Пред некое време во анализа писание во т.н. „ептен слободен печат“ на стандардната, вечна тема, кусок на демократија на трнливиот и неизвесен пат кон слободата во нашиот сокак, вниманието ми го привлече една екстравагантна цинична формулација – тортура на мнозинството. Хм!
И уште нешто… протестите, перформанс-немирите, во Македонија и уште во некои земји во Европа се одговор на недостиг од волја на политичките елити и експоненти да го прифатат компромисот како единствен функционален модел и резултат во т.н. репрезентативни, парламентарни демократии, чие време одминува. Хм! Што ли ќе да е пак сега ова??? Компромис како одговор на тортурата на мнозинството, тоа некако звучи, потсетува, се заокружува, наведува, кон видот – консензуална демократија, модел што се практикуваше и славеше како самоуправен социјализам, ли демократски централизам… дилеми, трилеми…
Монархија, аристократија или демократија, е темата и дилемата во извесната расправа на тројца персиски принцови, што никогаш не престанала да биде актуелна во историјата на политиката и правото, а ја раскажува таткото на историјата Херодот. Што и дали е подобро владеењето на еден, неколкумина или многумина. Не постои согласување ни денес, околу одговорот на прашањата за каков облик демократија станува збор, иако во поголем дел во земјите во светот, демократијата начелно е прифатена како најдобар облик на владеење, така е и во христијанската наука.
Во стварноста, имено никако на може да владеат сите, па дури ни многумина, туку владеат неколкумина / што е особено чувствително кога ќе се доведе во врска со сопственоста над средствата за производство или со управувањето со државната каса/. Поради тоа многу е важно да се дефинираат начелата / а тоа, пак, го прават неколкумина/ што ќе бидат прифатливи за сите или барем за повеќето, т.е. за мнозинството, а по кои ќе се донесуваат закони и тоа со т.н. демократска процедура – со строги правила на игра што ќе овозможат на крајот да се почитуваат, т.е. да се прифати мислењето на мнозинството.
Како и при старата поделба на индивидуализам и колективизам во различни историски облици, – либерализам и социјализам, се разделила и демократијата. Па, така, во политичката теорија се прокнижени и различните облици, како либерална демократија и социјалдемократија. Иако либерализмот и социјализмот како економски теории и политички идеологии радикално различно го сфаќаат човекот, а следствено и општеството и државата и односите што владеат во нив, при средбата со демократијата добиваат заеднички наслов и стануваат потенцијални сојузници и политиката изгледа како лажиран систем во кој членови на политичките класа се натпреваруваат за работни места, лични интереси, а не за победа на идеи, или во име на поголеми колективни цели.
А што се однесува на демократија, таа по етимолошката дефиниција е владеење на народот, а се темели на идејата дека сувереноста му припаѓа на народот што тој ја остварува директно – референдумски. Или посредно преку избрани претставници што своите мислења ги спротивставуваат и изоструваат во парламентот, каде што се носат клучните одлуки за заедницата.
Она што е денес ново, што некогаш беше исклучива одлика на земјите од Третиот Свет и посткомунистичките земји во развој, е недоверба во демократијата, процес што се шири и во развиениот со демократски традиции свет. Проблемот е како да се направи рамнотежа меѓу неотуѓивите права на единката со добро функционирање на општеството, односно државата. Како да се расчистат маглата, недоразбирањето, несфаќањето на суштината и карактерот на облиците на владеење, како да се надминат поделбите во демократијата.
Во таквата невротична „бомбастична“ и сѐ подраматична реалност е и нашето живеење, кое е преплавено со политички и етички контрадикции и по сѐ изгледа ќе треба време да се потисне инерцијата во голем дел наследена од претходниот систем, за одговорноста и правилниот пристап кон општиот интерес, за да се достигне нивото на институционална зрелост, која се темели врз постулатите на демократијата и свест за повисок степен на правен и државен развој. И за крај, неколку збора од фајлот мудри белешки и поенти на почитуваниот неуморен борец, – уметник револуционер Вацлав Хавел, што во извесна смисла се однесува и на нашето битисување… „кога се боревме за слобода, знаевме што ни е целта. Сега кога ја имаме слободата, не знаеме веќе што сакаме…“