Зад димната завеса на т.н. лидерска средба и бурата околу референдумското прашање, незабележително мина информацијата за посетата на експерти од позната фирма за стратегиски комуникации (Stratagem International, www.stratagemint.com) од Северна Ирска. Некој со право ќе праша зошто токму оваа фирма заслужува внимание во колумна во ваков драматичен момент. Одговорот е: во протекторат и/или банана-република е поважно кој ги влече конците одошто што прават марионетите! Мастерите ги движат конците и одлучуваат, а другиве или глумат или се извршители – или се профитери. Да почнам со ред. Се собрале (повторно во кафеана) лица со сомнителен кредибилитет и голема инсуфициенција (што политичка, што интелектуална) за да одлучуваат за државни работи: едниот пелтечи или прави такви гафови што цело министерство на вистината не може да ги оправи, другиот е лидер на полупартија (му се подели на две, па веќе има биполарно нарушување), третиот само се смешка иако е на црната листа на САД, а четвртиот (најважниот, бидејќи го нарекуваат лидер на опозиција) ни самиот не знае дали има партија и/или пратеници во парламентот.
Средбите се најобичен селски пазар за ситни (партиски и лични) интереси, глумат ривалитет додека лесно се договараат за сите лукративни зделки и како сложни браќа што и в петок мрсат – мижат пред очигледното урнисување на уставниот поредок (тамам ќе помислите дека полошо од ова не може, а тие ќе ве демантираат: може, може!). Жална е Македонија кога спадна на тоа ВМРО-ДПМНЕ да ѝ е опозиција, ама дури ни тоа не е сигурно. Она што СДСМ го правеше и за помали работи, Мицковски не се осмелува да го преземе – т.е. да соопшти дека пратеничката група го напушта парламентот додека власта не се вразуми! По едногодишниот циркус што започна со „изборот“ на Џафери, опозицијата очигледно огуглала: таа и натаму се фемка и вика „Уаа!“, додека системски закон (Изборен законик) што се менува со двотретинско „елегантно“ се менува со обично мнозинство, во скратена постапка, со злоупотреба на европско знаменце итн. Партии што се согласуваат да ја играат играта без правила се соучесници и колаборационисти, а можеби и партнери во злосторничко здружение, но никако не се контролен механизам со кој се обезбедува тежа и противтежа, а најмалку владеење на правото.
Демократијата е процедура, политика во границите на правото, политичка волја што е под правото сѐ додека тоа не се смени во легална постапка. Сето ова одамна не постои во Македонија, жртвувано е на олтарот на преживување на политичките партии, оние што ја уништија земјата и кои и натаму ги глодаат голите коски. Централното прашање околу кое се договараат не е референдумот, НАТО или ЕУ – не, по тоа се сложни, затоа што како клиенти (и должници) на меѓународниот фактор ветиле дека ќе испорачаат. Битка се бие околу „колачот“ – нивното финансирање од државниот буџет, што значи инфузија и живот – за нив, не за граѓаните. Всушност, отсекогаш и станувало збор за нивните животи. Ако бившите печалеа со градење споменици и објекти во рамките на „Скопје 2014“ и се што одеше со тоа (вклучувајќи ја и градежната/урбаната мафија), денешниве си доделуваат државни пари за „иновации“ во вид на печатници. Во двата случаја станува збор за национален инженеринг на кој се печали: првите креираа античко минато, вториве ќе креираат/печатат документи и списи за новокомпонираниот северневропски идентитет.
Проблем е само народот, кој во огромно мнозинство одбива да биде статист во последниот чин на драмата.
На помош повторно стигнуваат странците, т.е. оние што и ги влечат потезите на шаховската табла. Така, фирмата „Стратегем“ (интересно име, нели?) оствари средби со повеќе членови на владините структури, бизнис-заедницата, цивилното општество, интелектуалци, новинари и други јавни личности (би рекле the usual suspects, бидејќи сите што имаат интегритет одбија да соработуваат), а со цел да ја скенира ситуацијата во пресрет на референдумот за да подготват YES-стратегија. Фирмата има искуство од земји како Косово, Палестина, Сирија, Ирак, Нигерија итн. Јасно ви е, нели? Се рекламираат како познавачи на „динамиката на конфликтите“, а репутацијата ја имаат стекнато со кампањата за прифаќање на договорот на Велипеток и уште неколку (повеќе или помалку) познати, како кампањите во Кипар 2004, Шкотска 2014, Турција 2017, Курдистан 2017. Мотото на „Стратегем“ гласи: „Помагање на клиентите да го разберат, да се ангажираат и да влијаат на конфликтите низ светот“. Лесно е да се претпостави кој е овде главниот клиент. (Патем, Амбасадата на САД веќе ја започна својата – доста наивна и површна – видеокампања за тоа колку ќе ни биде убаво кога ќе им се придружиме во НАТО). Интересно, па и парадоксално е што Македонија, која е наводно на чекор до НАТО и ЕУ, е предмет на обработка на фирма што работи со постконфликтни земји. Поважно е кој ја плаќа фирмата.
Ако станува збор за буџетски средства, тоа значи дека владата ангажира фирма за убедување и пропаганда и дека нема намера да обезбеди непристрасна атмосфера и демократски услови за граѓаните самостојно да одлучат. Со наш камен, по наша глава – уште и ќе ја платиме кампањата за наметнат национален инженеринг. Успешноста на еден демократски референдум не се мери во бројот на гласови (за, против или апстиненти), туку во легалноста на процедурата и слободата на одлучувањето. Тоа е механизам на непосредна демократија во кој граѓаните, одговарајќи позитивно или негативно, го изразуваат својот став, односно двете опции се еднакво легитимни и легални. Апстиненцијата е, исто така, загарантирана со закон. Агитирањето на власта е агитирање против дел од електоратот, при што другата опција би останала и без средства за влијание, а буџетските средства би се злоупотребиле само за владината опција, која дури и не ужива политички консензус. Некои мислат дека е тоа сосема во ред: влада што има легитимитет и легалитет предлага решенија и заговара во нивна полза. Но она што не е во ред е: кога владата потпишува договор спротивно на законска процедура, кога сака да распише референдум за договор што не е правно ратификуван (а планира да го стори тоа по секоја цена, па и со извршување кривично дело), кога води медиумска војна и хајка против неистомислениците, кои ги демонизира, прогласувајќи ги за русофили, странски платеници или националисти.
Тоа не е рамноправна битка, уште помалку демократска. Притоа, најавеното референдумско прашање е не „3 во 1“, туку „8 во 1“ (спротивно на здравиот разум и на законот за референдум), а референдумот ќе бил консултативен – спротивно на Уставот. Во такви околности, отпорот е единствена демократска опција. Бидејќи политичките партии се во еден перверзен „брак“, а „венчаницата“ им е декларација за влез во НАТО и ЕУ по секоја цена, тогаш доаѓаме до ситуација политичкиот Голијат да застане наспроти (народниот) Давид. За жал, четириесетина интелектуалци и професори од странски универзитети, кои очигледно ниту го прочитале договорот, ниту се информирани за состојбата, се приклучуваат кон специјалната војна против македонскиот граѓанин, објавувајќи писмо во британски „Гардијан“, во кое велат дека договорот МОРА да се испочитува, а сите што се против него се националисти и екстремисти. Обрачот се стега, тензиите растат, поларизацијата се продлабочува и сѐ навестува самоисполнувачко пророштво – сакајќи по секоја цена да дојдат до нова „успешна приказна“ и „политичка бајка“ ваквата кампања води кон спротивното. Наместо историски договор со кој се решава еден „конфликт“ (кој е всушност само еден обичен националистички и апсурден спор), нештата ќе резултираат во вистински конфликт – во кој Давид може и да победи, но Пирово.