Човек третпат се раѓа кога ќе научи да ја цени тишината, да молчи, а тоа значи – и да слуша. Да го слуша Другиот што говори, а не со свој говор да го „препокрива“ туѓиот, надвикувајќи се
Голема и раширена заблуда е дека човекот се раѓа еднаш. Лингвистите и филозофите го знаат тоа: Петер Слотердајк тврдеше дека човек не се раѓа во гинеколошко-акушерската клиника, туку во јазикот. Човекот вистински е роден не откако ќе продише и проплаче, туку дури откако ќе проговори, односно кога ќе стане јазично суштество, анимал симболикум, некој што умее да дешифрира и да испраќа знаци. Проговорениот човек плива во јазикот како во фетална вода, како во мајчин утерус. Ако е плус поет, зборовите нема да ги чувствува како знаци, туку како дишење.
Но дали е само тоа? И дали е само толку? Речиси сите луѓе (со минимален процент објективна попреченост), порано или подоцна, стекнуваат способност за говор. Но дали тоа значи и дека сите треба да зборуваме? На простиот му паѓаат прости мисли на памет, и тие бараат прост говор; на острастениот му паѓаат острастени мисли на памет, и тие бараат острастен говор; на умниот му паѓаат умни мисли на памет, и тие бараат умен говор. Дали првите двајца треба да имаат еднаква можност да говорат колку и третиот? Го регулира ли тоа општеството, низ чии канали се слуша секаков тип дискурс: од острастен, преку вулгарен, шизоиден, измамнички, формален, тоталитарен, до дискурс на невротичари и психотичари?
Изгледа дека не го регулира. Секој има право да зборува и, што е уште полошо, од секое место за говорење, од собраниска говорница, преку министерска фотелја, до водителски пулт на ТВ. Да не говориме за социјалните мрежи, каде што има вистински бисери, ама има и општествена знаковна канализација. Така, се создава неподнослив џагор во општеството, што е идеална подлога за недоразбирања, а недоразбирањата редовно водат кон војни. Кога сите во толпа викаат, ти ќе кажеш нешто, ама на твојата реченица, според законот за контингетност, „ќе се накалеми“ реченицата на тој до тебе, па некој ќе помисли дека ти си го рекол тоа, а не тој. А за некои искази се оди, богами, и во затвор. Благодарам на такво раѓање, во толпа што вреска политички пароли, невротизира и параноизира. И не е некое раѓање тоа. Подобро е она во акушерската клиника. Таму барем сите еднакво плачат и уште не ја научиле умешноста за проституирање со зборовите, односно нивното сфаќање како монети што се разменуваат за банкноти, слава и углед во општеството. Зборовите се курви што им служат на курвите што се лактаат за да направат кариера во општеството, тврдеше Исидор Исо, таткото на летризмот, правец во поезијата што се обидуваше да го развласти зборот, да му го одземе значењето, и затоа создаваше сосема нови, непостојни зборови од гласовите.
Но не е потребно да се измислуваат сосема нови зборови за да се укине џагорот на веќе постојните. Најефикасен лек против џагорот е – молчењето. Тоа е ТРЕТОТО РАЃАЊЕ НА ЧОВЕКОТ: кога ќе научи да молчи. За жал, луѓето најпрвин учат да зборуваат, а дури потоа, и тоа само некои од нас, најпривилегираните – да молчат. Човек третпат се раѓа кога ќе научи да ја цени тишината, да молчи, а тоа значи – и да слуша. Да го слуша Другиот што говори, а не со свој говор да го „препокрива“ туѓиот, надвикувајќи се.
Дури и атеистите ќе се замислат над зборовите на свети Јован Лествичник по истово прашање, кој тврди дека многузборливоста е престол на суетата: „Многузборливоста е знак на незнаење, капија на озборувањето, раководител на навредливата шега, слуга на лагата, губење на смиреноста. Производ на многузборливоста е лагата“. А молчењето е „мајка на молитвата, ослободување од ропството, непријател на дрскоста, умножување на знаењето, неосетно напредување, скриено возвишување“.
Говор на омраза? Што е тоа, Европо и свету? Сега се сетивте, и тоа кај нас да го лоцирате и мерите? Пред 14 века Лествичник го напиша тоа – многузборливоста е „капија на озборувањето, раководител на навредливата шега“. Ама тој е од Сирија, Сирија е на исток, а исток за запад е интелектуален неглобализиран контејнер, иако и Исус (во кој еден дел од вас верува) е роден таму, а не во Лондон, Брисел или во Вашингтон (го парафразирам мудриот филозоф Ферид Мухиќ). Па, кога сите имаат право да зборуваат, нормално е дека и лудите и агресивните ќе зборуваат. Со што ќе го прекинете сега говорот на омразата, кога никој веќе не знае да молчи и одмолчи, кога се потегнува пиштол поради поглед што на потегнувачот на пиштолот не му се допаѓа? Пјер Бурдје во „Што значи да се говори“ покажа дека говорот (мора да) има институционална заснованост, за да се обезбеди општествен ред: попот е овластен да венчава, а не пилотот или учителот; учителот е овластен да пишува оценки, а не попот или пилотот; пилотот е овластен да пилотира и зборува со кулата, а не секој патник. Значи, молчете ако не сте институционално овластени да зборувате и „солите памет“. Инаку ќе зборувате за сè и сешто, ќе станете досаден за паметните и ќе почнат да ве избегнуваат како да сте луд, ама никој нема да ви го каже тоа. Молчете што повеќе. Кажете само кога навистина имате што да кажете.
Тешко дека денес има повеќе од еден на сто што е третпат роден. Да налеташ на таков – како да си добил на лото. А пак уште и ти да си таков и да се спријателиш со него – како да си добил на космички рулет. Жално, ама точно. Вежбајте молчење: брзо ќе сфатите дека всушност вежбате трпение. Само на злото не му молчете. На глупоста – не давајте ѝ ниту збор, оти ако проговорите, како слама во оган да фрлате. Толку.