Среќа што кај нас има врвни филозофи и аналитичари. Инаку ќе нè изедеше мракот на ракометната ерес. Да не беа тие немаше да се просветлиме со фактот дека ракометарите се платеници, националисти, говеда и пијандури. И расисти, и расисти, би додал јас. Ја понижија Барселона. А во Барса играат неколку црнци
Недела. Столтенберг во Скопје. Вардар европски шампион во Келн. Понеделник. Пречек на вардаровите херои во главниот град. Вторник. Празник Бајрам. Зошто започнувам вака? За да извлечам заклучок. Зашто нештата се поклопуваат. Под НАТО-влијание, заедно со нив, вршевме геноцид врз муслиманите низ Блискиот Исток. Под руско влијание, вторпат станавме европски прваци во ракомет. Тоа е таа руска непријателска пропаганда. Ни го одвлекуваат вниманието од златни бомбардирања. Наместо да уживаме во пискотниците на деца во погодена градинка со пријателски оган, ние како малоумни се палиме на некаква бесмислена игра меѓу два гола. Зашто ништо не разбираме. Не сме цивилизирани. Оние дечиња денес врескаат поради бомбите што им влетуваат во соништа, ама веќе утре, ако преживеат, ќе ги јадат плодовите на демократијата. А ние се палиме на некоиси таму мажи што се тепаат за една топка. На толкаво НАТО, ние се трескаме по некаква руска инвестиција.
И што сега ќе ни донесе ракометот? НАТО знаеме што ни донесе. Таму кај што е НАТО, таму се и НАСА, Илон Маск, „Гугл“, „Ферари“, Клингонците, Бред Пит за секоја активистка и Меган Фокс за секој хипстер. Каде НАТО сее, таму огромни плати, совршено образование и бесплатно здравство се раѓа. А ваму, што ќе ни даде ракометот? Европска титула. Веќе многу важно. Башка во Европа никој жив не слушнал за ракомет. Уште помалку за фајналфор. Ма и за Келн немаат чуено тоа Европејците.
Што е сосема нормално ако знаеме дека главна преокупација низ Европа е една наша позната новинарка. Знаејќи што таа има сторено за европскиот континент крајно е логично дека сета ЕУфорија е кон неа насочена. Веќе се шепоти дека Европскиот парламент ќе го носи нејзиното име. Џорџ Р. Р. Мартинс, веќе призна дека таа му била пример за создавање на ликот на Арја Старк. При таков новинарски и интелектуален капацитет глупо е Европејците да слушнале за ракомет. Пред две недели бев во Словенија. Им го споменувам Стаж Скубе, а тие бледо ме гледаат. Потоа нормално грабнаа да ме распрашуваат за новинаркава. Дали ја познавам, вистина ли е дека со едно прашање убила во поим седум националистички муви, дали не може да заспие на зрно грашок и слични восхитувачки прашања. Среќа што кај нас има врвни филозофи и аналитичари. Инаку ќе нè изедеше мракот на ракометната ерес. Да не беа тие немаше да се просветлиме со фактот дека ракометарите се платеници, националисти, говеда и пијандури. И расисти, и расисти, би додал јас. Ја понижија Барселона. А во Барса играат неколку црнци. Но, да се вратиме на нашиве просветители. Без кои немаше да ја видиме вистинската мрачна страна на ракометот.
Вардар е странска инвестиција. Во него играат странци. Тоа нема ништо заедничко со Македонија. Така крикна славниот колумнист. А тој е ѕвезда северница. Неговата трезвеност нè опијанува со просветлувачки восхит. Ај што е странска инвестиција, ама и руска. Што само по себе е непријателска пропаганда, нели? Друг муабет ќе имавме инвеститор да беше УСАИД, на пример. Или Џорџ Сорос. Да беа овие инвеститори, немаше за Вардар да играат некаквиси таму запотени Руси и Балканци. Пикерот ќе беше прогресивен активист за човекови права. Бековите ќе ширеа демократија. Крилата ќе летаа со силата на политичката коректност. Голманот ќе бранеше од национализам и патриотизам. Тимот немаше да води војна на терен, ќе чекаше датум за почеток на пристапни преговори за шампионска титула. И немаше да биде странска инвестиција, туку ќе земаа грантови за ширење демократија.
На оваа наша колумнистичка ѕвезда северница се надоврза една анонимна госпоѓа. Или госпоѓица. Анонимна, анонимна, ама каква мудрост ни сподели. Да му се одземе Вардар на лошиот чичко Русин и да му се врати на градот Скопје. Е не ќе се заебаваме. Оваа колосална мудрост веднаш се рашири низ светот. Затреперија шеиците сопственици на ПСЖ, Сити и Арсенал. Паника го фати лошиот чичко Русин со еврејско потекло, сопственик на Челси. Паднаа ничкум Американците, кои инвестираат во Ливерпул. Им преседна и титула, брифираат медиумите. Оваа блескава идеја веднаш била разгледана од градските татковци на Париз, Лондон, Манчестер и Ливерпул. Оти е логична. Не може бре Англичани и ливерпулци да се радуваат на европска титула ако се знае дека Ливерпул е американска инвестиција, а во него играат Египќани, Сенегалци, Бразилци, Холанѓани, Шкоти, Швајцарци и тек-тук понекој Англичанец. Тоа што Ливерпул е град од 500.000 жители, а на улиците прославувале 700.000 луѓе, не се горди Англичани, туку вработени во фирмите на оние газди Американци. Башка глупо е да се палиме на успесите на Вардар ако знаеме дека за него играат антицивилизациски елементи.
Ете, оној Стоилов е националист, затоа што инаетливо одбива да замине северно од разумот. Карачиќ и Чупиќ се хомофоби затоа што доаѓаат од Хрватска, а таму на референдум не се изгласаа геј-бракови. Дибиров, Шишкарјев и Калараш се Руси што значи дека се руски шпиони, агенти на ФСБ и учесници во припојувањето на Крим кон Русија. Стаж Скубе е Словенец, а таму победи националистот Јанша. Милосавјев е Србин што го прави антиеколошки елемент, затоа што Србите инаетливо одбиваат да признаат дека осиромашениот ураниум е добар за здравјето. Оној Криштопанс е премногу… премногу… висок бре и автоматски е против политичката коректност на посакуваната просечност. Башка сите заедно премногу често го користат забранетиот националистички термин Македонија што поттикнува минорни 100.000 поединци на плоштад да викаат: „Никогаш северна, само Македонија“. Па уште химна пеат.
Страшно! Знам, многумина силно ги вознемирија сите оние одвратни гадости упатени спрема ракометните колоси на Вардар. Не треба да ѝ се гневите на таа хистерична интелектуална бижутерија. Цинизмот е совршен лек за нив. Тие и немаат што друго да прават. Гадно ги фрустрира туѓиот успех. До беснило ги доведува туѓата радост. Запаѓаат во агонијата на омразата ако тој успех се претвори во национална гордост. Не можат поинаку. Зомбифицирани се. Кај нив раѓаат среќа туѓата несреќа, неуспех, пад. Тие имаат само една радост… злорадоста.