како вас залуден човек, па и вие вложувате залуден труд, во еден залуден живот на еден залуден човек. Проблем е ако го знаете сето тоа, а продолжувате да го правите! Тоа е, мора да се признае, веќе сериозен проблем! Но исто таков проблем имал и Вилјам Шекспир, да токму тој, Вилјам, месарот од Стратфорд, па не му било доволно да напише десетина драми, петнаесетина комедии и уште толку трагедии, па напишал и цела една пиеса во која ги закатанчува своите надежи во прашањето за полезноста од пишувањето! Да ги оставиме настрана приказните и анегдотите од кои може сосема јасно и сосема недвосмислено да се разбере дека големиот театарџија бил начисто дека секој обид да напише нешто, да го одигра во театар и од тоа некој да се поучи за што било корисно за живот во Англија тогаш – е залудно и бесмислено, па напишал и цела пиеса со наслов „Залуден љубовен труд“!
И како што тоа било случај отсекогаш, токму за оваа негово дело постои шпекулација дека не е Шекспирово туку обична чкртаница на некој петпаречки и неважен печатар и книжар! Оти можно ли е да знаете дека со тоа што го правите нема да промените ништо, а вие да продолжувате да го правите? Нормалните луѓе, драги мои, на ова гледаат нормално и нормално носат – нормална одлука: не! Не е нормално да правите нешто бесполезно и залудно! Е да, ама сето она што во едно време ќе се смета за залудно и бесполезно, можно е во иднината да биде единственото нешто што ќе се памети и од кое генерации и генерации ќе се напојуваат од таа полезност и залудност што ќе поместува полиња, ридови и мориња! „Гласот на славата кој за живот секој се зграпчува, на гнасните плочи напишани на нашите живи гробови, o биди кај нас во бездужноста на смртта, немилостиво милостива…“ Ова се реплики на карактерот на Кралот од пиесата на Шекспир „Залуден љубовен труд“ во која за утеха на сите оние што бесполезноста ги маѓепсала до толку што станала нивна полезна духовна работа, на крајот води до залудна надеж дека: „Еден ден, ова придворие ќе се нарече Академија наша, каде што полезноста на живеењето во мир и тишина ќе се кажува и учи!“ Во првото печатено издание на пиесата „Македонска крвава свадба“ Војдан Чернодрински пишува: „Шчо напишав јас? Ништо. Јас само го препишав од крвавата и сеуште ненапишана историја на Македонија она што читателот ќе го прочита а гледачот ќе го види во театарот“!
Многу бргу несудениот швајцарски правник, инаку селско дете од дебарското село Селце (какво совпаѓање, а?!) Поп Ѓорѓиев, кој не се подучил ништо од бесполезноста од трудот на неговите претходници Јордан Хаџи Константинов и Марко Цепенков се судрил со сознанието за сопствениот залуден труд, исто онака како и англискиот колега Вилјам безмалку четири века пред него, па ја напишал малата пиеса „Македонска емиграција“ во која драматургот Чернодрински крикнува: „Еј слободо, слободо! Така ли ќе те добиеме? Ќе поведеме борба со непријателот? Со кого? Со измамници, со лажни патриоти! Со тие што повеќе го сакаат раздорот отколку обединувањето… Но ништо… Не смееме да потклекнуваме!! Мракот е густ! Треба да се распрсне!… Таму… Во тоа се состои прогресот! Неупатени многу… Тие не се подлеци. Но стануваат орудие на подлеците! На готованите што личат на трутови.. Тие се бесполезни. Смрт за нив! Тие, тие се изворот на секое зло.. Обединување, вика секој, а раздор и несогласување постои! Срамота! Напред во татковината… Таму ѝ е местото на секоја интелигентна сила“! А-ха, да, драги мои! Не е ова фејсбук-статус на „патриот“ од Мелбурн, Чикаго или Цирих во кој се повикува на борба во татковината! Тоа е фрагмент од пиесата на основоположникот на современата македонска драма и театар, напишана меѓу двете светски војни во Бугарија! Што мислите, дека ова ви се случува само вам и вие сега сте исправени пред непреодна река во која ако влезете со намера да преминете од другата страна ќе бидете однесени од нејзината сила како да сте тенко гранче жална врба откинато од концептот „Вера, Љубов и Надеж“ во бујниот Вардар, кој ќе ве однесе до Тесалоника или можеби дури до Александрија на југ, туркан од струите на Егејско и Средно Море!
На крајот од монологот на карактерот Изворски во „Македонска емиграција“ има ремарка: (Завесата се крева)! За тие што не знаат, во драматургијата ремарките се напатствија што упатуваат на невербални дејствија на карактерите или на определена театарската технологија, сценски реквизити или специјални ефекти. „Завесата се крева“! Да, драги мои, како и во театарот, така и на сцената на животот, во општеството, во политиката, мора прво „да се крене завесата“. Инаку, вие бадијала можете „како актер беден“ ко што тврди Хамлет да го играте својот монолог, напишан совршено, изрежиран и актерски подгoтвен брилијантно, ако завесата на сцената е спуштена па нема кој да ве види! Жалам, но мора да бидеме искрени, ама брутално искрени! Во овој момент, токму сега, завршен е поредниот чин од претставата „Македонија сега“ и завесата е спуштена. Публиката е во фоајето и гледачите безгрижно си дрнкаат за тоа што го видоа до тој момент.
Секако, тука е и кликата што навива за досега одиграните четири чина пропагирајќи ги за врвни и круцијални за авторите и изведувачите. Но тука е и конкурентската трупа, која со потценување и иронија гледа на сѐ што до тој момент било покажано. Секако, овде е и оној неважен и полн со ентузијазам сосема мал круг вљубеници во претставата подготвен да ја подржи и покрај „малите“ слабости во текстот, режијата и актерските ролји! Драги мои, завесата ќе се крене! Ќе се одигра, петтиот и решавачки чин. Знаете што се случува во Чеховите „комедии“? Сте го слушнале сигурно она тривијално клише за пушката што стои на ѕидот од почетокот на првиот чин и која во последниот петти чин мора да пукне!? Искрено, јас не верувам во овие дијагнози на докторот Антошка. Да ме извини, ама нашата болест не се лекува со зборови! Нема лек за гнојна рана на дел од тело! Мојот театар, Бачушка е супер реалистичен. Кај мене Тенеси Вилјамс знае како се решаваат тие драмски ситуации. Мене таа руска меланхолија ми е сосема, сосема бесполезна и залудна! Јас верувам во функционалните алатки на американската современа драматургија. Онака како што тоа го прави мојот Сем Шепард во „Луди за љубов“.
Нема тука „пажалостаја“ и „спасиба“. Ја земаш скратената двоцевка, ја полниш со олово за лов на диви свињи и во прологот, уште во првиот чин ги решаваш сите неразрешливи драмски ситуации! Драги мои, „завесата ќе се крене“ и без разлика на сето она што ќе се случи на сцената во тој, во оваа сезона петти и последен чин, не заборавајте дека секогаш кога ќе дојдете до часот во денот во кој ќе се прашате дали правите нешто бесполезно и залудно – токму тогаш да се сетите на следните факти: во времето на Чарли Чаплин и Игор Стравински светот бил во лудило поголемо од ова денес. Една мала, сосема мала, но гласна и неподнослива група на и тогаш самонаречени „бранители на вистинските вредности“ Чарли Чаплин го прогласиле за комунист и непријател на американскиот „веј од лајф“ и го протерале од Америка во Швајцарија, а Стравински го обвиниле за декаденција! Можете ли сега во овој момент да се сетите барем на уште две имиња на времето од немата филмска комедија и слепстикот? А на друг композитор од времето помеѓу двете светски војни и потоа? Ама искрено? Бастер Китон, можеби, и тоа е сѐ! Композитор, послабо. А Чарли, големиот Шарло, него го препознавате во сите облици: како актер, како човек, како силуета, па дури и како предмети во облик на шапка, бастун и чевли. Не прашувајте дали е залудно тоа што го правите? Чаплин се прашал наместо вас! Од златното време на англискиот средновековен театар во добата позната како елизабетанска по прочуената црвенокоса кралица колку други писатели познавате? Учените од областа на филологијата ќе се сетат на Бен Џонсон и Христифор Марлоу, можеби? А Шекспир, Вилјам Шекспир? Сите знаеме кој е човекот чие лице јасно го определуваме како Шекспирово. Него го знаат дури и тие што никогаш не отишле, а и никогаш во животот нема да отидат во театар. Дури и во „жална Македонија“ денес, каде што замислете, левичарската власт знаењето го отфрли како непотребен товар што тежи на грбот на нивниот новосоздаден северномакедонски модерен европски човек, огромен број граѓани знаат кој е Вилјам Шекспир! И сосема на крајот, драги мои.
Знаете ли дека помеѓу 1880 и 1900 кога е создавана и изведена најпознатата македонска драма напишана за театар на сите времиња „Македонска крвава свадба“ од Војдан Поп Ѓорѓиев Чернодрински, од Македонија во границите на тогашното кнежевство Бугарија емигрирале околу два милиона Mакедонци од сите краеви на таа од Господ а и од Алах заборавена отоманска провинција. До почетокот на Првата светска војна, во Бугарија и другите делови на Македонија се иселиле повеќе од деведесет проценти од македонското население од целиот дебарски округ. Освен Војдан Чернодрински колку дебарчани од тој период препознавате или се сеќавате на нив денес? Искрено. Ниту еден освен синот на селскиот поп Георги! Драги мои, не прашувајте се дали треба да гo правите тоа што сакате да го правите?! Без обѕир дали се работи за рационализирано и пресметано поведение или за инстинкт што најпросто може да се објасни со зборовите: ми доаѓа однатре!
Бесполезно и залудно ли е да се прави нешто добро за својот народ? Да, во моментот кога се прави. Ако го правите тоа за да ви креваат паметници на живо, тогаш, драги мои, немојте да правите ништо. Бесполезно е да се прави нешто бесполезно ако од тоа очекувате некаква полза! Непотребно е да правите нешто непотребно ако немате потреба од непотребноста да направите нешто потребно. Во секој случај, денес не правете ништо што не сте подготвени да го правите утре, дури и кога ќе знаете дека за вас не постои денес, а утре уште помалку!
Авторот е режисер и универзитетски професор