Колку само беа далековиди нашите „шарени револуционери“ кога го уриваа Прометеј! Визионери беа и оние што му се нафрлија со прачки на споменикот на цар Душан! А, кога немаш статуа на некој диктатор од калибарот на Садам, мора да уриваш што се нашло при рака за да испратиш „револуционерна“ порака. Прометеј за малку ќе настрадаше затоа што беше поставен од „Николае“ и што некоја анонимна група на конзервативки/пуританки бараше дополнително да му се скрие машкоста. Нештата завршија како што завршија: со (само)разголување на хероината поради која се маршираше и со пад на рејтингот на правосудството до степен на статистичка грешка.
Правда ни за лек, ама затоа пацификацијата е на дело. „Полицијата на мислите“ покажува дека е жива и здрава, поведувајќи хајки против јавни личности затоа што се осмелиле да размислуваат со своја глава и да кажат нешта што погодуваат во нерв; целта на „трите минути омраза“ е дисциплинирање на јавноста. Според истражување на ИРИ, во регионов највисок страв да се зборува слободно постои во Македонија, за разлика од Косово со најголема слобода. Главата е наведната, кубурот заборавен (ако некогаш и постоел), молчењето е злато – инаку, кривична пријава ќе ви стегне фасадна НВО, која носи име што алудира на некаква меѓународна централа, без оглед што е обичен локален шериф, кој работи за Империјата. Ене ги, и за избори се подготвуваат среде пандемија само за да ги искористат шашмата и фактот дека на луѓето им е помил животот отколку политичките лажговци. Сепак, оваа колумна е продолжение на претходната за „обоената револуција“ во САД. Го погребаа нивниот „Мартин Нешковски“ на начин кој не само што е кичест (во златен ковчег ставија човек што цел живот минал на маргините) туку и политички профитабилен за Бајден, нивниот Заев. Иако го разбирам очајот на американските прогресивци, меѓу кои и Чомски, кои со сите сили се обидуваат да го спречат вториот мандат на претседателот, кој, меѓу другото, им препорача на болните од ковид-19 да пијат варакина; но она што не го разбирам е како е можно во „земјата на слободните“ досега да не се создаде вистинска алтернатива на Партијата на војните и Партијата на бизнисот (што се сведува на едно исто). Пред дваесетина години, кога предавав на Европскиот мировен универзитет во Австрија, западните студенти ме прашуваа како можат најдобро да помогнат за мирот на Балканот. Одговорот беше: „Останете дома, поработете таму! Сменете го системот заснован на насилство, кој е штетен и за вас и за нас. Јас не можам да гласам за вашиот претседател или конгрес, а од нив ми зависи не само иднината туку и животот. И не само на Балканот.“
Смртта на Џорџ Флојд послужи како катализатор на веќе почнати процеси. И како што кризата со ковид-19 ги покажа сите длабоки контрадикции на капитализмот на катастрофите, така и овој чин обезбеди изблик на сета акумулирана општествена фрустрација. Но на површина излегоа и сите демони. На ред се спомениците, и тоа не само во САД и во Британија туку бранот се шири сѐ до Гана (каде што го урнаа Ганди како расист). Во Белгија се уриваат спомен-обележја на кралот Леополд, одамна познат злосторник одговорен за геноцид на милиони во Конго. Черчил доживеа во Британија да му залепат дека бил расист, а споменици на некогашни трговци со робови завршуваат во канали. На прв поглед ова е навистина антиимперијалистички чин на соочување со минатото, и тоа во земји чии елити обично овој концепт им го продаваа(т) на неразвиените постконфликтни општества (вклучувајќи нѐ и нам, на Балканот). На момент изгледа возбудливо да се види како се буди заспаната убавица на западните општества (зарем досега не знаеја за Леополд, побогу?), кои навидум стануваат свесни за неправдите сторени на „другите“ во име на нивниот империјален развој.
Спомениците се само еден од најмаркантните облици на глорификација на насилството, она што ние во теоријата го нарекуваме културно насилство. Ако сакате пример од поблиското опкружување, сето тоа се наоѓа токму на онаа фотографија на министерката за одбрана со бившиот командант на ОНА, сега градоначалник на Кичево. Но, да се разбереме, тоа се и Воинот, и Гемиџиите, и Ќосето, и Тито… Е, дури сега станува јасно колку е сензитивно ова прашање, бидејќи суштината на проблемот е во прашањето: КОЈ одлучува за тоа кој споменик/симбол треба да се отстрани и ЗОШТО? Историските читанки во светот се преполни со воени херои, политички лидери и војсководци, затоа што националните истории повеќе акцент ставаат на воената страна на историјата отколку на социјалната. За жал, американското општество што го имаше Хауард Зин, авторот на извонредната „Народна историја на САД“, не научи ништо, а другите дури и немаат личности како Зин што кон историјата нема да се однесуваат како кон самопослуга.
Како и секогаш кога во име на највисоки морални идеали се мобилизира толпа, таа си го присвојува моментот (carpe diem) и одлучува кој треба да се урне и што/кој навредува нечии чувства или права. Не запираат на споменици, туку на ред се цртани филмови, уметнички дела, речници… Сѐ навестува нова „културна револуција“ – во име на иднината, во име на новите вредности, а со елиминирање на сѐ што не се вклопува во новиот ментален склоп. Најчесто таквите потфати завршуваат како самоисполнувачко пророштво, со нова диктатура врз телото и умот, како нова атака на слободата во име на слободата. Ова што се одвива сега, добива и комични форми на самоцензура: лондонски музеј отстранува споменик на една лоша историска личност затоа што управата оценила дека тој е историски срам; филмските платформи ги „прочистуваат“ листите на достапни филмови што се политички некоректни; уредници „прочистуваат“ изрази што имплицирале расизам (како „црна листа“?!). Јабана отиде и филмот „Однесено со виорот“ (книгата уште не е запалена), иако за него е врзан и првиот „оскар“ за споредна улога на афроамериканска глумица. Отстранувањето на спомениците на благородници и на Колумбо не вознемирува поради нивното историско наследство, но прашањето е колку далеку ќе се оди. По кои критериуми ќе им се одмаздуваме на културно-историските споменици? Ќе се урива ли Версај (кој ја преживеа и Француската револуција и е денес музеј)? Ќе се уриваат ли пирамидите, Кинескиот ѕид, или мостот над Дрина или Вардар од Отоманската Империја? Во сите нив се вградени мориња пот, крв и солзи. Станува ли талибанизмот „тренди“?
Ваквото справување со минатото и со културата на насилство е шарада и вентил за изразување на гневот. Евентуалните козметички промени на длабоко неправедниот систем не се доволни, а ни трајни. Не е трагично тоа што споменикот на Леополд стоел исправен толку долго, туку што за неговите злосторства не се учи во училиштата, а што во белгиското, како и во многу западни општества (вклучувајќи ги и француското, германското, холандското) сѐ уште постојат дискриминација и системско насилство (покрај културното). Дали мислат дека на овој начин ќе ја исправат историската неправда кон сите земји, региони и континенти што биле базата врз која тие денес уживаат во благосостојба? Ќе им се извинат ли? Ќе побараат ли нивните лидери прошка? Ќе формираат ли заеднички историски комисии, како што тоа под принуда го направи Македонија? И, што од тоа? Сѐ се враќа, сѐ се плаќа – ама само во песните и приказните. Никој, па ни најправдољубивите демонстранти не можат да го вратат времето и да ги исправат неправдите. Ова што го прават е фарса што ќе заврши како „Чекајќи го Годо“. Уништувањето на симболите од минатото е божемен начин да се решат проблемите од сегашноста. Всушност, „генијалната“ идеја за распуштање на полицијата им оди на рака повторно на богатите, на приватната безбедност и на политичари како Трамп.
Ние („само“) ги избрусивме спомениците на партизаните за да не се види дека паднале од бугарски куршум. Кога неуспешно го уриваа Прометеј, шарените платеници постапија во согласност со идеологијата на нивните господари. Бидејќи токму Прометеј (дури и кога е претставен неестетски и со понижувачка престилка околу колковите) е симболот на отпорот спрема „боговите“. Затоа, според легендата, бил сурово казнет. Уривањето споменици е најлесниот начин за смирување на лошата (колективна) совест, а додека гневот се празни врз спомениците, Волстрит и Сити оф Лондон не само што се безбедни туку и акциите на берзата растат. Прво беше обоената револуција, сега следува културната.