Дури и да не ѝ се надомести на Македонија за бугарската окупацијата преку воена репарација, која е меѓународна обврска, останува моралната одговорност на бугарската држава. Бугарија како европска земја, како членка на слободарска Европа има морална обврска да му се извини на македонскиот народ за окупацијата во Втората светска војна. Само тогаш македонско-бугарската комисијата за историски прашања ќе може да продолжи со својата работа!
Како молња од небо се појави информацијата за нов договор со Бугарија за која претседателот Стево Пендаровски изјави дека би можело „да се потпише декларација за реафирмирање на вредностите врз кои почива Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, но вонпамет е да разговараме за нов договор или за уставни измени.“ Меѓутоа, со сета почит, претседателот Пендаровски греши. Македонија треба да побара нов договор, според кој Бугарија ќе се обврзе да ги почитува одлуките на Париската мировна конференција од 1947 година и на Бледскиот договор од 1947 година.
Според Париската мировна конференција, Бугарија како членка на Тројниот пакт и сојузник на нацистичка Германија и фашистичка Италија треба да ѝ плати на Југославија 25.000.000 долари воена репарација. Следствено, Бугарија може бесконечно шумно да разгласува дека не била окупатор, меѓутоа САД, Велика Британија, Франција и Советскиот Сојуз мислеле поинаку кога ја донеле одлуката. Исто така не треба да се заборави дека на Македонија како членка на поранешната југословенска федерација ѝ следува дел од ова финансиско обесштетување. Бледскиот договор беше потпишан помеѓу Јосип Броз Тито и Георги Димитров. Според овој договор, Бугарија се обврзала да им обезбеди услови на Македонците во Пиринска Македонија за слободен национален, економски и културен развој, а Југославија изјавила дека се откажува од воената отштета. Но Бугарија не ги исполни ниту двата договора, иако станува збор за нејзина меѓународна обврска.
Ако се земат предвид историските факти, бугарската држава бара од македонско-бугарската комисија за историски прашања да ја смени светската, а не македонската историја. Ние не можеме да одиме против светската историја. Доколку Бугарија и понатаму настојува да ја менуваме светската историја, ние немаме потреба да разговараме со Бугарија, затоа што ние само ја читаме светската историја, а таа вели дека Бугарија била фашистичка држава, окупатор во Втората светска војна, треба да исплати воена оштета и да го признае македонското малцинство. Ова треба да бидат принципите за понатамошни преговори со Бугарија. Дури и да не ѝ се надомести на Македонија за бугарската окупацијата преку воена репарација, која е меѓународна обврска, останува моралната одговорност на бугарската држава. Бугарија како европска земја, како членка на слободарска Европа има морална обврска да му се извини на македонскиот народ за окупацијата во Втората светска војна. Само тогаш македонско-бугарската комисијата за историски прашања ќе може да продолжи со својата работа!
Не треба да очекуваме дека многу брзо Бугарија ќе го промени своето однесување затоа што таа беше речиси стотина години тоталитарна држава. Тоталитарниот менталитет не може да се промени за три децении колку што Бугарија е „демократија“. Изразот демократија е намерно во наводници затоа што бугарското општество не покажува демократски дух. Затоа сме сведоци на поништувањето на регистрацијата на македонската партија во Бугарија ОМО Илинден – Пирин, откако во 1999 година на локалните избори освои пет градоначалнички места! Следствено се поставува прашањето кој гласал за ОМО Илинден – Пирин, некои духови или? Одговорот е очигледен – Македонците во Бугарија! Забраната на македонската партија од страна на бугарската држава не треба да нѐ зачудува, затоа што Бугарија по својата сушност е квазифашистичка, слично како Франкова Шпанија, која го гонеше и забрануваше искажувањето на баскиската национална свест.
Ниеден политичар или историчар не може да ги разбере ирационалните барањата на бугарската држава. Најверојатно и никогаш нема да ги разбере затоа што станува збор за психолошки проблем. По сѐ изгледа со бугарските државнички барања и ставови треба да се занимава психологијата, а не политиката и историјата. Доколку Сигмунд Фројд денес би бил жив, најверојатно ќе речеше дека станува збор за психолошки проблем што предизвикува негативно однесување. Во случајот со бугарската држава, психолошкиот проблем се вика Санстефанска Бугарија или Обединета Бугарија, комплекс што бугарската држава се обидува да го лекува преку нас Македонците.