Воопшто не се наивни изјавите на министерот Димитров и на портпаролот Бошњаковски за различниот јазик на Македонците во Грција со овој нашиов. Звучи идиотски и безумно, да, но е дел од големиот евроамерикански план за укинување на македонскиот идентитет. Нели гледате дека тргнаа сè да избришат?
ЗАЕВ: Холокаустот не е само еврејска традиција.
ЈАС: Господе, што сме ти згрешиле толку?
ГОСПОД: Ќути, можеше и да им го честита денот на холокаустот.
Океј, Заев се извини. Направил лапсус. Луѓето прават лапсуси. Сè ќе беше во ред ако не стануваше збор токму за Зоран Заев. Затоа што тој, ама буквално секој ден прави лапсуси. Кај него сè е лапсус. Од политичките квантни скокови, преку камшикари, ајро и „хев а њу јиар“, до овој последниот. Ќе ми треба две колумни да ги набројам сите. Всушност, шокантно ќе биде кога ќе мине ден без негов лапсус. Ама па јас и немам намера да се занимавам со сите тие лапсуси. Освен со последниов. Како навистина гласеше реченицата на Заев?
Холокаустот не е само европ… еврејска традиција. Цитат затворен.
Три грешки во една реченица. Првата грешка е лапсусот, „традиција“, требало да биде „трагедија“. Сосема неважно. Втората грешка е покомплексна. Тука играат улога свеста и потсвеста. Свеста на Заев чита „еврејска“, ама напнатата и навлечена потсвест вреска „европска“. Свеста гледа „трагедија“, ама потсвеста се буни, вели „традиција“. Зошто е тоа така? Затоа што потсвеста знае нешто што свеста на Заев и да го разбере еден ден, сигурно ќе го одрекува. Вистинската реченица доколку би ја послушале неговата потсвест би гласела: „Холокаустот не е само европска традиција“. Иако ова е речиси вистина, тука е третата грешка. Затоа што и потсвеста на луѓето денес е контаминирана од лаги и манипулации. Кога би се исчистиле сите чипувани манипулации, последните атоми од Заевата душа би крикнале: „Холокаустот е европска традиција“. Ете ја вистината, чиста и неконтаминирана. Затоа што холокаустот навистина е европска традиција. Ќе објаснам.
Холокауст, геноцид, егзодус сите овие изрази имаат речиси исто значење на терен, прогон или истребување на цели групи, народи, раси, цивилизации. Или прогон до истребување, ако сакате. Е па, на Европа тоа ѝ е традиција. И тоа најмногу на западноевропската цивилизација. Иако, сè посилно сум убеден дека тоа никако не може да се нарекува цивилизација. Особено последните неколку века. А дека за Европејците истребувањето на други луѓе, народи и раси е традиција, ни потврдуваат историјата, книгите, сведоштвата, фактите на терен. Оваа гнасна и демонска традиција започнува со Рим и неговата империја. Ако ги споредите римските политичко-воени дејства со денешните американски воени кампањи ќе заклучите дека речиси нема разлика. Римската Империја ги прогласува Келтите за варвари и опасност по мирот и трга во воен поход против нив. Резултатот на тие походи е целосно уништување на келтската цивилизација и геноцид врз келтскиот народ. Но според пишаната оставина од тоа време, гледаме дека главната причина за ова уништување било присвојување на келтското злато. Демек тргаш да спречиш опасност и да шириш демократија, а всушност главна цел ти е нафтата. Патем истребуваш сè што ти е на пат.
И европското средновековие си ги има своите егзодуси и геноциди. Шпанската инквизиција ги истребуваше муслиманите. Потоа, откако заврши со нив, се префрли на жените. Со векови безумници палеа жени на клади. Потоа дојдоа Крстоносните војни. Злоупотребувајќи го најмирољубивото учење, Христовото учење, моќните европски безумници тргнаа во поход на Исток, демек да го штитат христијанството од исламот, а всушност сето тоа беше само заради грабеж. Патем, традиционално, истребија сè што им се попречи на пат. Потоа следуваа колонизациите.
Европејците ги открија Африка и двете Америки. Нешто подоцна и Австралија. Зарем е потребно да кажувам што направија таму? Африканците не ги истребија сосема. Ама затоа третирајќи ги како животни ги впрегнаа во неколкувековно ропство. Толку беа „цивилизирани“ што отворија зоолошки градини низ Европа и ги наполнија со Африканци. Нормално, оние што не сакаа да ја дадат својата земја и да станат робови, ги истребија. Затоа, пак, на американските континенти спроведоа вистински геноцид. Истребија сè што можеше да се истреби. Во Австралија ги испратија своите затвореници и полека ги истребија Абориџините. Ќе речете, па добро, тоа беше одамна, други времиња, но еве го дваесеттиот век. Индустријализација и модернизација, така? Секако, модернизација на геноцидот. По Октомвриската револуција Ленин, а потоа и Сталин, истребија десетици милиони луѓе во Русија. А кои беа нивните финансиери и архитекти во уништувањето на Руското Царство? Секако, западните спонзори, германскиот двор, Ротшилд и американските милијардери. Потоа дојде Адолф Хитлер, исто така создаден и спонзориран од евроамериканската елита.
Следуваше холокаустот врз Евреите. По нив, во плановите на нацистите, требаше да се истребат и Словените. Тоа баш не им успеа. Запреа ли тука? Не. Нацизмот беше делумно уништен, ама пак најквалитетните наци-умови беа удомени во американското општество. Велам делумно уништен, затоа што по Втората светска војна, среде Европа, во Грција и во Шпанија на власт уште беа фашисти. Е во таа Грција, со помош на Британија и САД беше завршен геноцидот и егзодусот врз Македонците. Завршен, затоа што неговиот почеток започна 1913 година, сесрдно поддржан од западноевропските сили. Секако дека тука не завршија. Втората половина на дваесеттиот век ја обележаа масакрите, геноцидите и теророт низ Јужна Америка и Блискиот Исток. Нормално, зад сето ова стоеше европскиот ген, овој пат промовиран преку американската и западноевропската политика. Африка сè уште ја истребуваат преку контролиран глад и фармацевтски експерименти. Веќе излегуваат докази, книги и сведоштва за директна вмешаност на европските и на американските сили во југословенската граѓанска војна.
Од Арапската пролет, преку Либија и Сирија, сè уште го спроведуваат егзодусот и геноцидот низ Блискиот Исток. И полека доаѓаме до она што последниве години го прават во Македонија. Тука спроведуваат еден нов вид софистициран геноцид, идентитетски холокауст. Бришење на цел еден народ од постоењето. Воопшто не се наивни изјавите на министерот Димитров и на портпаролот Бошњаковски за различниот јазик на Македонците во Грција со овој нашиов. Звучи идиотски и безумно, да, но е дел од големиот евроамерикански план за укинување на македонскиот идентитет. Нели гледате дека тргнаа сè да избришат? И минато, и сегашност, за во иднина никој повеќе да не се сеќава дека некогаш имало Македонци и македонизам. Ете зошто си поиграв со „лапсусот“ на нивниот пион и учесник во холокаустот врз Македонците. Затоа што холокаустот е најпознатата традиција на Европа, спроведувана низ вековите во различни форми.