На листата се наоѓаат лица што ја загрозиле безбедноста, а не лица што говореле или биле „мрчатори“, бидејќи САД никогаш не би ја загрозиле слободата на говорот. На листата тешко се влегува и уште потешко се излегува
Медиумите и јавноста во Македонија со денови се преокупирани со нова наредба на Бајден, претседателот на САД, и коментари „се знае кој ќе биде на црната листа“ и „ќе останеме без политичари“ или дури „ќе останеме без опозиција“. Политичките партии, посебно СДСМ, се обидоа комплетно да ја спинуваат веста во своја корист, а во спинување се најдоа и некои универзитетски професори и аналитичари. Од шумот на спинувањето остана малку простор за информирање на јавноста што е целта на оваа наредба. За тоа треба да се расчистат спиновите за „нова“ наредба, „се знае кој ќе биде на црната листа“ и „ќе останеме без политичари“.
Од првиот момент СДСМ спинуваше дека има „нова“ наредба на Бајден, за противниците на Преспанскиот договор, скоро како Бајден специјално да ја носи оваа наредба во овој момент. А станува збор за наредба стара 20 години, односно првпат донесена во 2001 година и дополнета на двапати, 2003 година и сега. Во 2001 година со избувнувањето на насилството во Македонија, како и регионалниот развој, Џорџ Буш, тогашниот претседател, на 26 јуни 2001 година ја носи наредбата со која се забранува влез во САД и се замрзнуваат имотите на сметките или популарно наречени „црни листи“. За споредба, такви црни листи има за Русија, Белорусија, Сирија и други, листите ги води трезорот на САД (Министерството за финансии) и се јавно објавени на интернет. Балканските црни листи Буш ги прави за лица што ги загрозуваат националниот интерес и безбедноста на САД со поттикнување на насилство во Македонија, како и лицата што го нарушуваат Дејтонскиот мир за БиХ и резолуцијата за Косово. Наредбата во 2003 година е дополнета со лица што го нарушуваат Охридскиот рамковен договор, а со сегашното дополнување опсегот е проширен со Преспанскиот договор и корупција.
Кој се најде на листата? На листата се наоѓаат повеќе од 300 лица и фирми од Западен Балкан, од кои најпознати се членови на семејството на Милошевиќ. Од Македонија не можев да лоцирам кои лица се најдоа на листата во 2001 година, бидејќи имаше вести дека Али Ахмети е на листата, но во подоцнежните години на листата останаа 11 лица од земјава, и тоа Мендух Тачи, лидерот на ДПА, Љубе Бошковски, тогашен министер за внатрешни работи, Џеват Адеми, повеќе пати пратеник на ДУИ, Гафур Адили, Нури Беџети, Невзат Халили, првиот претседател на ПДП, Џеват Хасани, Кастриот Хаџиреџа, познат по настапот на МРТ на кој го натера тогашниот британски амбасадор Марк Дикинсон, Џемаил Хисени, Даут Реџепи и Џезаир Шакири. Повеќето лица беа поврзани со УЧК и со насилството во 2001 година. Профилот на лицата што се веќе на црната листа е важен за процена дали и кој би се нашол на проширените листи. Важно е дека по склучувањето на Охридскиот рамковен договор во 2003 година нема нови лица на листата од Македонија.
На листата се наоѓаат лица што ја загрозиле безбедноста, а не лица што говореле или биле „мрчатори“, бидејќи САД никогаш не би ја загрозиле слободата на говорот. На листата тешко се влегува и уште потешко се излегува. Оттука нема никаков страв дека „ќе останеме без политичари“ или дури „ќе останеме без опозиција“ бидејќи опозицијата е против Преспанскиот договор, сѐ додека тоа противењето е вербално и не е насилно.
Во прилог дека нема да останеме без политичари говори фактот дека добар дел од лицата на црната листа сѐ уште се активни политичари. И СДСМ и Зоран Заев добро го знаат тоа, бидејќи повеќето се коалициски партнери на СДСМ, а не на ВМРО-ДПМНЕ. По последното продолжување на црните листи од страна на Доналд Трамп во 2017 година, имаше реакции во јавноста дека две лица од црните листи беа именувани за советници на премиерот Зоран Заев. Во 2018 година по именувањето на Џезаир Шакири за владин советник за ТВ 21 амбасадата на САД ќе изјави: „Ние ја изразивме нашата загриженост до Владата на РМ бидејќи сметаме дека назначувањата на одредени функционери претставува проблем“. Од друга страна, тоа не е ненадминлива пречка за работните односи меѓу амбасадата и Владата и на претставниците на амбасадата не им се забранува да имаат работа со лица што се на листата. Уште повеќе високи американски дипломати како Хојт Ли или Метју Палмер се среќаваат со лица од црната листа или истите тие се покануваат на приеми за 4 јули во Амбасадата на САД што се смета за нивна територија.
Доколку црната листа не мора да значи исклучување од политичкиот живот, која е целта на таа листа. Доколку се погледне листата на земји и лица станува збор за авторитарни земји или земји со хибриден режим, со ниско владеење на правото, каде што лицата може да избегнат одговорност за криминал, корупција или насилство. Пораката на САД е наменета за тие лица „неказнивите“, дека САД имаат вонсудска моќ да ги санкционираат. Црната листа е повеќе превентивен механизам и предупредување до моќниците дена не се неказниви. Оттука централна измена во наредбата е внесување на корупцијата и е во согласност со намерите на Бајден да се посвети на искоренување на корупцијата, која веќе е закана за безбедноста. Во изјавите на Амбасадата на САД по наредбата станува јасно дека основната порака е за високата корупција и дека таа нема да помине неказнето.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #ЦрниЛистиЗаКраткоПамтење