Присилена да капитулира, Македонија прифати бришење на македонскиот народ, со што треба да се затвори „македонското прашање“; според истото сценарио, Албанците во земјава отворено го игнорираат Уставот, го разбиваат унитарниот карактер на државата, бркаат федерализација што значи трета албанска држава…; длабока политичка криза ја тресе Албанија; Тирана најави бришење на границата меѓу Албанија и Косово, која и без тоа е формална; Косово започна трговска војна со Србија; преговорите меѓу Белград и Приштина се прекинати; низ Србија се одржуваат масовни протести против власта; односите меѓу Србија и Хрватска речиси никогаш не биле полоши; масовни демонстрации има и во Црна Гора, а Албанците таму јавно изразуваат големоалбански аспирации додека со независноста на Косово тој проект е веќе со над 70 проценти реализиран; БиХ воопшто не функционира, сега не може да формира и влада; Хрватите во БиХ сакаат своја држава; поранешен британски дипломат (дали случајно сега?) излезе со теза дека Република Српска треба да се одвои од Босна и Херцеговина; Бугарија, Србија и Хрватска купуваат (нај)модерни воени авиони…
Премногу индикатори и факти што не можат да бидат ниту случајни ниту без врска едни со други. Надворешните сили, кои секогаш го структурирале Балканот, незамисливо е сега да се надвор од сите овие настани. Напротив, сосема е извесно дека и овој пат го водат орото. Ако е така, се наметнува прашањето која е нивната крајна цел. Што сакаат да постигнат? Каде водат сите овие симптоми? Одговори нема. Ни останува да пливаме во претпоставки и неблагодарни прогнози.
За да ги разбереме овие состојби, меѓутоа, прво треба да погледнеме што се случува на поширок план.
Последниве години меѓународната ситуација забрзано се заострува. Односите меѓу Русија и САД веќе подолго време се влошуваат. До отворена конфронтација дојде по државниот удар на ЦИА во Киев, кога беше сменет легално избраниот претседател. Целта беше Украина да се одвои од влијанието на Москва, а Русија да се занимава со своето соседство, без да биде конкурент на меѓународен план. Претходно, на Киев му беше испорачан ултиматум: или со Русија, или со Запад (НАТО, ЕУ). Со двете – не може. Зошто мораше така, знаат и другите а не само западните планери, кои отворија трајно кризно жариште. Украина одамна е длабоко поделена земја – западниот дел гледа кон Европа, а источниот кон Русија. Ете ти несовладлив проблем. Денес Украина е уништена држава, територијално поделена, го загуби Крим, а веројатно ќе се отцепат и други територии, бидејќи војната ќе трае. Следуваше трговската војна на САД со Кина.
Ако овие два случаи (Украина и Кина) и имаат некаква логика, односот на САД кон ЕУ изгледа како аматерска неумност. Ако се судира со Москва и Пекинг, Вашингтон мора да прави сѐ Брисел да биде на негова страна, како сојузник а не безбедносно зависен слуга. Чудно е што Унијата прифаќа таква позиција и, на своја огромна штета, некритички се конфронтира со Русија, поради американски интереси и тамошни антируски синдроми.
САД излегоа од постигнатиот договор и започнаа нов судир со Иран; се повлекоа од Парискиот договор за климатските промени; го откажуваат нуклеарниот договор со Русија; изнудија промени во договорот за слободна трговија со Канада и Мексико (НАФТА); се повлекоа од договорот за Транс-пацифичко партнерство (ТПП), во кое останаа 11 земји, кои направија нов договор…
Очигледно е дека САД одат на глобална конфронтација. Целта може да биде само зајакнување на својата светска доминација. На бескомпромисен начин, Трамп ги подобрува условите за САД во сите веќе направени зделки, што секако остава сериозни последици кај партнерите. Во однос на Москва, оваа американска стратегија не успеа: преку Сирија, таа на голема врата се врати на меѓународната сцена и повторно стана светски воен фактор. Студената војна е повторно реалност а последиците се несогледливи. И покај сите овие напори, униполарноста сѐ повеќе ќе се релативизира, бидејќи, покрај Русија, тука е и Кина, која, покрај економското чудо што го создаде, станува сѐ посилна и на воен план.
ЕУ е во хаос. Соочена е со брегзит, кој, како и да заврши, нема да им донесе ништо добро; претстојат длабоки реформи, кои ќе бидат тешки и долго ќе траат; во мај (2019) се изборите за Европскиот парламент, кои најверојатно сериозно ќе ја зајакнат улогата на екстремната популистичка десница… Во меѓувреме, жолтите елеци ја тресат Франција; масовни протести имаше во Унгарија; Италија се дистанцира од Брисел… Ништо не е случајно. Макрон е за силна ЕУ, а тоа не е по волја на вујко Сем. Дали поради тоа пожолти Париз? Орбан е трн во окото на Брисел, а сега знаеме дека не го прифатил диктатот на САД да се скара со Русија и Кина и да ја поддржи Украина…
На Балканот се враќаме со дилемата – што е следно во планот за овој дел од светот? Што содржи партитурата на диригентот? Состојбите опишани на почетокот целосно се комплементарни со светските заострувања. Балканот е дел од големата слика. Единствено не се јасни редоследот и динамиката на собитијата што неизбежно ќе следуваат. Дали овде ќе биде предиграта, како во случајот со Македонија, и регионот ќе биде под целосна контрола пред да започнат главните судири на глобален план или сѐ ќе оди паралелно? Војна на Балканот нема да се дозволи и тоа е најважно за нас. Причината е проста: ако има, еве ти ја Русија назад во регионот, а САД најмалку го сакаат тоа. Ако е така, тогаш може да се тврди дека планот е прво тука сѐ да се среди, за да не се нудат опасни шанси за време на глобалните судири.
Брзото силување на Македонија води токму во таков заклучок. Следна веројатно ќе биде Србија. Демонстрациите таму и царините од Косово се потврда дека се подготвува нов притисок за Белград брзо да ја проголта независноста на Косово. Вучиќ треба да биде дотеран до ѕид. И тој ќе добие текст од Вашингтон за Косово, кој ќе мора да го потпише, како и ние за договорите со Бугарија и Грција. Тоа би требало набргу да следува. Тоа јавно го најави потпретседател на косовската влада и праша: Може ли некој да им се спротивстави на САД? Одговорот е јасен и кажува сѐ и за нивото на демократијата во светот, и за човековите права, и за владеењето на правото, и за принципите и процедурите во политиката… Во име на спомнатите неоспорни вредности, никој не смее да им се спротивстави на САД!
Путин беше во Белград и демонстрираше силна поддршка за Србија, ама САД не есапат никого. Тие не губат време и своите интереси ги наметнуваат без да трепнат. Македонија е најдобар пример за тоа – од нелегалниот прием во ООН, до Преспа, преку Привремената спогодба, ОРД, Пржино… И на другите во регионот не им фали слично искуство: има разни договори – Дејтонски, Кумановски… Сите тие се американски документи. Од распадот на Југославија, Вашингтон по своја мера го средува регионот. Нивни беа и војните за Косово од 1999-та и кај нас во 2001-та.
Или Вучиќ ќе ја голтне кнедлата што му ја готват или ќе го (с)рушат. Стампедото тргна и нема да застане. Масовните демонстрации се нивната „шарена револуција“. Тој е прв за отстрел. Соработката со Русија и пријателството со Путин ќе му бидат хендикеп не плус, иако се тоа апсолутно позитивни потези на независна и балансирана политика. Москва нема маневарски простор да му помогне.
Босна останува голема енигма. Откако ќе се средат Србија и Косово, таа секако ќе дојде на дневен ред.
Насекаде каша попара. Ако на тоа се додаде огромната презадолженост во целиот свет, иднината е уште понеизвесна. Нова економска или финансиска криза не се очекува набргу, ама таа е неизбежна. Прашање е само кога ќе експлодира и каде и како, не дали. Што нѐ чека во следните години во регионот, во Европа и во светот, невозможно е да се прогнозира. Клучно за Македонија е што подинамично да се реформира, во интерес на сите нејзини граѓани, ама тоа изгледа речиси невозможна мисија со оглед на состојбите во земјата. Не треба да се заборава дека до членство во ЕУ, ако се случи тоа, ќе поминат околу 15 години.
Клучно во моментов е да успеат претседателските избори и да победи кандидатот на опозицијата. Само така може да започне исклучително тешкиот процес на враќање на насилно одземениот македонизам. На тоа што сѐ уште може да се спаси. Ништо не е завршено ако не е правично решено, рекол Линколн. Тука треба да ја гледаме нашата шанса. Проблемот останува отворен и има доста простор за освојување од наша страна. Сегашната власт капитулира пред странците, го разнебити македонскиот народ и ја избриша македонската држава. Ако народот на неоспорен начин ѝ даде поддршка на претседателските избори, значи го прифаќа нејзиното историско предавство и приказната ќе биде завршена. По евентуалната победа на овие избори, опозицијата ќе мора да инсистира и на парламентарни, ако треба и да ги изнуди, за да се овозможи максимално спроведување на сите можни демократски модалитети за ревизија или откажување на договорите со Бугарија и Грција и промена на Законот за јазиците.