За жал, токму партиите стануваат денес макроа и менаџери на незнаењето. И самото име (pars, partis = дел) им кажува дека нив ги интересира само делот, односно незнаењето. Партијата и знаењето не одат заедно, и затоа партиите ги бркаат оние што знаат, како непожелни, опасни и потенцијално субверзивни елементи
Диоген вели: Толку! Нема, не барам веќе. Треба да се поправа. Дај му на човек што не знае да вози – формула 1, и ќе се уништи. Дај му на човек што не знае – политичка моќ, и ќе ги уништи сите околу себе, а себеси ќе се зачува и негува. Убиствената комбинација од која сите ќе пострадаме е: незнаење + моќ. Ништо не се во споредба со оваа комбинација ни озонските дупки, ни цунамито, ни земјотресите. Оваа формула ја има смислено човекот, за да управува со човека.
Благодарејќи ѝ на оваа формула опстануваат државите, империите, партиите. Со тоа и се занимаваат, државите и партиите, посебно во последниве години: на луѓе што не знаат ништо, им делегираат политичка моќ. Дајте му на необразован филолог да биде во врвот на некоја политичка пирамида: интересно, прво ќе ги истреби филолозите што знаат. Политички ќе се пресмета со професијата. Тоа се правело и ќе се прави и со кодошењата и тајните служби: никогаш врвен професионалец во некоја професија не бил врвен кодош. Дајте му на неупотреблив лекар политичка моќ, и тој најпрвин ќе ги истреби употребливите лекари. Овој дефект кај човекот е всушност најчест: никаквите професионалци бога молат да дојде некоја револуција за „да им покажат“ на добрите во професијата.
Тоа е така, и не може да се спречи. Така било, така и ќе биде, сè додека постои политичката моќ. А таа ќе постои додека постојат парите и шизофренијата на либералниот капитализам. А парите ќе постојат додека не победи комунизмот. А комунизмот нема да победи никогаш. Е па, ти сега – види каква е ситуацијата.
И, ако не знаеме како да се спречи таа убиствена комбинација, погубна за цели професии, а понекогаш и за цели народи, знаеме ли барем која е нејзината логика и зошто доаѓа до неа?
За таа комбинација, за жал, повторно е виновно знаењето, како и за многу други нешта. Впрочем, знаењето е дежурен виновник за сите страдања од Адам и Ева наваму. Страдаме затоа што знаеме: колку повеќе знаеш, толку повеќе страдаш. На пример, оној што прочитал учебник по инфектологија знае, кутриот, дека постојат многу повеќе шанси да загинеш, секојдневно, и тоа во секој миг, од некој невидлив вирус или бактерија, одошто ако секој ден влегуваш гол и мокар во трансформатор со висок напон. Знаењето, покрај тоа што води во страдање, има и една друга погубна особина: милостиво е и има мека душа. Знаењето (она вистинското, не она што е присобрано од „ридери“, „шорткати-апстракти“ или „гуглање“) секогаш ќе му прости на незнаењето, и ќе го оправда; ќе го седне до себе и ќе проба да го научи. Така, впрочем, функционира секоја просвета. И секогаш, кога некој што знае, ќе биде милостив кон некој што не знае (па на пример, од сожалување ќе му пише „шестка“ на испит), си го копа сопствениот гроб: оној што не знае, а примил милостина од оној што знае, ќе се претвори во ѕвер кога ќе добие политичка моќ, и прво ќе затропа на вратата од оној од кој добил милостина, за да го ликвидира. Психијатрите тоа го викаат синдром „да се убие Спасителот“, а логичката матрица му ја наоѓаат уште во метафората на Спасителот и неговото убивање во Библијата.
И, ако знаењето секогаш му простува на незнаењето, незнаењето спротивно, никогаш не му простува на знаењето: незнаењето голта, крие, прикрива. Овој народ има добри искуства со тоа: да не ти даде господ овде да те бидува за нешто. Ќе те скријат, да не те види светот. Ќе те премолчат, да не те чуе светот. Ќе те голтне некоја локална темнина. Пукаат од завист кога нешто вреди и чини. Убиство и кражба ќе ти простат, ама талент и работливост – не. Премолчеа гении, премолчеа сјајни времиња, ќе премолчат и цела историја.
За жал, токму партиите стануваат денес макроа и менаџери на незнаењето. И самото име (pars, partis = дел) им кажува дека нив ги интересира само делот, односно незнаењето. Партијата и знаењето не одат заедно, и затоа партиите ги бркаат оние што знаат, како непожелни, опасни и потенцијално субверзивни елементи. Позната е анегдотата на еден наш политичар, кој на забелешката дека на изборните листи нема многу интелектуалци, наводно рекол: „Па не ми требаат, не одам на квиз, туку на избори“. И да не е вистина, вистински приказ на нештата е. Политиката не го мириса знаењето (иако на него се повикува на сите ѕвона), затоа што знаењето според својата природа се стреми да ја согледа целината; холизмот е негова точка на гледање. Незнаењето е парцијално: него го интересираат само делови. И, бидејќи знаењето го интересира „големата слика“, тоа по природа е мистично и скептично; незнаењето, пак, бидејќи работи со делови, е прагматично и практично. Питагорејците беа ран и ненадминат пример на холистички и мистичен пристап; занимавајќи се со броеви, тие не ги гледаа изделено само броевите, туку во нив ја бараа сликата на светот, на целината, и затоа броевите кај нив имаа мистични, а не само пресметковни значења. За разлика од нив, еден студент што со едно око студира економија, а со друго пикира место во некоја партија, ќе научи два економски закони и ќе рече на оној што го подучува: „У-ху, доста ми е толку за шестка“. Доста му е толку знаење и за да успее во животот: да стане министер во Владата. А потоа, функционира она: истреби го ближниот свој што знае, зашто ти си живо незнаење со жива моќ.
Јас таквите, што не знаат, сепак би ги седнувал во формула 1, наместо во министерски фотелји. Толку.